Синовите на Јосифа ни најмалку не биле наклонети кон Исуса во неговото дело. Извештаите што допирале до нив за неговиот живот и дела ги исполнувале со чудење и со страв. Чуле дека цели ноќи поминува на молитва, дека преку ден го следи мноштво луѓе и дека нема време ниту да јаде. Неговите пријатели сметале дека со својата непрекината работа се исцрпува; не можеле да го разберат неговиот став кон фарисеите, а имало и такви кои се плашеле да не е поместен од умот.
Неговите браќа го чуле ова, а исто така и фарисејското обвинување дека ѓаволите ги истерува со сатанска сила. Тешко ги поднесувале прекорите што доаѓале до нив поради нивното роднинство со Исуса. Знаеле каков метеж создале неговите зборови и дела, и не само што биле вознемирени со неговите смели тврдења, туку биле и лути поради тоа што јавно ги обвинил закониците и фарисеите. Решиле да го уверат или да го присилат да престане со таков начин на работа, па ја навеле Марија да се здружи со нив, сметајќи дека поради неговата љубов кон неа ќе можат да го наговорат да биде поразумен.
Непосредно пред тоа Исус по вторпат сторил чудо, исцелувајќи опседнат, слеп и нем човек и фарисеите го повториле обвинувањето: „Ѓаволите ги истерува со помош на кнезот на ѓаволите“ (Матеј 9,34). Христос јасно им рекол дека, припишувајќи му го делото на Светиот Дух на сатаната, самите се изделуваат од изворот на благословите. Оние што зборувале директно против Исуса, не распознавајќи го неговиот божествен карактер, можат да добијат проштавање, зашто со помош на Светиот Дух можат да ја увидат својата заблуда и да се покаат. Без оглед на тоа каков е гревот, ако душата се покае и поверува, вината е испрана со Христовата крв. Но оној што ќе го отфрли дејствувањето на Светиот Дух, се поставува таму каде што покајанието и верата не можат да допрат до него. Со својот Дух Бог работи врз срцето; кога луѓето намерно ќе го отфрлат Духот и кога ќе изјават дека Тој е од сатаната, го пресекуваат каналот преку кој Бог може да одржува врска со нив. Кога Духот засекогаш ќе се отфрли, тогаш не постои ништо повеќе што би можел Бог да стори за душата.
Фарисеите, на кои Исус им ја упатил оваа опомена, ни самите не верувале во обвинувањето што го изнеле против него. Немало ниту еден од тие достоинственици кој не чувствувал привлечност кон Спасителот. Во своите срца го чуле гласот на Духот кој го прогласувал за помазаник на Израел и кој ги поттикнувал и самите да признаат дека се негови ученици. Во светлината на неговото присуство ја сфатиле својата непосветеност и копнееле за праведност што самите не можеле да ја постигнат. Но, бидејќи го отфрлиле, би било премногу понижувачки да го прифатат како Месија. Бидејќи своите нозе ги поставиле на патеката на неверството, биле премногу горди да ја признаат својата заблуда. За да го избегнат признавањето на вистината, со очајна жестокост се обидувале да го оспорат учењето на Спасителот. Доказите на неговата моќ и милост ги довеле до очај. Не можеле да го спречат Спасителот да прави чудеса, не можеле да го замолкнат неговото учење; но правеле сè што можеле лажно да го претстават и да ги изопачат неговите зборови. Сепак, ги следел Божјиот Дух кој осведочува, па морале да подигнат многу бројни пречки за да ѝ се противстават на неговата сила. Со нив се борела најмоќната движечка сила што можела да го раздвижи човечкото срце, но тие не сакале да ѝ се покорат.
Бог не е тој кој им ги заслепува на луѓето очите или им го скаменува срцето. Тој им праќа светлина за да ги исправи нивните заблуди и да ги поведе по сигурни патеки; дури со отфрлањето на оваа светлина очите ослепуваат, а срцето се стврднува. Често овој ток е постепен и речиси незабележан. Светлината допира до душата преку Божјата реч, преку неговите слуги или со непосредно дејствување на неговиот Дух; но кога ќе се презре макар и еден зрачок на светлината, настанува делумно мртвило на духовните сетила, па следното откривање на светлината многу понејасно се распознава. Така темнината се зголемува, додека не настане ноќ во душата. Истото се случило со овие еврејски водачи. Биле уверени дека Христа го придружува божествена сила, но, за да ѝ се противстават на вистината, работата на Светиот Дух му ја припишувале на сатаната. Постапувајќи така, тие доброволно ја избрале измамата; му се покориле на сатаната и од сега биле под власт на таа сила. (продолжува)