МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС
(21 – 27 јуни: Емоционалната зрелост донесува среќа)
„Зашто кој сака да го љуби животот и да види добри денови, нека го воздржи својот јазик од зло и своите усни од измамливо зборување; нека се отстрани од злото и нека прави добро, нека бара мир и нека го следи.“ (1 Петрово 3:10.11; Библија)
Кога устата постојано би се чувала да не ја сквернави никакво лукавство, колку патила, понижувања и секакви зла би можеле да бидат спречени! Кога не би изговориле ниеден збор којшто би можел некого да навреди, со исклучок при неизбежната осуда на гревот, за Бог да не биде обесчестен, колку ли неслоги, горчини и болки би можеле да бидат избегнати! Кога би изговарале само зборови кои поттикнуваат пријатно расположение, надеж и вера во Бога, со каква светлост би можел да биде осветлен патот на другите, со светлина што уште поблескави зраци би се огледале во нашата сопствена душа. Со планот на спасението, онака какошто тој ни е откриен во Светите списи (Библијата), отворен е пат по кој човекот може да си ја осигури среќата и да си ги продолжи своите денови на оваа земја, но исто така и да добие одобрување од небото и иден живот кој по своето траење може да се мери со Божјиот живот. Мнозина, поради тешкотиите и нелагодностите што мораат да ги поднесат, се жалат на Провидението, додека тоа се всушност неизбежни последици на нивното постапување. Тие сметаат дека Бог ги казнува со болест, додека, всушност, самите тие се причина за болеста што ги мачи. Нашиот добар и милостив небесен Татко поставил закони кои, доколку им се покоруваме, ни обезбедуваат физичко, умно и морално здравје.
Бог бара од нас, својата волја да Му ја потчиниме на Неговата, но Тој не бара да се одречеме од било што, што е за наше добро. Никој не може да биде среќен додека својот живот го посветува на себичните задоволства. Патот на послушноста кон Бога е најбезбедниот пат по кој треба да продолжиме, затоа што ни носи мир, задоволство и среќа како сигурни резултати.
Кога луѓето би се поставиле во правилен однос кон Бога, слушајќи ги советите дадени во Неговата Реч – Библијата, би избегнале безбројни опасности и би искусиле мир и задоволство, што животот би го исполниле со радост, а не со товар.