(продолжува од претходниот ден) Учените теолози ниту ја познавале ниту ја проповедале таа вистина. Кога би биле верни стражари, кога трудољубиво и со молитва би го проучувале Писмото, тие би го запознале времето на ноќта; од пророчката Реч би ги запознале настаните што треба да се одиграат. Но тие тоа не го сториле и поради нивната рамнодушност веста им е доверена на понизните луѓе. Исус рекол: „Одете додека ја имате светлината, за да не ве зафати темнината!“ (Јован 12,35). Тие што ќе ја напуштат светлината што им ја дал Бог или што ќе занемарат да ја бараат додека им е при рака, ќе бидат оставени во темнина. Исус изјавува: „Кој ме следи мене, нема да оди во темнина, туку ќе ја има светлината на животот“ (Јован 8,12). Оној што искрено ја бара Божјата волја и живее според светлината што ја има, ќе прими уште поголема светлина; на таа душа ќе ѝ биде пратена небесна ѕвезда со посебен сјај да ја води во секоја вистина.
Во времето на првото Христово доаѓање, свештениците и книжевниците на светиот град, на кои им бил доверен светиот залог на Божјите пророштва, можеле да ги препознаат знаците на времето и да го проповедаат доаѓањето на ветениот Месија. Пророкот Михеј го означил местото на Христовото доаѓање, а Даниел го објавил времето кога Месија ќе се појави (Михеј 5,2; Даниел 9,25). Бог тие пророштва им ги доверил на еврејските водачи. Тие не можеле да се оправдаат затоа што не знаеле и што не му објавиле на народот дека доаѓањето на Месија е пред врата. Нивното незнаење било последица на грешната немарност. Евреите им подигале споменици на убиените пророци, а додворувајќи им се на големите световни луѓе, им давале почести на слугите на сатаната. Проникнати со честољубие и со борба за положба и власт, наполно ја загубиле од вид Божјата чест што им ја понудил небесниот Цар.
Со длабока почит и со големо интересирање израелските водачи требало да го проучуваат местото, времето и околностите на најголемиот настан во историјата на светот доаѓањето на Божјиот Син за спасение на човекот. Сиот народ требало да биде буден и да чека за да биде меѓу првите што ќе му посакаат добредојде на Откупителот на светот. Но што гледаме? Во Витлеем двајца уморни патници, почнувајќи од назаретските ритчиња, по должината натесната улица сè до источниот крај на градот, напразно бараат одмор и преноќиште. Ниедна врата не се отвора да ги прими. Најпосле наоѓаат прибежиште во едно бедно засолниште наменето за добиток и тука се раѓа Спасителот на светот.
Ангелите ја виделе славата што ја делел Божјиот Син со Отецот на небото пред создавањето на светот и тие со жив интерес го очекувале неговото доаѓање на земјата, гледајќи во него најрадосен настан за сите народи. Била одредена чета ангели да им го објави доаѓањето на Месија на оние што се приготвиле таа вест да ја примат и радосно да им ја објават на земните жители. Христос се понизил во толкава мера што зел на себе човечка природа; требало на себе да ја земе неизмерната тежина на страдањата и својата душа да ја положи во откуп за гревот; сепак, ангелите сакале Синот на Севишниот, и покрај своето понижување, да дојде во крилото на човечкото семејство со достоинство и слава што прилега на неговата положба. Дали земните големци ќе се соберат во Ерусалим да го поздрават неговото доаѓање? Дали легиите ангели ќе му го претстават на народот што го чека?
Еден ангел ја посетил земјата за да види дали луѓето се приготвуваат да го пречекаат Исуса. Но не забележал никаков знак на очекување; не слушнал никаков глас на фалба и слава затоа што доаѓањето на Месија е пред врата. Ангелот извесно време се виел над избраниот град и над храмот каде што со векови се откривало Божјето присуство, но и тука владеела иста рамнодушност. Свештениците, раскошни и горди, принесувале во храмот осквернети жртви. Фарисеите му држеле на народот гласни говори и изговарале фаленички молитви по ќошињата на градските улици. Ниту во царските палати, ниту на собирите на филозофите, ниту во школите на рабините никаде никому не му било грижа за настанот што небото го исполнувал со радост и со похвални песни затоа што набргу на земјата ќе се појави Спасителот на човештвото.
Никаде не можел да забележи никаков знак дека се очекува Христовото доаѓање; никој не се приготвувал да го прими Кнезот на животот. Изненаден, небесниот весник штотуку се приготвувал да се врати на небото со срамен извештај, кога наеднаш забележал група пастири како ноќе ги чуваат своите стада. Посматрајќи го ѕвезденото небо, тие разговарале за пророштвата за Месија кој треба да дојде на земјата и копнееле за доаѓањето на Откупителот на светот. Овде се наоѓала група луѓе, подготвени да ја примат веста од небото. Одненадеж се појавил ангелот и им ја објавил радосната вест. Низината ја преплавила небесна светлина; тогаш се појавило мноштво ангели и радоста како да била премногу голема за да може да ја објави само еден небесен весник, мноштво гласови запеале песна што еден ден ќе ја пеат избраните од сите народи: „Слава на Бога во височините, а на земјата мир и меѓу луѓето добра волја!“ (Лука 2,14) (продолжува)