МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС
(5 – 11 јули: Благодетите на општествениот живот)
„Зборови кажани во право време, се златни јаболки во сребрени садови.“ (Пословици 25:11; Библија)
Кога како гост бил на некоја гозба, Христос го насочувал текот на разговорот и кажувал многу драгоцени поуки. Присутните со задоволство Го слушале, затоа што токму Тој ги исцелил од нивната болест, ги утешил во нивната тага и ги земал во прегратки нивните деца. Цариниците и грешниците биле привлечени кон Него, и додека зборувал, нивното внимание било просто заковано за Него.
Христос ги учел Своите ученици како да се однесуваат во јавниот живот. Ги упатувал на тоа, дека должностите и правилата на општествениот живот се важни исто како и законите на Божјото царство. Со пример ги учел, кога ќе се најдат на некој јавен собир, дека не треба да бидат брзи и наметливи за да кажат нешто. Неговите разговори, кога се наоѓал на гозба, впечатливо се разликувале од сето она што можело вообичаено да се слушне на такви места. Секој Негов збор бил мирис на животот за живот. Неговите зборови навистина биле како златни јаболки во сребрени садови.
Да се разговара со Христа – колку ли драгоцена е таа помисла? Таквиот разговор е наша секојдневна предност. Кога учениците, коишто биле први повикани од Исуса, ги слушнале Неговите зборови, тие почувствувале потреба да бидат со Него. Се потрудиле да Го пронајдат, тргнале по Него. Биле во непосреден контакт со Него во куќата, крај трпезата, во собата на молитва и на отворено во природа. Биле со Него како ученици со Својот учител, примајќи секојдневно поуки од Неговите усни за светите вистини. Гледале во Него како што слугите гледаат во својот господар, Му служеле радосно и од цело срце.
Со право треба да му придаваме голема важност на своето дружење. Ние можеме да направиме тоа да биде пријатно и корисно, но ниедно дружење не е така драгоцено како, кога ограничениот смртник доаѓа во врска со неограничениот Творец. Кога ќе оствариме такво единство, Христовите зборови остануваат во нас. Резултат на тоа ќе биде чисто срце, промислен живот и беспрекорен карактер. Но на Христа, нашиот беспрекорен пример, можеме да станеме слични само ако со постојано дружење се запознаваме со Него.