МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС
(28 – 30 јуни: Христос е секогаш покрај тебе)
„Не бој се, зашто Јас те откупив; те повикав по име, ти си Мој.“ (Исаија 43:1; Библија)
Нашите искушенија често се толку тешки што ни изгледаат неподносливи. Ако не се потпреме на Бога, притиснати од мачниот товар на грижите и одговорностите, коишто ни донесуваат само тага и болка, ние сигурно ќе подлегнеме. Но доколку се надеваме на Христа, нема да подлегнеме ниту во едно искушение. Кога сѐ изгледа мрачно и необјасниво, токму тогаш треба да веруваме во Неговата љубов и да ги повторуваме охрабрувачките зборови кои Тој ни ги упатува на нашата душа: „Ти сега не знаеш што правам Јас, но после ќе разбереш.“ (Јован 13:7; Библија)
Не однесувајте се како Христос да е во Јосифовиот гроб, во гробот на чијшто влез се наоѓа голем камен. Во искушувањето на својата вера покажете дека знаете дека имате воскреснат Спасител, Оној, Кој посредува за вас кај Таткото.
Одговорноста за нашата среќа, Библијата ја става на нас самите. Треба постојано да гледаме во Оној, Кој е светлина на животот. Нашата корисност зависи од начинот на нашето однесување.
Сите ние копнееме по среќа, но многумина ретко ја наоѓаат затоа што во потрагата по истата, наместо да вложуваат одлучни напори, се користат со погрешни методи. Кон своите најсесрдни напори вложени во тој правец и кон своите најдобри желби, мораме да ја придодадеме и верата. Тогаш среќата и нам ќе ни се насмевне скоро без никаков труд од наша страна. Кога ние, и покрај неповолните околности, останеме смирени во Неговата љубов, заштитувајќи се позади Него и наоѓајќи сигурност во Неговата добрина, свеста за Неговото присуство ни донесува траен мир, спокојство и радост. Такво искуство се стекнува со вера која нѐ оспособува, не само да не негодуваме и да не се грижиме, туку и да се потпреме на силата што е бесконечна.
Христос секогаш ќе биде покрај нас и ќе нѐ штити силата на Семоќниот. Кога ќе наидат искушенија, Бог ќе ни даде сила победоносно да им се спротивставиме.