МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС
(21 – 27 јуни: Емоционалната зрелост донесува среќа)
„Никогаш нема да се поколеба, праведникот ќе биде во вечен спомен. Не ќе се плаши од лоши вести, мирно е неговото срце надевајќи се на Господа.“ (Псалм 112:6.7; Библија)
Бог во Својата Реч – Библијата дал доволно докази за нејзиниот божествен карактер. Големите вистини коишто се однесуваат на нашето искупување се јасно изложени. Секој може сам за себе, со помош на Светиот Дух, којшто им е ветен на сите оние коишто искрено ќе Го побараат, да ги разбере овие вистини.
Меѓутоа, ограничениот човечки ум не може во потполност да ги сфати плановите и намерите на Вечниот Бог. Со истражување никогаш не можеме да Го разбереме Бога. Да не се осудуваме, со дрска рака, да ја подигаме завесата позади која Тој го сокрива Своето величество. Размислувајќи за тоа, апостол Павле извикал: „Колку се недостижни Неговите судови и неиспитливи Неговите патишта!“ (Римјаните 11:33; Библија) Неговото постапување со нас и побудите според кои се раководи, можеме да ги разбереме до таа мера колку што е неопходно за да ја сфатиме Неговата безгранична љубов и милост, соединети со Неговата неизмерна сила. Нашиот небесен Татко во Својата премудрост праведно се погрижил за сѐ, и ние не смееме да бидеме незадоволни или недоверливи, туку треба да Му се предадеме во стравопочит и смиреност. Тој за Своите намери ќе ни открие толку колку што е потребно да знаеме за наше добро, а сѐ што е преку тоа мораме да го довериме на раката на Семоќниот, на срцето со бескрајна љубов.
Иако Бог дава доволно докази во прилог на верата, Тој никогаш нема да го отстрани секој изговор за неверување. Сите оние коишто бараат причина за сомнеж ќе ја најдат.
Недовербата кон Бога често се јавува во непрепороденото и необновеното срце, во срцето коешто е во непријателство со Него. Меѓутоа, верата во душата ја буди и поттикнува Светиот Дух, и таа ќе се развива само доколку се негува. Без одлучни и истрајни напори од своја страна, никој не може да стане силен во верата. Безбедни можеме да бидеме само ако во понизност потполно се надеваме во Бога, покорувајќи им се на сите Негови заповеди.