(продолжува од претходниот ден) Петар, секогаш подготвен да зборува, рекол: „Учителе, мноштво народ те турка и те притиска.“ Исус одговорил: „Некој ме допре, зашто почувствував како од мене излезе сила.“ Спасителот можел да го разликува допирот на верата од обичниот допир на невнимателното мноштво. Ваквата доверба не смее да остане незабележана. На оваа понизна жена сакал да ѝ упати зборови на утеха што за неа ќе бидат извор на радост зборови што ќе бидат благослов за неговите службеници сè до крајот на времето.

Гледајќи кон жената, Исус настојувал да дознае кој го допрел. Увидувајќи дека притајувањето е напразно, таа, тресејќи се, истапила напред и се фрлила пред неговите нозе. Со солзи благодарници ги опишала своите страдања и како се исцелила. Исус нежно ѝ рекол: „Охрабри се, ќерко. Твојата вера те исцели. Оди си со мир!“ Не дал можност за суеверие во кое исцелувањето би се сметало за подарено поради самиот чин на допирот на неговата облека. Исцелувањето е постигнато не со самиот допир со него, туку со верата што се фатила за неговата божествена сила.

Зачуденото мноштво што се туркало околу Исуса не препознало никакво струење на животната сила. Меѓутоа, кога болната жена ја протегнала раката и го допрела, верувајќи дека ќе оздрави, почувствувала исцелувачка сила. Така е и во духовниот живот. Да се зборува површно за верата, да се моли без душевен глад и без жива вера, не вреди ништо. Формалната вера во Христа што го прифаќа само како Спасител на светот не може никогаш да ја исцели душата. Верата што спасува не е само согласување на разумот со вистината. Оној што чека да стекне целосно знаење пред да покаже вера, не може да прими благослов од Бога. Не е доволно само да се верува за Христа; ние мораме да веруваме во него. Единствена вера што ќе ни користи е онаа што го прифаќа Христа како личен Спасител, што ги усвојува неговите заслуги. Мнозина сметаат дека верата е одредено мислење. Спасоносната вера е спогодба според која, оние што ќе го примат Христа, сами стапуваат во заветен однос со Бога. Вистинската вера е живот. Живата вера значи зголемување на животната сила, целосна доверба со чијашто помош душата станува победоносна сила.

По исцелувањето на жената, Исус сакал таа да го објави благословот што го примила. Даровите што ги нуди евангелието не смеат да се примаат крадешкум или да се уживаат во тајност. Господ нè повикува да ја признаеме неговата доброта: „Вие сте ми сведоци, вели Господ, а јас сум Бог“ (Исаија 43,12).

Нашето признавање на неговата верност е избрано небесно средство за откривање на Христа пред светот. Ние треба да ја препознаеме неговата милост онака како што ја објавиле светите луѓе во минатото; но најделотворно од сè е сведоштвото на нашето лично искуство. Ние сме Божји сведоци додека во себе го откриваме дејствувањето на божествената сила. Секој поединец има живот што се изделува од сите други и искуство што суштински се разликува од нивното. Бог сака нашата благодарност да се издигнува кон него обележана со нашата посебност. Тие и таквите драгоцени сведоштва за убавината на неговата милост, поддржани со христијанскиот живот, имаат неодолива сила што дејствува за спасение на душите.

Кога десетте лепрозни дошле кај Исуса да ги излечи, им наложил да одат и да им се покажат на свештениците. Попат но се исчистиле; но само еден од нив се вратил да му даде слава. Другите си заминале, заборавајќи го Оној што ги излекувал. Колку многу има такви кои сè уште постапуваат така! Господ постојано дејствува во полза на човечкиот род. Тој секогаш ги дава своите дарови. Тој ги подига болните изне моштени на постела, ги ослободува луѓето од опасностите што не ги гледаат, ги праќа небесните ангели да ги сочуваат од несреќи, да ги заштитат од „чума што се притајува во мрак“ и од „епидемија што пусти на пладне“ (Псалм 91,6); но нивните срца остануваат недопрени. Тој ги дал сите небесни богатства да ги откупи, па сепак се рамнодушни кон неговата голема љубов. Со својата неблагодарност ги затвораат срцата пред Божјата милост. Како пустинско трње, тие не чувствуваат кога ќе дојде добро и нивните души населуваат суви места во пустина.

За наше лично добро е живо да си спомнуваме за секој Божји дар. Така верата се засилува да бара и да прима сè повеќе и повеќе. За нас поголемо охрабрување се наоѓа во најмалечкиот благослов што сме го примиле лично од Бога отколку во сите извештаи што можеме да ги читаме за верата и за искуството на другите. Душата што се оѕвива на Божјата милост ќе биде слична на залеана градина. Нејзиното здравје бргу ќе процути; нејзината светлина ќе засвети во темнина и на неа ќе се види Господовата слава. Тогаш да си спомнеме за големата Божја наклоност и љубов и за богатството на неговата нежна милост. Како и израелскиот народ, да ги поставиме нашите камења за спомен и на нив да ја напишеме драгоцената историја за тоа што сторил Бог за нас. Додека го разгледуваме неговото постапување кон нас на нашето патување низ овој свет, да изјавиме од срце омекнато со благодарност: „Како да му се оддолжам на Господа за сета негова добрина? Чашата на спасението ќе ја кренам и името Господово ќе го призивам. Тоа што му го ветив на Господа, пред сиот негов народ ќе го исполнам!“ (Псалм 116,12­-14).

Pin It on Pinterest