МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС
(23 – 29 август: Дефиниција на чистата вера)
„Татко на бедните, застапник на странците.“ (Јов 29:16; Библија)
Од ова јасно произлегува дека Јов ја имал онаа правда која Христос ја препорачува и бара. Духот на љубов и сочувство кон сиромашните и неволните, луѓето можат да го поседуваат благодарејќи Му само на Христа. Тој се спуштил до најголемите длабочини на понизност, и бил послушен до самата смрт, и тоа смрт на крст, за да нѐ воздигне до сонаследници на славата која само Нему Му припаѓа. Во она што Самиот Христос може да го даде, секој човек на овој свет е сиромав. Тој Своите добра никогаш не ги ускратува на оние кои Му се обраќаат за помош. Тој не се поставува како што тоа мнозина го прават денес, велејќи: „Не ме вознемирувај со своите барања. Јас своите средства ги вложив во куќи и имот.“ Христос, Величеството на небото, го оставил целиот сјај на небесните дворови за преку милоста и добрината на Своето срце практично да го покаже Татковиот карактер пред луѓето на овој свет.
Ублажувањето на потребите на сиромашните и унесреќените е најдобриот пат за нив да ја разберат Божјата љубов и милост. Навистина, нема подобар начин за да сознаат каков сочувствителен и добар Татко имаат на небото.
Најнапред олеснете ги и задоволете ги секојдневните потреби на сиромашните и неволните, и ублажете ги нивните телесни страдања, и тогаш ќе најдете пристап до нивното срце, сеејќи го во него доброто семе на верата.
Во оние земји и краеви каде населението е најсиромашно, Евангелието најчесто наидува на најљубезен прием. Вистината на Божјата Реч влегува во колибите на најсиромашните и ги осветлува нивните скромни и непривлечни домови.
Така блескавите зраци на Сонцето на правдата донесуваат радост за болните и напатените. Овде тогаш се наоѓаат и Божјите ангели. Оние кои некогаш биле одвратни и отфрлени, сега, благодарејќи ѝ на верата и простувањето, се воздигаат до достоинство на синови и ќерки Божји.
Христијанството е утеха и надеж за сиромашните.