Пророштвото што го наоѓаме во 14. глава на Откровението претставува појава на едно силно верско будење како резултат на проповедањето на веста за скорашното Христово доаѓање. Јован гледа ангел „како лета среде небото, кој имаше вечно евангелие за да им го објави на земните жители, на секој народ, племе, јазик и род“.
Тој со „силен глас“ ја објавува веста: „Бојте се од Бога и подајте му слава, зашто дојде часот на неговиот суд, и поклонете му се на Оној кој ги создаде небото и земјата, морето и водните извори“ (Откровение 14,6.7).
Значаен е фактот што ангел е орудие на кое му е доверена оваа вест со опомена. Божествената мудрост сакала со чистотата, со славата и силата на еден небесен весник да го прикаже возвишениот карактер на делото што треба да се изврши и силата и славата што ќе го придружуваат. А летот на ангелот „сред небото“, „силниот глас“ со кој се проповеда веста и нејзиното ширење меѓу сите „што живеат на земјата“ „на секој народ, племе, јазик и род“ ја покажуваат брзината со која се шири движењето и неговата светска распространетост.
Самата вест го открива времето кога ќе настане ова движење. Се кажува дека таа е дел на „вечното евангелие“ и дека го објавува почетокот на судот. Веста на спасението се проповедала во сите времиња, но таа вест е дел на евангелието што може да се објавува само во последните денови, зашто само тогаш можело да биде вистина дека настапил часот на судот. Пророштвата изнесуваат низа настани што се одигруваат до почетокот на судот. Ова е посебно случај со книгата на пророк Даниел . Но оној дел на своето пророштво што се однесува на последното време, Даниел морал да го затвори и да го запечати „до последното време“. Дури кога ќе настапи тоа време, ќе може да биде објавена веста за судот што се темели на исполнувањето на ова пророштво. Но, во ова последно време, вели пророкот, „мнозина ќе ја истражуваат (таа книга) и знаењето ќе се умножи“ (Даниел 12,4).
Апостол Павле ја опоменувал црквата Христовото доаѓање да не го очекува во неговите денови: „Тоа нема да се случи додека прво не настане отпад и не се појави човек на беззаконието, син на гибелта“ (2. Солуњаните 2,3). Дури по еден голем отпад и по едно долго владеење на таканаречениот „човек на беззаконието“ можеме да го очекуваме доаѓањето на нашиот Господ. „Човекот на беззаконието“ („човек на гревот“), наречен и „тајна на беззаконието“, „син на гибелта“ и „беззаконик“, го претставува папството кое, како што е кажано во пророштвото, ќе има превласт 1260 години. Ова време се завршило 1798 година. Христовото доаѓање не можело да се случи пред оваа година. Опомената на Павле го опфаќа целиот христијански период до 1798 година. Дури по оваа година требало да се проповеда веста за второто Христово доаѓање.
Таква вест никогаш не е објавена во минатото. Како што видовме, Павле не ја проповедал; тој своите браќа ги упатувал на Господовото доаѓање во далечна иднина. Реформаторите исто така не ја проповедале. Мартин Лутер судот го очекувал отприлика триста години по своето време. Но од 1798 година отпечатена е книгата на Даниел, пророштвото почнало сè повеќе да се сфаќа и мнозина ја објавувале свечената вест за скорашниот суд.
Како и големата реформација во шеснаесеттиот век, и адвентното движење се појавило истовремено во разни христијански земји. Во Европа и во Америка луѓе од вера и молитва почнале да ги проучуваат пророштвата и, проучувајќи ги вдахновените извештаи на Божјата реч, пронашле убедливи докази дека е близу крајот на сите работи. Во разни земји се појавиле осамени групи христијани кои, проучувајќи го Светото писмо, откриле дека доаѓањето на Спасителот е близу.
Во 1821 година, три години откако Милер ги разјаснил пророштвата што упатуваат на времето на судот, др Јосиф Волф, „светски мисионер“, почнал да го објавува скорашното Господово доаѓање. Волф бил роден во Германија, со еврејско потекло. Татко му бил рабин. Уште во својата рана младост Јосиф Волф се осведочил во вистинитоста на христијанската вера. Решителен и со мошне силен истражувачки дух, тој во својот родителски дом, каде што секојдневно се состанувале побожни Евреи, со големо интересирање ги слушал разговорите што ги воделе тие за надежите и за очекувањата на својот народ, за славата на Месија кој ќе дојде и за воспоставувањето на израелско царство. Еден ден, кога слушнал како го спомнуваат Исуса од Назарет, Јосиф прашал кој е тој. Му одговориле дека тој бил Евреин со мошне големи дарби, но бидејќи тврдел дека е Месија, еврејскиот суд го осудил на смрт. „Зошто“, прашал Јосиф, „зошто е разурнат Ерусалим и зошто ние сме во ропство?“ „Ах“, одговорил татко му, „затоа што Евреите ги убивале пророците.“ Наеднаш на момчето му светнала мислата: „Можеби Исус од Назарет бил пророк а Евреите го убиле иако бил невин“(Travels and Adventures of the Rev. Joseph Wolff, vol. 1, p. 6) Ова чувство било толку силно што, и покрај забраната да влезе во христијанската црква, сепак, често стоел пред врата за да слушне проповед. (продолжува)