МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС
(23 – 29 август: Дефиниција на чистата вера)
„Учете се на добри дела: стремете се кон правдата, притекнете му на помош на угнетуваниот, помогнете му на сирачето до правдата, заземете се за вдовицата.“ (Исаија 1:17; Библија)
Христос, нашиот драг Спасител и човеков совршен Пример, бил цврст како карпа кога биле во прашање вистината и должноста, но Неговиот живот бил и совршена илустрација на вистинска учтивост. Неговиот карактер зрачел со добрина и благородност. Секогаш имал сочувствителен поглед и збор на утеха, и охрабрување за сиромашните и угнетените.
Кога ќе се сретнете со оние кои се оптоварени со грижа и потиштени, кои не знаат како себеси да си најдат олеснување и излез, настојувајте со сето срце да им помогнете. Не е Божја намера Неговите деца да се повлекуваат и да се затвораат во себе, не интересирајќи се за доброто на оние што се помалку среќни од нив. Да имаме на ум дека Христос умрел и за нив. Помирливоста и љубезноста ќе ви го отворат патот да им помогнете, да ја здобиете нивната доверба, влевајќи им надеж и храброст.
Никој нека не си дозволи поради своите работни обврски да го занемари човекољубието. Убавиот и топол збор, пријатниот поглед и достојното однесување се од големо значење. Во меѓусебните контакти со оние кои се навистина учтиви постои неодолива привлечност. Какво благотворно и охрабрувачко влијание може да изврши таквото однесување на оние кои се потиштени и скршени од страдањата, болеста, грижата и сиромаштијата! Зарем да им го ускратиме мелемот кој го донесува таквото однесување?
Секој чин на правда, сомилост и доброчинство одекнува во небото како мелодија. Оние кои прават дела на милосрдие, небесниот Татко од Својот престол добро ги гледа и ги вбројува во Своето најдрагоцено богатство. Секое добро дело направено кон сиромавиот и страдалникот се смета како да му е направено на Самиот Христос. Помагајќи им на сиромашните, сочувствувајќи со несреќните и угнетените, и грижејќи се за сирачињата, Му станувате сѐ посродни на Христа.