МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС
(2 – 8 август: Спасените треба да служат)
„Кој се даде Самиот Себе место нас, за да нè избави од секакво беззаконие и да очисти за Себе сопствен народ, кој Му припаѓа, кој ревнува за добрите дела.“ (Тит 2:14; Библија)
Христовите следбеници се искупени за да ѝ се посветат на службата. Нашиот Господ учи дека службата е целта на животот. Самиот Христос бил неуморен работник, и на сите Свои следбеници, Тој, служењето на Бога им го поставува како животна задача. Претставата за животот што Христос ја истакнува овде е поголема од сето она што светот до тогаш го имал. Само со живот потполно посветен на служба за другите, човекот доаѓа во вистинска врска со Христа. Законот на службата станува спојна алка во синџирот што нѐ врзува, и за Бога, и за нашите ближни.
На Своите слуги Христос им го доверува „Своето богатство“ – нешто што сите треба да го искористат и употребат за Него. Тој секому му ја дава Својата работа. Секој поединец има место во Божјиот вечен план. Сите сме обврзани да сораборуваме со Христа во спасувањето на душите. Како што е сигурно дека во небесните дворови ни е обезбедено место, исто така е сигурно дека и овде на земјата секој има свое определено место, за да можеме да работиме за Бога. Сите оние што сакаат да бидат Божји соработници мораат да тежнеат кон совршенство на секој орган од своето тело, и секоја особина на својата душа. Вистинското воспитување претставува припрема на физичките, умните и моралните сили за извршување на секоја должност – увежбување на телото, умот и душата за служба на Бога.
Од секој христијанин Бог бара постојано да ги развива своите способности и можности на создавање во сите области на животот. Христос однапред ја платил нашата служба со Својата крв, со Своите страдања, и Тој со право очекува со драга волја и со љубов да Му служиме. Тој дошол на овој свет со личен пример да ни покаже како треба да работиме и во каков дух. Тој сака најсериозно да размислуваме за тоа, како на најдобар начин да го вршиме Неговото дело во светот, изразувајќи на тој начин најголема чест, љубов и верност кон Оној, Кој „толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој, кој верува во Него, да не загине, туку да има вечен живот“. (Јован 3:16; Библија)