МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС
(14 – 20 јуни: Приодите до среќата секогаш достапни)
„Ќе Му пеам на Господа, Кој ме награди.“ (Псалм 13:6; Библија)
Бог може да ја задоволи желбата на секое човечко суштество, а тоа и го прави, но сепак луѓето преминуваат преку тоа како оние неблагодарни губавци коишто биле очистени и исцелени од својата одвратна болест. На тие несреќници Христос им го повратил здравјето и им обновил цели делови од телото коишто губата страшно ги унакажала, но само еден се нашол подготвен да се врати и да Му оддаде благодарност на Бога.
Поуката за десетмината губавци треба во секое срце да разбуди најискрена желба да дојде до одлучна промена, неблагодарноста, којашто толку често се искажува, да се претвори во срдечно оддавање на фала и слава на Бога. Нека оние коишто за себе тврдат дека се Божји народ престанат да роптаат и да се жалат. Да се потсетиме кому најпрво му ја должиме својата благодарност за сите благослови што ги примаме. Нашиот небесен Татко нѐ храни, облекува и одржува во животот, па зарем не треба да се привикнуваме, и ние, и нашите деца, да Му возвраќаме барем со искрена благодарност?
Зарем ние немаме причина да зборуваме за Божјата добрина и да ја воздигаме Неговата моќ? Кога некој од нашите пријатели ќе ни направи нешто добро, ние за свое право и чест го сметаме тоа, да им ја укажеме својата благодарност. Колку ли повеќе причини имаме со најголема радост да ја изразиме својата благодарност на Оној, Којшто ни го дава секој добар и совршен дар! Затоа, да не ја испуштиме можноста на секој собир и на секое богослужение да Му оддадеме благодарност на Бога. Да се учиме да Го славиме Господа и во семејниот круг. Нека и нашите дарови и прилози сведочат за нашата благодарност за добрата коишто ги примаме секој ден. Секогаш и во сѐ треба да ја изразуваме својата радост во Господа и да ја разгласуваме пораката за Неговата спасоносна милост.
Срцата на оние коишто ги искажуваат Христовите особини пламтат со божествена љубов. Тие се исполнети со дух на благодарност. Да Го воздигнуваме Човекот од Голгота, и во песна, и во молитва. Да зборуваме најискрено за Божјата љубов кон човекот. Задоволството коешто се наоѓа во таа работа ќе трае низ бескрајните времиња на вечноста.