МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(23 – 29 август: Дефиниција на чистата вера)

„Ова е чиста и неизвалкана вера пред Бога и Таткото: да бидат посетувани сираците и вдовиците во нивните неволји, и самиот да се пази себеси непорочен од светот.“ (Јаков 1:27; Библија)

Од сите оние чиишто потреби го бараат нашето интересирање и внимание, вдовиците и сирачињата имаат најмногу право да го очекуваат нашето нежно сочувство и грижа.

Таткото, кој умира како верник, потпирајќи се на Божјите непоминливи ветувања, своите мили деца со полна доверба ги препушта на Негова грижа. Кој е начинот на кој Господ ќе се погрижи за таквите осамени и оставени деца? Тој сигурно нема да прави чуда пуштајќи мана од небото како на Израелците, ниту ќе праќа гаврани да им донесуваат храна како некогаш на Илија, туку сака да направи чудо во срцата на луѓето, уништувајќи ја себичноста од нив и претворајќи ги во извори на доброчинство. Љубовта на своите следбеници Тој ја проверува на таков начин што на нивна милост ја препушта грижата за неволните, осамените, сирачињата и вдовиците.

Многу мајки како вдовици, со своите деца останати без татко, храбро го поднесуваат своето двојно зголемено бреме. Со цел своите деца да ги задржат покрај себе и самите да се грижат за нив, тие често работат повеќе отколку што тоа го дозволуваат нивните сили. Тие имаат малку време за воспитување и поучување, и многу ретко им се укажува можност своите деца да ги опкружат со впечатоци што во нивниот живот би внеле зраци на светлина. Ним им е потребно охрабрување, љубов и вистинска помош. Бог нѐ повикува на таквите деца, со внимание и грижа од своја страна, да им го надокнадиме недостатокот од татковска грижа. На мајката оптоварена со грижи должни сме да ѝ понудиме потпора. Во куќите, кои се снабдени со целото можно изобилоство, во оставите и житниците полни со плодови од богатата жетва, во магацините полни со животни намирници, во сефовите полни со злато и сребро, Бог предвидел средства со кои треба да се потпомагаат оние што се во оскудица.

Христос смета дека Неговите заповеди ги почитуваат оние кои искажуваат милостивост кон сиромашните, кон вдовиците и сирачињата, и таквите ќе го наследат вечниот живот.

Pin It on Pinterest