Секој човек може да избере кога ќе умре.
Тајната на сите мисионски напори.
Христос дава сила и моќ за да живееме безгрешен живот.
Борбата е Божја, не наша.

Шестата глава од Посланието до Римјаните започнува како продолжение на аргументот што се наоѓа во петтата глава. Аргументот е дека Христовиот живот ни е даден на нас за наше оправдание. Благодатта владее преку праведноста за вечен живот, преку Исус Христос, нашиот Господ. Благодатта е благонаклонетост и псалмистот ни кажува дека животот се наоѓа во Неговата благодат (Псалм 30,5); според тоа, „ќе бидат оправдани преку дар, со Божјата благодат“ е едноставно дарување на Христовиот живот на нас. Тој живот е безгрешен живот. Христос е послушен во нас и ние сме направени праведни со Неговата послушност.

„Што, пак, да речеме? Ќе продолжиме ли во гревот, за да се наголеми благодатта? Никако! Ние, кои сме умреле за гревот, како да живееме во него уште? Зар не знаете дека сите оние што бевме крстени во Исус Христос, во Неговата смрт бевме крстени. И така, ние се погребавме со Него преку крштавањето во смртта, за да можеме, како што Христос воскресна од мртвите преку славата на Отецот, и ние така да живееме нов живот. Зашто, ако сме сраснати со Него во еднаква смрт, ќе бидеме соучесници и во воскресението“ (Римјаните 6,1-5).

Оваа глава ни покажува како се поврзуваме со Христос и што прави таа врска за нас. Во претходната глава дознавме дека осудувачката пресуда е изречена над сите луѓе и дека смртната казна дошла на сите луѓе на овој свет. Смртната казна е изречена и смртта дејствува во сите луѓе. Зошто смртта дејствува во луѓето? Во што е моќта на смртта? Тоа е гревот! „Осилото на смртта е гревот“ (1 Коринтјани 15,56). Според тоа, гревот што дејствува во луѓето, едноставно е смртта која дејствува во нас. Луѓето, кои се грешници, се прободени со осилото на смртта. Смртта е веќе во нив и го продолжува своето дело во нив, и само е прашање на време кога ќе ги зграпчи засекогаш. Но, додека трае времето на милост, постои можност луѓето да го избегнат тоа осило и извршувањето на таа казна. Сепак, Бог мора да биде праведен, дури и кога ги оправдува оние што веруваат во Него. Смртната казна е изречена над секој човек и таа казна ќе биде извршена. Секој човек мора да умре, затоа што сите луѓе згрешиле.

Меѓутоа, на секој човек му е дадено да избере кога ќе умре. Христос умрел за сите луѓе. Ние можеме да ја признаеме Неговата смрт и да умреме во Него и на тој начин да го добиеме Неговиот живот или, од друга страна, ако така одлучиме, можеме да одбиеме да Го признаеме и да умреме во самите себе. Но, во секој случај мора да умреме. Смртта дошла на сите луѓе и затоа сите луѓе мора да умрат. Животот на секој човек е даден во залог; сами по себе ние воопшто немаме живот.

Писмото јасно кажува: „Кој го нема Синот Божји, нема живот“ (1 Јованово 5,12). Гледајќи дека сме во таква состојба, кога смртта ќе го побара својот залог, што можеме да направиме? Зар не сфаќате дека сме оставени без живот? Ако должам илјада долари и во своја сопственост имам точно илјада долари, кога ќе го платам тој долг, тогаш останувам без пари, зар не? Така е и со овој наш живот. Ние сите, овде имаме живот како да е во наша сопственост, но тој живот не ни припаѓа на нас. Тој е заложен на законот. Тој живот воопшто не ни припаѓа на нас. Кога законот ќе го побара тој залог и нашиот живот ќе си замине, тогаш не ни останува ништо, освен вечната смрт.

Но Христос, Божјиот Син, има толку изобилен живот во себе, што може да му даде живот на секој човек и пак да Му остане исто толку живот како и пред тоа. Тој не бил обврзан да дојде на Земјата и да помине по патот што овде го поминал. Тој ја имал славата на небото; Тој бил почитуван од ангелите; Ја имал силата и моќта, но сето тоа го оставил, па дури и се лишил себе си од Својата слава и чест. Дошол на земјата како сиромашен човек, зел на себе лик на слуга и во сѐ бил направен еднаков со оние што дошол да ги спаси.

Тој овде на земјата ја изработил праведноста, во тело. Зошто го направил тоа? За себе? Не. Тој немал никаква потреба од тоа. Тој можел да го започне животот на земјата како богат човек. Тој имал сѐ кога бил на небото. Но овде, на земјата како човек, Тој ја изградил праведноста и вечниот откуп за да може да ни ги даде нам. Тоа е единствената причина поради која Тој дошол на овој свет. Тој ја има сета таа праведност што овде ја изградил и Тој им ја дава и ќе им ја дава на луѓето. Според тоа, дали Тој ја платил казната на законот за Себе? Не! Тој бил без грев, и со самото тоа, законот немал никакви права над Него.

Во 2 Послание до Коринтјаните 5,21, апостолот кажува: „Зашто Оној, кој не знаеше за грев, Бог за нас го направи грев, та преку Него да станеме праведност Божја“. Тоа значи дека Тој ја поднел казната, но не за Себе, туку за нас. Кога ние со вера се потпреме на Христа и станеме едно со Него, така што ќе се поистоветиме со Него, тогаш ќе го имаме животот што Тој го дарува.

Меѓутоа, ние мора да ја платиме казната, да го дадеме залогот; зошто законот го бара тој залог. Но, како што кажавме порано, ние имаме избор дали ќе чекаме и ќе му препуштиме на законот да ни го земе залогот во време кога нема да имаме веќе ништо повеќе, кога залогот веќе нема да го има, или ќе го предадеме заложениот живот додека уште можеме да го земеме Христовиот живот, за тој живот да ни остане откако ќе го платиме залогот.

Како го добиваме Христа? На кој начин имаме корист од Неговиот праведен живот? Во чинот на смртта. Во кој миг го допираме Христос и воспоставуваме врска? Во кој миг на Христовата служба Тој нѐ допира нас и остварува единство? Во прашање е најниската можна точка во која човекот може да биде допрен, а тоа е смртта. Тој во сите свои аспекти беше направен како своите браќа, така што Тој е оној што го зема на себе најнискиот аспект – смртта, и затоа, тогаш кога ние сме всушност мртви, стапуваме во врска со Христа.

Обредот крштевање едноставно е симбол на Христовата смрт и воскресение. Во Галатјаните 3,27 Павле кажува: „Сите, што сте крстени во Христос, во Христос се облековте“. Во Римјаните 6,3 тој вели: „Сите што бевме крстени во Исус Христос, во Неговата смрт бевме крстени“. Но, ако сме умреле со Христа, ние сме поврзани и сигурни дека повторно ќе живееме, затоа што Христос е жив. Овде можеме целосно да ги примениме Петровите зборови од Дела 2,24: „Но Бог го воскресна, откако Го ослободи од смртните маки, бидејќи беше невозможно смртта да Го задржи“. Било потполно невозможно смртта да го задржи Христа. Затоа, ако сме умреле со Него и сме се соединиле со Него во Неговата смрт, исто така со Него и ќе живееме. Големата мисла околку која се врти целата Библија е смртта и воскресението на Христос. Ако умреме со Него, повторно ќе живееме.

А кога ние умираме со Него? Сега! Кога ќе признаеме дека нашиот живот е заложен и се одречеме од сите барања кои тој живот ги има и од сѐ што е поврзано со него, токму тој миг ние умираме со Христа. Што подразбира тоа одрекување од нашиот живот? Животот претставува сѐ што има еден човек. Тоа го претставува сето она што му припаѓа на човекот. А што е тоа што му припаѓа на животот, а што природно го имаме во себе? Тоа е гревот! Тоа се похотата на телото, похотата на очите и гордоста на животот (1 Јованово 2,16). Тоа се зависта, пакоста, злите зборови, сите зли мисли – сите тие нешта го сочинуваат природниот живот, зашто можеме да видиме дека секој човек кој има природен живот, го има и тоа. Тие нешта се дел од неговиот живот. Тие влегуваат во животот на секој човек на Земјата.

Кога ќе дојдеме до точката да разбереме дека го имаме сето тоа, и кога сме подготвени да се одречеме од тоа и да го платиме залогот, тогаш можеме да умреме со Христа и да го прифатиме Неговиот безгрешен живот место својот. Одрекувајќи се од тој свој живот, ние се одрекуваме и од сите овие нешта, а кога ќе се одречеме од сето тоа, тогаш сме мртви со Христа. Но, исто толку сигурно кога ќе се одречеме од тоа и умираме со Христа, исто толку сигурно мораме и да воскреснеме, зашто Христос воскреснал, и тогаш одиме во нов живот. Тој живот, тој нов живот што го имаме, е Христов живот, а тоа е безгрешен живот. Знаејќи го тоа, „дека нашиот стар човек е распнат со Него, за да биде уништено гревовното тело, па да не бидеме веќе робови на гревот“ (Римјани 6,6).

Овде е тајната на секој мисионски напор. Кога човекот ќе дојде до точката кога навистина мисли дека нема свој сопствен живот и се одрече од заложениот живот што го имал во своја власт, и животот што сега го живее во тело, го живее со вера во Божјиот Син – тогаш Христос е негов живот, а неговиот живот е „сокриен со Христос во Бога“ (Колосјани 3,3). Тој преку верата е воскреснат во нов живот со Божјата делотворна сила. Дали тој човек може да се плаши што можат да му направат другите луѓе? Дали ќе се плаши од тоа што другите луѓе зборуваат за него? Тој ќе си каже: Тоа не сум јас, туку Христос кој живее во мене.

Што би значело за него да биде повикан да оди во некое нездраво опкружување? Неговиот живот веќе е покорен, така што смртта нема страв над него. Тој оди доброволно, „не земајќи го својот живот во свои раце“, туку оставајќи го да биде чуван од Христа во Бога. Доколку Христос, во кого е сокриен животот на човекот, сака да дозволи тој малку да отспие, тоа е во ред. Згора на тоа, тој не е обесхрабрен со тешкотиите во делото што му ги доделил Христос, затоа што има практично познавање на Христовата сила и знае дека Оној што го соборил она што е високо, она што се издигнало во неговото срце против Христа, е во состојба сѐ да потчини на самиот Себе. Животот што го живее тој човек е Христов живот, под услов секој миг од својот живот да се покорува и да е потполно посветен, како во мигот кога умрел.

Неопходно е постојано да умираме и постојано да ја познаваме Божјата сила и силата на Неговото воскресение. Зашто „сме спасени со Неговиот живот“ (Римјаните 5,10 – парафраза). Мораме да ја познаваме и да ја искусиме истата сила со која Бог дејствувал во Христа кога Го подигнал од мртвите. Како ја прифаќаме таа сила? „Откако се погребавте со Него во крштевањето, во кое заедно со Него и воскреснавте преку вера во силата на Бога, Кој го воскресна од мртвите“ (Колосјани 2,12).

Едноставно тоа значи да го направиме Христовото воскресение практично нешто во својот сопствен живот. Тоа едноставно е верувањето дека, она што Бог го направил за Христа, додека лежел во гробот, може да го направи и за нас. Таа сила која го вратила Христа од мртвите, може и нас да нѐ одржи во живот. Ако го имаме Христовиот живот и тој дејствува во нас, тогаш тој живот мора да го направи за нас сето она што го направил и за Него кога бил во Галилеја и Јудеја.

Колку е драгоцена мислата дека нашите животи не се наши сопствени. Ние немаме друг живот освен Христовиот. Таа мисла е она што прави човекот да прославува дури и во смртта. Зошто? Осилото на смртта го снемало! Смртта не го „прободува“ праведниот човек, зашто тој е слободен од гревот. Свеста за тоа е она што им овозможило на мачениците како Јероним и Хус да одат на клада пеејќи песни на слава и победа. „Не плашете се од оние што го убиваат телото, а душата не можат да ја убијат, туку плашете се повеќе од Оној Кој може и душата и телото да ги погуби во пеколот“ (Матеј 10,28).

Нашите животи се сокриени со Христа во Бога, и затоа не се плашиме од силите на злите луѓе, ниту од самиот ѓавол. Кога сме се предале себе на Христа и нашиот живот е сокриен со Него, од какво значење е дали тој живот ќе биде прекинат скоро или не? Ние одиме со Христа и тој управува со нашите животи. Злите луѓе или ѓаволите не можат веќе во ништо да го допрат нашиот живот, исто како што не можеле да го задржат Христа во гробот.

О, кога би можеле да ја почувстуваме силата на тој живот и кога би знаеле дека сме Негови! Кога тоа навистина ќе го добиеме, Божјата сила ќе ја прати веста кога ќе тргнеме да ја носиме. Нема значење што луѓето нѐ прекоруваат – ние сме мртви и нашиот живот е сокриен со Христа во Бога, а животот што го живееме, го живееме во Него и со вера во Него. Тоа е силата на Евангелието и надежта која прави христијанинот да прославува дури и во смртта. Тоа е надежта во воскресението, бидејќи кога човекот е повикан да легне и да спие, тој спие во Исус. Неговиот живот е исто толку сигурен, дури и посигурен, отколку да е жив на земјата. Неговото време на милоста е запечатено; тој водел добра борба, тој ја завршил својата трка и ја одржал верата. Значи, апостолот можел да каже дека не жали за оние што заспале, како за оние што немаат надеж (авторот укажува на стихот во 1 Солунјаните 4,13).

Кога Божјата црква и Божјите проповедници навистина ќе умрат одрекувајќи се од сѐ што има врска со нивниот сопствен живот, тогаш тие реално и вистински ќе му припаѓаат на Христа. Ако Христос е подготвен да ни довери некои нешта, ако треба некое време да бидеме поштедени на земјата, и тоа е во ред. Не е важно дали спиеме во гробот или работиме за Учителот на земјата, бидејќи тоа е Христос сето време.

Кога ќе ги прегрнеме тие идеи, кога ќе ги направиме свои и можеме да ги имаме кога ќе посакаме, тие стануваат драгоцени за нас. Пресметувајќи ја цената на одрекувањето од сите нешта што ни биле драги, ние сфаќаме дека сите тие нешта биле штета и ѓубре во однос на превозвишеното познавање на Исус Христос, нашиот Господ. Тогаш можеме себе си потполно да се предадеме на Христа. Штом сме подготвени да ја пресметаме цената и да дозволиме да бидеме распнати со Христа, одрекувајќи се од гордоста на животот, страстите на телото и сите оние нешта што имале врска со нашиот стар живот, не угодувајќи на телото, тогаш Христовата сила ќе дојде во нас. Меѓутоа, ние сѐ уште живееме на земјата! Да, но ние сме се одрекле од својот живот и сѐ што постои за нас е Христос кој дејстува во нас.

Оној миг кога човекот ќе се одрече од сѐ што се однесува на телото, токму тој миг тој може да каже дека Христос е негов и дека тој го има Христовиот живот. Како тој го знае тоа? Преку вера во делотворната сила на Оној што го подигнал Христа од мртвите!

„Знаејќи дека нашиот стар човек е распнат со Него, за да биде уништено гревовното тело, па да не бидеме веќе робови на гревот; бидејќи, кој е мртов, тој е ослободен од гревот. А ако сме умреле со Христос, веруваме дека со Него и ќе живееме, знаејќи дека Христос, откако воскресна од мртвите, не умира повеќе: смртта нема веќе власт над Него“ (Римјаните 6,6-9).

Христовиот живот е вечен живот. Тој доброволно паднал под власт на смртта. Правејќи го тоа, Тој ја покажал својата моќ над смртта. Слегол во гробот, за да покаже дека и таму, додека бил врзан со ланците на затворот на самиот гроб, Тој имал моќ да ги скрши тие окови и да излезе од таму слободен и како победник. Поради тоа, бидејќи Тој веќе не умира, а ние го прифаќаме тој Негов безгрешен живот, тогаш и ние можеме да се сметаме за мртви за гревот, но живи за Бога преку Исус Христос, нашиот Господ. Бидејќи смртта не може да има власт над Него, така ниту гревот, кој е осилото на смртта, не може да има власт над нас.

Некој може да каже: „Вие толкувате дека никогаш повеќе не би требало да грешиме – не оставате простор за грев.“ Но, зарем тоа не е она што Библијата го кажува? „Гревот нема да господари над вас, зашто вие не сте под законот, туку под благодатта“ (Римјани 6,14). Ние му припаѓаме на Господ Исус Христос. Како? Преку смртта, не угодувајќи на телото во неговите грешни желби. Постои такво нешто, како потполно предавање на Христос – кога ќе се одречеме од сѐ и тогаш се потпираме на Него дека Неговата сила ќе нѐ одржи во таа состојба. И јас сум благодарен на Бога затоа што може тоа да го направи.

Луѓето тргнуваат на опасни експедиции – некои да освојат земја и кога ќе стигнат до таа земја, тие ги изгоруваат сите бродови со кои дошле, за да не можат да се вратат, ако посакаат. Наше право е добро да пресметаме. Нема потреба да трчаме во битка. Погледнете ја целата земја. Овде луѓето се обземени со забави и лажниот сјај на овој свет. Дали можеме да се одречеме од тоа? Тие нешта биле заведувачки и за моето грешно срце; како да станале испреплетени со мојот живот. Како да се поистоветиле со мене и можат да се видат дури и на изразот на моето лице; како да се вградени во самиот мој карактер и станале дел од мене! Јас сум се држел за нив, исто како и за самиот живот. Но, во сите тие нешта не бил Христос; тие се во потполна несогласност со Христовиот живот. Поради радоста што била пред Него, Тој поднел крст. Можам ли јас, за да бидам учесник во таа радост, да го поднесам тој крст? Ќе одлучам ли да се одречам од лажните задоволства на гревот за да имам удел во Христовото изобилство и во радоста на Неговото спасение? Ова се прашања кои мораме да си ги поставиме.

Подигнете го погледот и насочете ги очите кон Христа и радоста на сегашното спасение. Тоа е спротивната страна на сликата. Овде е радоста затоа што ја поседуваме бесконечната сила која дејствува во нас. Поради таа вистинска радост која можеме уште сега да ја имаме, дали сме подготвени да се одречеме од сѐ и да станеме соучесници во Христовите страдања, за да станеме учесници во Неговата смрт и во силата на Неговото воскресение? Оваа радост ќе трае засекогаш и затоа треба да ни биде мошне лесно да ги запалиме и уништиме сите бродови и мостови позади себе! Според тоа, ќе се одречеме ли од сите тие нешта од овој свет, ќе се одречеме ли засекогаш? Да, и тоа не треба да биде толку тешко како што ни изгледа.

Некој ќе каже: „Порано се обидов да се одречам од сите тие нешта и повторно паднав. Како ќе знам дека нема повторно да паднам?“ О, не. Овој пат вие не носите некоја нова одлука. Вие не свртувате некој нов лист како порано и не велите дека сега тоа ќе го направите подобро. Вие само го оставате својот стар живот и сите досегашни одлуки. Едноставно кажете: „Знам дека постои бесконечна сила во Бога. И истата таа сила која го создала светот, која го подигнала Христа од гробот – на истата таа сила јас ќе се покорам и ќе ѝ дозволам да ме поддржи и да ме одржи во новиот живот“. И кога тоа го правиме од ден во ден, нашите срца ќе се исполнат со благодарност кон Бога поради Неговата чудесна сила.

Ние не сме должни да угодуваме на желбите на телото и на страстите, туку мораме да се одречеме, да го земеме Христовиот живот и да почувствуваме[1] дека Божјата сила дејствува во нас. Кога ќе почувствуваме[2] дека таа сила дејствува –  дека тоа чудо се случува во нас – тогаш ќе ги совладаме и ќе се издигнеме над искушенијата на кои често сме им попуштале и навиките на кои сме им дале првенство. Тогаш ќе можеме да излеземе во светот и во Христова сила да ја однесеме веста, како што тоа никогаш порано не сме го правеле.

[1] Преведувачот не сака да ја менува смислата на она што авторот го кажал, но сака да обрне внимание на нешто што смета дека може да внесе забуна, неточно да се разбере и да доведе до лоша пракса, а кое е исто така во спротивност со останатите дела и сфаќања на овој автор. Познавајќи го животното дело и ставовите на авторот, сметаме дека овде станува збор за непрецизно изразување кое е својствено за јавните говори и дека би требало да се употреби зборот „поверуваме“ наместо „почувствуваме“, бидејќи и самиот Вагонер постојано нагласувал дека верата и чувствата немаат ништо заедничко и дека се меѓусебно спротивни. На овој начин се стекнува погрешен впечаток дека нашиот духовен живот треба да биде преиспитуван преку чувствата, а не преку верата – забелешка на преведувачот.

[2]Исто.

Како е можно да имаме повеќе сила? Затоа што знаеме дека, ако Бог може да го направи тоа чудо за нас, тоа може да го направи за било кој. Од човечка гледна точка, нашата работа е невозможна; тешкотии и пречки се појавуваат од сите страни. Но, ние знаеме што Божјата сила може да направи и затоа одиме напред со вера дека Тој, Кој може во нашите срца да ја собори секоја мисла и секоја висина што се подигнува против познавањето на Бога, и кој може да ја зароби секоја мисла во послушност на Христа, може истото тоа дело да го направи и за другите, бидејќи тоа го направил и во нас. Тоа била истата таа сила која направила пред Божјите луѓе да паднат ѕидовите на Ерихон. Јас сум толку благодарен што Бог, кој нѐ повика да бидеме Негови слуги, е Бог со бесконечна сила. Фатете се за таа сила и уверете се сами.

„Па така и вие сметајте се мртви за гревот, а живи за Бога во Христос Исус, нашиот Господ“ (Римјаните 6,11). „Исто така“ – како што? Како што Христос е подигнат од мртвите и не умира повеќе (Римјаните 6,9), така и вие сметајте се мртви за гревот, за повеќе да не грешите. Дали тоа е точно? Внимателно забележете –гревот нема веќе да има власт над вас. Тоа го кажува Библијата. Ние веќе не сме под законот, туку под благодатта. Веќе не сме под осуда, туку Божјата благодат е над нас. Духот на славата и  благодатта е овде со нас.

Во Христос е силата. Каква е таа сила? Обрнете внимание. Благодатта е (незаслужена) благонаклонетост! Во Божјата благонаклонетост е животот. Каква е тогаш силата на Христовата благодат? Тоа е силата на бесконечниот живот. Ако луѓето веруваат дека Христос воскреснал од мртвите, тие можат да веруваат дека се мртви за гревот, а живи за Бога и слободни од гревот. Дали апостолот мисли – ослободен од гревот? Тоа е возвишена, но и славна мисла. Колку луѓето треба да бидат благодарни што можат да ја имаат таа сигурност во Божјата сила преку Христа, што можат, без никакви прашања, да го прифатат ова поглавје и да веруваат. Да, да веруваат на овие зборови: „Кој е мртов, тој е ослободен од гревот… сметајте се мртви за гревот, а живи за Бога во Христос Исус, нашиот Господ.“

Меѓутоа, дали е точно дека човекот може да живее без грев? Во последниот дел на главата читаме: „Додека му бевте робови на гревот, бевте слободни од праведноста“ (Римјаните 6,20). Сите знаеме што значи тоа. Нашето минато искуство не е толку пријатно за да се свртуваме назад. Во него не гледаме ништо добро. Зошто сме биле слободни од праведноста? Бидејќи сме биле слуги на сатаната. „И така, ослободувајќи се од гревот, вие станавте слуги на праведноста“ (Римјаните 6,18). Христос е творец на праведноста. Службата што ние ја вршиме е Негова. Чии сме ние, слуги на Христос или слуги на сатаната? Кога сме биле слуги на сатаната, ние не сме правеле ништо праведно. Меѓутоа, сега сме Божји слуги. „Препуштете му се на Бога како оние што оживеале од мртвите, и вашите органи на телото како орудија на праведноста“ (Римјаните 6,13). „Зарем не знаете дека, ако му се предавате некому како робови за послушност, робови сте му на оној кому му се покорувате: или на гревот, кој води во смрт, или – на послушноста, којаводи кон праведност?“ (Римјаните 6,16).

Постојат само две служби. Служба на сатаната, која е всушност ропство на гревот за смрт, и служба на Христа, која е служба на послушноста за праведност. Човекот не може да им служи на двајца господари. Сите веруваат во тоа. Тоа значи дека е невозможно да се биде роб на гревот и слуга на праведноста во исто време. Ние за себе велиме дека сме христијани. Што значи тоа? Христови следбеници. Меѓутоа, во целото свое христијанско искуство, тука и таму сме наоѓале изговор за гревот. Ние никогаш не сме се осмелиле да дојдеме до тој став да веруваме дека христијанскиот живот треба да биде безгрешен живот. Не сме се осмелиле да веруваме во тоа и тоа да го проповедаме. Меѓутоа, во таков случај, ние не можеме во потполност да го проповедаме и Божјиот закон. Зар не? Тоа е затоа што не ја разбираме силата на оправдувањето со вера. Според тоа, без оправдувањето со вера, не е можно Божјиот закон да се проповеда во потполност. Значи, проповедањето на оправдувањето со вера не му одзема ништо на законот, ниту го намалува, туку единствено го возвеличува.

Можеме ли ние да бидеме Христови слуги додека правиме гревови и му угодуваме на телото, за да ги извршуваме неговите желби? Дали Христос е слуга на гревот? (Галатјаните 2,17). Чии слуги сме додека правиме грев? Ние сме робови на гревот и слуги на сатаната. Ако христијанинот еден дел од времето прави грев, а остатокот од времето правда, тогаш би морало сатаната и Христос да се во соработнички однос, така што тој всушност има само еден господар, бидејќи не може да им служи на двајца.

Меѓутоа, не постои никаква заедница меѓу светлината и темнината – меѓу Христос и Велијар[1] (2 Коринтјани 6,14). Тие се во смртно непријателство. Тие се спортивставени еден на друг и воделе борба на живот и смрт. Нема милост и на двете страни. Тогаш е потполно невозможно човекот да им служи на овие двајца господари. Тој мора да биде или на едната или на другата страна. „Зарем не знаете дека, ако му се предавате некому како робови за послушност, робови сте му на оној кому му се покорувате: или на гревот, кој води во смрт, или – на послушноста, која води кон праведност?“ Ние доволно знаеме што значи да се биде роб на гревот. Ние сме се предале себе си како оружје на гревот за неправдата.

[1]Велијар или Βελιάρ во Библијата се спомнува како синоним за ѓаволот или персонификација на злото.

Сега се поставува прашањето: Како јас ќе станам Христов слуга, така што ќе бидам во состојба да умрам за својот стар живот? „Кому му се предавате како робови за послушност, робови сте му на оној кому му се покорувате.“ Зборот кој на некои места се преведува како „слуга“, всушност значи „роб“. Токму оној миг кога себе си се предадам на Христа за да станам Негов слуга, токму тогаш јас сум станал Негов роб. Токму тој миг јас веќе сум Негов.

Како јас знам дека Исус ја прифаќа мојата служба ако му се предадам? Токму затоа што Тој ја купил таа служба и платил цена за неа. И сите овие години кога сум се покорувал на гревот, јас сум го задржувал Неговото право. Но, сето тоа време, кога сум се воздржувал од својата служба, Тој бил истраен во потрагата по мене, барајќи ме за да ме привлече кон Себе. И кога велиме: „Еве ме, Господе; јас се предавам на Тебе“, токму тој миг Христос нѐ пронашол, затоа што нѐ барал; и ние сме веќе Негови слуги.

Меѓутоа, како знаеме дека ќе останеме постојани во Неговата служба? Како знаеме дека можеме да го живееме Христовиот живот? Токму на истиот начин на кој знаеме дека сме живееле живот во грев. Кога ќе го земеме во предвид ова прашање чии слуги ќе бидеме, ние ги земаме во предвид и силите на двајцата господари. Кога сме биле робови на гревот, сме биле слободни од праведноста, бидејќи сатаната нѐ користел на начин според неговата волја, така што сме биле на негова милост и немилост.

Дали гревот е посилен од праведноста? Дали сатаната е посилен од Христа? Не! Според тоа, како што Христос докажал дека е посилен од нив двајцата, и како што е сигурно дека, додека сме биле робови на гревот, гревот имал власт да нѐ држи слободни од правдата, исто така, кога, како робови, ќе му се предадеме на Христа, Тој има сила да нѐ чува од гревот. Тоа не е наша војна, туку Божја. Реков дека Христос и сатаната не се во соработнички однос, туку дека постои најлуто непријателство меѓу нив.

На сите им се познати зборовите „Големата борба меѓу Христа и сатаната“. Тоа е израз кој станал домашен за нас. Околу што се води таа борба? Околу човечките битија и местото на нивното живеење. Кој ќе ја има вашата и мојата служба е прашање околу кое тие се борат. Борбата е меѓу Христос и сатаната. Не само што тие се главни личности во таа борба, туку целата борба е всушност меѓу нив и само меѓу нив.

Ова можеме да го кажеме – ниту еден од нив не може да ја добие нашата служба против наша волја. Сами по себе ние немаме сила да се спротивставиме на сатаната; сме се обиделе да го правиме тоа. Ние немаме сила успешно да му се спротивставиме; ние не можеме успешно да се соочиме со него и да го победиме. Ние немаме сила, но во исто време сме решиле да не бидеме негови слуги. Да, и не само што ќе кажеме: „Јас не сакам да бидам негов слуга, туку и нема да бидам негов слуга.“ Според тоа, наместо да ја насочуваме нашата сила против сатаната, ние се предаваме на Христа и повторуваме во себе: „О Господи, јас сум слуга Твој, јас сум слуга Твој и син на Твојата слугинка. Ти ги скрши моите окови“ (Псалм 116,16).

Што? Јас сум бил роб на сатаната, но токму во мигот кога сум му кажал на Христа: „Ќе бидам Твој слуга“, Тој ги скршил моите окови и на Себе ја презел одговорноста да ме брани пред сатаната, кој нема право на мене. Значи, кога сатаната доаѓа да ме земе назад и повторно да ме направи свој роб, Христос му излегува во пресрет, како што му се спротивставил кога бил овде на земјата. Значи, едноставно кажете му на своето срце и на сатаната дека вие сте Христови и дека Тој ги скршил вашите окови. Тогаш навистина сме ослободени. Сте се спротивставиле и сега можете да ги прифатите Давидовите зборови и да ги повторувате.

Вашиот живот веќе не е ваш, туку Христов. Неговиот живот, самото Негово постоење, се спротивставува на сатаната. Битката се води околу нашите глави, зошто ние сме мртви и нашиот живот е сокриен со Христа во Бога. Псалмистот кажува: „Ќе ги сокриеш под покривот на лицето Свое од човечките завери, ќе ги заклониш од нападите на јазиците противнички“ (Псалм 31,20). Борбата меѓу Христа и сатаната се води за нашите умови, а ние сме скриени под таен покрив. Ова е победата која го победува светот (1 Јованово 5,4), зашто Христос го победил сатаната и држејќи се со вера за Христовото ветување и фаќајќи се за Христовиот живот, победата над сатаната е наша.

Зарем Христос не кажува дека Му е дадена сета моќ на небото и на земјата? Забележете ги овие драгоцени зборови во Ефесјаните 1,19-21: „И колку е неизмерна величината на Неговата сила во нас, кои веруваме преку дејството на Неговата крепка сила. Таа сила Тој ја покажа во Христос, кога Го воскресна од мртвите и Го постави од Својата десна страна на небесата, повисоко од секое началство, власт, сила и господство и од секое име со кое се именуваат не само во овој свет, туку и во идниот“.

Што направила за нас истата таа сила која го поставила Него на таа возвишена положба над секое началство, власт и сила? „Нѐ оживеа во Христос и нѐ воскресна со Него и нѐ постави на небесата во Христос Исус“ (Ефесјани 2,5.6). Каде сме сместени ние? „Повисоко од секое началство, власт, сила и господство.“

Значи, нашата победа е во Христа, а Тој веќе победил. Тој го освоил мирот за нас. Како што е сигурно дека ни го дава Својот мир, така е и сигурно дека победил за нас. Според тоа, во часот на судот, ние имаме победа која веќе е извојувана. Можеме да кажеме дека борбата се одвива во нашите умови, а нашиот мир е голем. Мирот е овде сето време.

Силата на христијанинот лежи во потчинувањето, победата во покорувањето (во предавањето – забелешка на преведувачот) на Христа, така што Тој може да нѐ чува во Своето присуство и да нѐ сокрие под Својот кров од несложни (кавгаџиски) јазици. Тогаш не е важно колку големо може да е искушението – ако го имаме Христа, во нашите срца ќе владее мир.

О, нека секој во овој дом биде исполнет со копнеж да го има Христос и Неговата праведност, да токму оваа ноќ го прифатиме Неговото слово и да бидеме вдахновени со неговото вдахновение и тогаш ќе го имаме и ќе можеме да го живееме Христовиот живот. Тогаш можеме да одиме како мисионери за Христос и да правиме добро. Кога ќе ја прифатиме таа сила што ја имаме преку верата во Него, нема да помине многу време додека делото не се заврши во правда и ние ќе го видиме Оној кого, не гледајќи, го љубиме.

 

Pin It on Pinterest