Оправдување само со вера.
Христос – Творец и Чувар на новото срце.
Основа за проучувањето оваа вечер е втората половина од третото поглавие од Посланието до Римјаните, кое започнува со 19 стих: „Знаеме дека сѐ она, за што зборува законот, се однесува на оние, што се под законот, за да се затвори секоја уста, и така целиот свет да стане виновен пред Бога“.
„А сега независно од законот се јави Божјата праведност, посведочена од Законот и Пророците. Божјата праведност преку верата во Исус Христос е во сите и врз сите оние што веруваат. Зашто нема разлика, сите згрешија и лишени се од славата Божја“ (Римјани 3,21-23).
Стиховите 21-23 содржат воопштен приказ на сѐ за што се зборува во преостанатите стихови од оваа глава. Остатокот од главата претставува акцентирање на она што веќе е кажано. Во оваа глава го имаме врвот на пораката на ова Послание. Во првиот дел на главата нагласен е фактот дека Бог не гледа кој е кој; на судот се разгледуваат само делата. Но, како што е вистина дека дрвото се познава по своите плодови, исто така е вистина дека не му е дадена власт на човекот да носи суд за тие дела. Бог е едниствениот Судија. Тој гледа на срцето, додека човекот суди само според надворешноста. Според тоа, додека делата на човекот може да изгледаат добри за оние што се околу него, на Бога, кој го гледа она што човекот не може да го види, му е добро познато дека тие дела се расипани.
Да повториме, праведникот ќе живее преку верата. Кој дел од животот на човекот може да биде праведен? Целокупниот живот, секој миг, зашто праведникот ќе живее од верата. Но со делата на законот ниту едно дело нема да стане праведно. Ова е тврда беседа, но мораме да ја прифатиме, бидејќи тоа го кажува Библијата.
Ниту едно дело што можеме да го направиме не може да биде праведно благодарение само на законот. Само преку верата може било кој човек или било кое дело да биде праведно. Законот му суди на човекот според делата, а законот е толку насфатливо возвишен што, ниту едно човечко дело не може да ги достигне неговите барања. Затоа, мора да постои Посредник преку кого ќе дојде оправдувањето. И тоа оправдание по право му припаѓа на оној на кого му е дадено како дар, врз основа на неговата вера.
Непрепороденото срце е безнадежно расипано. Само зло може да произлезе од расипано срце. За да има добри дела, неопходно е добро срце, а само добриот човек може да има добро срце. Меѓутоа, бидејќи сите згрешиле и се лишени од Божјата слава, сите човечки дела се изопачени.
Законот сам по себе е мерило на совршената праведност, но Христос е вистината, патот и животот. Во Христос е совршената праведност на законот и благодатта[1] со која дарот на Неговата праведност се доделува преку верата. За ова се сведоци и самите пророци, бидејќи проповедале за оправдување преку Христа, со вера.
[1] Благодат – Божја незаслужена благонаклонетост (не може со ништо да се заслужи). Не е најправилна употребата на зборот незаслужена, бидејќи на тој начин како да се остава можност да се заслужи, а тоа е невозможно во случајот со благодатта).
Иако зборовите милост и благодат имаат слично значење, тие не се нешто исто. Основната разлика би можела да се изрази во следното: милоста ја претставува Божјата казна во многу помала мера отколку што заслужуваат нашите гревови, а благодатта претставува уште и додатни Божји благослови (покрај милоста) и покрај тоа што не ги заслужуваме. Милоста е ослободување од осудата во одредена мерка или потполно ослободување од осудата. Благодатта е давање додатна наклоност кон недостојните, покрај милоста. Очигледно е дека благодатта е поширок поим од милоста која претставува само еден нејзин аспект.
За жал, во голем број преводи на Библијата, преведувачите не правеле разлика во значењето на овие два поима, така што и зборот благодат го преведувале со зборот милост, а тоа е погрешно – забелешка на преведувачот.
Кога човекот се стреми да се оправда со своите дела, тој само натрупува несовршенства едно на друго, додека, како Павле, сето тоа не го прогласи за штета и отпад, свесен дека не постои праведност, освен онаа што доаѓа од Христа преку вера.
Постои само едно нешто на светот што му е потребно на човекот, а тоа е оправданието – а оправданието е факт, а не теорија. Тоа е евангелието. Она што нема за цел праведност, не е од корист и не заслужува да се проповеда. Праведноста може да се постигне само преку вера; од ова е јасно дека сѐ што е вредно да се проповеда мора да има за цел оправдување со вера.
„Сите згрешија и лишени се од славата Божја.“ Луѓето јасно разбираат дека ниту едно наше дело не може да го поправи минатото, но исто така е точно дека ние не можеме да бидеме оправдани во било кое сегашно дело, како што ни минатото не можеме да го направиме совршено. Подеднакво ни е потребна Христовата праведност за да ја оправда сегашноста, како и несовршените дела на минатото да ги направи совршени.
Во случајот на цариникот и фарисејот, оној што не се потпирал на своите дела си отишол дома оправдан, а оној што сакал да се претстави дека во себе има праведност не успеал да се оправда. Секој човек што ќе ја побара праведноста може да ја има; но најпрвин секој мора да дојде на нивото на сите останати грешници и да ја прими со останатите, велејќи: „Боже, биди милостив кон мене грешниот“ (Лука 18,13).
„Но ќе бидат оправдани преку дар, со Божјата благодат, а преку откупот во Исус Христос“ (стих 24). Што е тоа „откуп“? Тоа е повторно купување – враќање назад на она што претходно било продадено. Праведоста е бескрајно голем дар со бескрајно висока цена. Тоа е бесплатен дар за нас, но за тоа е платено. За тоа платила Христовата крв. Ние сме поттикнати да ја разгледаме Неговата големина за да сфатиме дека, иако она што треба да биде направено за нас е незамисливо, сепак силата што треба да го направи тоа е исто така надвор од нашето разбирање.
„Да ја покаже Својата праведност“ (стих 25) со отстранување на нашите гревови. Тој ги отстранува нашите гревови и ако ние целосно му се предадеме на Него, тие ќе бидат потполно отстранети. Христос не одобрува никакви прошталници, туку Неговата праведност ги брише нашите поранешни гревови, и сѐ додека Неговата праведност го исполнува нашето срце го чува слободно од гревот во сегашноста.
Верата е почеток на секоја мудрост. Таа е основа на секое знаење. Детето никогаш нема ништо да научи, ако не верува во она што му се зборува. Ако е така во физичкиот свет, зошто да не бидеме исто така разумни во духовните нешта?
Откупувањето доаѓа преку Христовата творечка сила, и затоа јас сакам да се сеќавам дека Тој е Творец на сите нешта, бидејќи Оној што ги создал сите светови од ништо и ги одржува сите нешта „со својот силен збор“, може со истиот тој збор во мене да создаде чисто срце и да го сочува она што го создал. На Него му припаѓа сета сила, а исто така и сета слава.
„Зашто Бог е Оној кој во вас прави да сакате и да дејствувате според Неговата добра волја“ (Филипјаните 2,13).
„А дали го укинуваме законот преку верата? Никако, туку уште посилно го утврдуваме.“ (Римјаните 3:31 ; Библија)