МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС
(14 – 20 јуни: Приодите до среќата секогаш достапни)
„Ако се љубиме еден со друг, Бог останува во нас и Неговата љубов стана совршена во нас.“ (1 Јованово 4:12; Библија)
Да настојуваме со нежно меѓусебно однесување атмосферата во својот дом да ја направиме што е можно попријатна.
Домот за нас секогаш треба да биде средиште на најчистите и најблагородните чувства. Мирот, потполната хармонија, љубовта и задоволството треба истрајно да ги негуваме секој ден, сѐ додека тие драгоцени особини не им станат својствени на сите што го сочинуваат семејството.
Причината што во светот денес има толку многу безчувствителни луѓе е во тоа што вистинската чувствителност се смета за слабост и затоа што систематски се потиснува и гуши. Подобриот дел на природата на личностите со такви склоности се изопачува и закржлавува уште во детството, и ако зраците на божествената светлина не ги затоплат нивното студенило и нивната закоравена себичност, нивната среќа ќе биде засекогаш закопана.
Ако сакаме да имаме нежност на срцето каква што имал Исус кога бил на оваа земја, и света наклоност каква што покажуваат ангелите кон грешните смртници, тогаш мораме да имаме таква љубов и наклоност каква што им е својствена на малите деца – особини коишто сами по себе се сосема едноставни.
Пофалете ги своите деца секогаш кога тоа е можно. Настојувајте да им го направите животот што посреќен. Со изрази на љубов и сочувство облагородете го тлото на нивното срце, припремајќи го за семето на вистината. Имајте на ум дека Господ на земјата не ѝ дава само облаци и дожд, туку и прекрасни сончеви зраци коишто прават семето да ‘рти, расте и цвета.
Еден поглед на одобрување, еден збор на признание или пофалба допираат до детското срце како сончев зрак, и често го прават среќно во текот на целиот ден.
На секоја жена и мајка должноста, својот маж и деца, да ги направи среќни, треба да ѝ биде посвета и поважна од сѐ друго.