(продолжува од претходниот ден) „Навистина е возвишен Господ, но Тој ги гледа понизните“ (Псалм 138,6). Бог нежно ги набљудува оние што го откриваат кроткиот и понизен Христов Дух. Светот може да ги гледа со презир, но во неговите очи тие имаат голема вредност. Пропусница за небесните дворови нема да добијат само мудрите, големите, доброчинителите; не само вредните работници, полни со ревност и со неуморна трудољубивост. Не! Ширум отворена врата ќе имаат сиромашните со дух кои копнееле Христос со своето присуство да живее во нив, кои имаат кротко срце, чијшто најдлабок копнеж е да ја извршуваат Божјата волја. Тие ќе бидат во бројот на оние што ја испрале и ја избелиле својата облека во крвта на Јагнето. „Затоа се пред Божјиот престол и му служат дење и ноќе во неговиот храм. А Оној што седи на престолот, ќе слезе и ќе живее меѓу нив“ (Откровение 7,15).
„Блазе на гладните и жедните за праведност.“
Чувството на недостојност ќе стори срцето да чувствува глад и жед за праведност и овој копнеж нема да биде изневерен. Оние што ќе направат место во срцето за Исуса, ќе ја сфатат неговата љубов. Сите што копнеат да бидат слични на Бога во карактерот, ќе го остварат копнежот. Светиот Дух никогаш нема да остави без помош ниту една душа што гледа во Исуса. Тој зема од она што е Христово и ѝ го дава нејзе. Ако нашиот поглед постојано е насочен кон Христа, работата на Духот нема да престане сè додека таа душа не се здобие со негов лик. Чистата љубов ќе ја прошири душата, оспособувајќи ја за повозвишени достигања, за зголемено знаење на небесните вредности, така што нема да биде лишена од полнотата. „Блазе на гладните и жедните за праведност, зашто ќе се наситат.“
Милостивите ќе најдат милост, а оние што имаат чисто срце ќе го видат Бога. Секоја нечиста мисла ја обесветува душата, ги ослабува моралните чувства и настојува да го избрише дејствувањето на Светиот Дух. Таа го затемнува духовниот вид за луѓето да не можат да го гледаат Бога. Господ може да прости и му проштава на грешникот што се кае, но иако му е простено, душата е повредена. Оној што сака јасно да ги разликува духовните вистини, мора да избегнува секоја нечистотија во говорот или во мислите.
Меѓутоа, Христовите зборови покриваат повеќе отколку само слобода од сетилната нечистотија, повеќе отколку слобода од церемонијалното сквернавење што Евреите толку строго го избегнувале. Себичноста нè спречува да го гледаме Бога. Себичниот дух Бога потполно го изедначува со себеси. Додека не го отфрлиме тоа, не можеме да го разбереме него кој е љубов. Само несебичното срце, кроткиот дух полн со доверба, ќе го види Бога како „милослив, жалослив, бавен на гнев и богат со милост и со љубов“ (2. Мојсеева 34,6).
„Блазе на миротворците.“ Вистината раѓа Христов мир. Тој е во хармонија со Бога. Светот е во непријателство со Божјиот закон; грешниците се во непријателство со својот Творец и како резултат на тоа, тие се во непријателство еден кон друг. Псалмистот изјавува: „Неизмерно спокојство имаат оние кои го љубат твојот закон тие од ништо нема да се сопнат“ (Псалм 119,165). Луѓето не можат да создадат мир. Човечките планови за исчистување и издигнување на поединците и општеството не успеваат да создадат мир, затоа што не допираат до срцето. Единствена сила што може да создаде и постојано да го одржува вистинскиот мир е Христовата милост. Кога таа е всадена во срцето, ќе бидат отстранети лошите склоности што предизвикуваат кавги и несогласија. „Место трње ќе расте кипарис, место коприва ќе никнува мирта“, а пустината на животот „ќе се весели… и ќе процути како трендафил“ (Исаија 55,13; 35,1).
Мноштвото било восхитено со ова учење кое толку многу се разликувало од правилата и примерот на фарисеите. Луѓето мислеле дека среќата се состои од поседување на световни добра, дека се мошне привлечни човечката слава и чест. Било многу пријатно за некого да се вика „рабин“ и да биде извишуван како мудар и побожен, а своите добродетели да ги покажува пред светот. Тоа се сметало за врвна среќа. Меѓутоа, во присуство на ова мноштво Исус изјавил дека земната добивка и чест ќе бидат сета награда што ќе ја добијат ваквите лица. Зборувал со сигурност и неговите зборови ги придружувала сила на осведочување. Народот притивнал, а над нив се надвиснало чувство на бојазливост. Сомничаво се гледале еден со друг. Кој од нив ќе биде спасен ако е точно учењето на овој Човек? Мнозина биле уверени дека овој извонреден Учител е поттикнат со Божјиот Дух, а мислите што ги изговара се божествени. (продолжува)