(продолжува од претходниот ден) Кога Мојсеј се приготвувал да го гради шаторот за состанок како Божје престојувалиште, добил упатства сите работи да ги направи според мострата што му била покажана на гората. Мојсеј ревносно се дал на работа да ја изврши Божјата задача; најталентираните, највештите луѓе му биле при рака да ги спроведат неговите предлози. Сепак, секое ѕвонче, секое јаболче, секоја ресичка, секој раб, секоја завеса или кој и да било сад во светилиштето, требало да ги направи наполно сообразно со сликата што му е покажана. Бог го повикал на гората и му ги открил небесните работи. Господ го осветлил со својата слава за да може да ја види мострата според која се направени сите предмети. Така на Израел, во чијашто средина сакал да направи свое престојувалиште, му го открил својот славен идеал на карактерот. Мострата им е покажана на планината, кога е даден законот на Синај и кога Господ, поминувајќи пред Мојсеја, изјавил: „Господ, Господ, Бог милослив, жалослив, бавен на гнев, богат со љубов и со верност, им укажува милост на илјадници, ги проштава беззаконијата, неправдите и гревовите“ (2. Мојсеева 34,6.7).
Израел избрал сопствен пат. Тој не ѕидал според моделот; но вистинскиот храм за Божје престојувалиште, Христос, обликувал секоја подробност од својот земен живот сообразно со Божјиот идеал. Тој рекол: „Мило ми е, Господе, да ја извршувам волјата твоја, законот твој го носам длабоко во срцето“ (Псалм 40,8). Така нашиот карактер треба да прерасне во Духот во „Божје живеалиште“ (Ефесците 2,22). Мораме да направиме „сè според мострата“ токму на Оној кој „пострада за нас и нам ни остави пример да одиме по неговите стапки“ (Евреите 8,5; 1. Петрово 2,21).
Христовите зборови нè учат себеси да се сметаме за нераскинливо поврзани со нашиот небесен Отец. Каква и да е нашата положба, ние зависиме од Бога кој сите судбини ги држи во свои раце. Тој ни одредил работа и нè надарил со способности и со средства за таа работа. Сè додека ѝ се потчинуваме на Божјата волја и се потпираме врз неговата сила и мудрост, ќе бидеме водени по сигурни патеки за да го исполниме својот дел што ни е одреден во неговиот голем план. Меѓутоа, човек што се потпира врз своја мудрост и сила, се одвојува од Бога. Наместо да работи во единство со Христа, тој ги исполнува целите на непријателот на Бога и на човекот.
Спасителот продолжил: „Она што го прави Отецот го прави и Синот… Како Отецот што воскреснува мртви и ги оживува, така и Синот ги оживува оние кои сака.“ Садукеите сметале дека нема воскресение во тело; но Исус им рекол дека едно од најголемите дела на неговиот Отец е воскреснувањето на мртвите и дека и самиот Тој има сила да воскреснува мртви. „Иде часот, и веќе е тука, кога мртвите ќе го чујат гласот на Божјиот Син, и оние што ќе го чујат, ќе оживеат.“ Фарисеите верувале во воскресение на мртвите. Христос изјавува дека и сега меѓу нив е силата што им дава живот на мртвите, и дека тие ќе го видат нејзиното дејство. Истата сила на воскресение им дава живот на душите што се „мртви поради своите престапи и гревови“ (Ефесците 2,1). Тој дух на животот во Исуса Христа, „силата на неговото воскресение”, ги ослободува луѓето „од законот на гревот и смртта“ (Филипјаните 3,10; Римјаните 8,2). Надмоќта на злото е урната и душата со вера се пази од гревот. Оној што своето срце му го отвора на Христовиот Дух ја користи таа моќ на сила што ќе го подигне неговото тело од гробот.
Понизниот Назареќанец го потврдил своето вистинско возвишено потекло. Тој, на кого ангелите му укажувале почит, Божјиот Син, едно со Творецот на вселената, се открил издигнувајќи се над човечката природа и отфрлајќи ја појавата на гревот и срамот. Неговите слушатели биле восхитени. Ниеден човек никогаш не изговарал зборови какви што биле неговите ниту се однесувал со такво царско достоинство. Неговото кажување е јасно и едноставно и во целост ја објавува неговата задача и должност на светот. „Зашто Отецот не му суди никому, туку сиот суд му го отстапи на Синот, за да го почитуваат сите Синот, како што го почитуваат Отецот. Оној што не го почитува Синот, не го почитува ни Отецот кој го прати… Зашто, како Отецот што има живот во себе, така му даде и на Синот да има живот во себе. Му даде и власт да суди, зашто е Син човечки.“
Свештениците и поглаварите се поставиле како судии да ја осудат Христовата работа, но Христос изјавил дека Тој е нивни судија и судија на цела земја. Светот му е доверен на Христа и преку него на паднатиот човечки род му доаѓале сите благослови од Бога. Тој бил Откупител пред и по своето отелотворување. Во мигот кога се појавил гревот, тука бил и Спасителот. Им дал светлина и живот на сите и секому ќе му биде судено според мерката на дадената светлина. Тој, кој дал светлина, кој ја следел душата со најнежни повици, настојувајќи да ја доведе од гревот во светост, истовремено е и Застапник и Судија. Од избувнувањето на големата борба на небото, сатаната своето дело го одржувал со измама, а Христос настојувал да ги обелодени неговите планови и да ја скрши неговата сила. Тој бил Оној што застанал наспроти измамникот и кој низ сите векови сакал да ги оттргне заробените од неговата власт. Тој е Оној ист што ќе му изрече суд на секое суштество. (продолжува)