Дали ви е смачено постојано да сте уморни? Ако и вие сте како и повеќето луѓе, тогаш веројатно одговорот е: „Да!“

За жал денес живееме во општество кое не ја цени важноста на одморот и на спиењето. Спиењето често се смета како губење на време, едноставна потреба која треба да се заврши за што е можно пократко време. Луѓето не сакаат да им кажат „добра ноќ“ на забавата и на обврските. Работата и семејството трпат пради ова. Интернетот и телевизијата нé намамуваат да останеме до доцна во ноќта. Супермаркетите и мегапродавниците ги намамуваат потрошувачите да пазаруваат уште рано наутро.

Во последните неколку децении, возрасните во САД го намалиле своето време за спиење во просек за околу 20%.1 Ова значи дека сега тие спијат 1,5 часа помалку отколку нивните дедовци и баби! Како резултат на ова 40% од Американците изјавиле дека биле толку поспани во текот на денот што тоа им ја нарушувало способноста за извршување на секојдневните обврски и активности.2

Најголемата загриженост од неспиењето е поврзана со ефектот кој тоа го има врз нашата сигурност на патиштата. Само во Америка, околу 100.000 автомобилски несреќи се случуваат секоја година поради заспани возачи! Неверојатно, но истражување во Канада покажало дека сообраќајните несреќи се зголемуваат за 8%, во 24те часа кои следуваат после пролетната промена на времето, кога обично губиме еден час спиење, а се јавува скоро исто (во проценти) намалување на бројот на сообраќајни несреќи  во есен кога спиеме еден час повеќе!3

Исто така алармантно е и драматичното намалување на времетраењето на спиењето кај тинејџерите. Пред 75 години, оваа старосна група спиела околу 8-9 часа во текот на ноќта. А денеска тие спијат околу 7 часа или помалку4, иако во ова време им е потребен повеќе сон отколку кога биле помлади. Во неодамнешно истражување, 60% од Американците-тинејџери, на возраст под 18 години, се пожалиле дека биле уморни во текот на денот, а 15% изјавиле дека заспале на училиште.

Зошто ни е неопходен сон?

Лишувањето од сон е слично како да се лишуваме себеси од храна. Ако внесуваме помаку калории отколку што ни се потребни дневно, ние постепенo ќе губиме телесна маса, бидејќи ефектот е кумулативен.

На истиот начин, кога се лишуваме себеси од сон, изгубениот сон се насобира и така ако спиеме по само 1 час помалку дневно, за една недела  вие ќе имате недостаток од сон во траење од 7 часа, што е слично како да не сте спиеле една цела ноќ. Она што ги изненадува повеќето луѓе е дека недостаток на сон од околу 3-8 часа може да предизвика видливи ефекти на нашите физички и ментални перформанси.

На пример, едно истражување на француски велосипедисти кои изгубиле само 3 часа сон, покажало дека тие побрзо се замориле од оние кои добро се наспале!5 Доказите покажуваат дека тоа насобирање на недостатокот од сон го ослабува имуниот систем и нè прави повеќе склони кон инфекции и болести.6

Недостатокот на сон има директни ефекти на способностите за размислување и на менталната ефективност. Во текот на последните 10 години резултатите од истражувањата покажаат една јасна шема на добиените резултати.

  • Недостатокот од сон предизвикува забавување на повеќето ментални процеси.
  • Поспаните луѓе потешко можат да се концентриираат и да го задржат своето внимание на одредена задача. Честопати ги изоставуваат важните информации, па овие пропусти можат да бидат катастрофални.

Моменталното задремување додека возите може да резултира со тоа да не го видите детето кое претрчува преку улицата, или пак сметководителот може да пропушти дел од бројките кои треба да ги внеси во документот, па на крај ќе добие погрешен заклучок и резултат. Овие моментални пореметувања на вниманието се директно поврзани со количеството на сон кое ни недостига.

Недостатокот од сон може да влијае и врз нашата ефикасност во извршување на некои задачи. Уморна личност може да се сети на некои постари информации и притоа информацијата да биде доста точна, но кога станува збор за нивната краткотрајна меморија може да се каже дека таа е најмногу засегната  од недостатокот на сон. Ова може да има драстичен ефект на сложените задачи како преговарање преку телефон, или возење на автомобил на автопат со метеж. Дури и нашето расположение може да биде под влијание на недостатокот на сон.  Не само што изморените луѓе чувствуваат поголем умор и помала раздвиженост, туку тие се и поподложни да станат депресивни.

Како што недостатокот од сон се зголемува, луѓето ја губат својата способност да уживаат во нештата и активностите кои обично ги извршуваат. Ваквите луѓе честопати се оддалечуваат од другите, бидејќи нивната иритираност се зголемува значително.

Способноста за рутинско решавање на секојдневните проблеми може да не биде нарушена при умерен недостаток на сон. Но сепак, потешките проблеми бараат креативни и покомплицирани решенија, кои многу тешко се реализираат со ум кој е уморен.

Како што стануваме поуморни, ние стнуваме послични со авион кој се движи со автопилот. Ние обично можеме да се справиме со едноставни промени и со релативно вообичаени животни побарувања, во поголемиот дел од времето. Но сите активности надвор од вообичаените ќе ја зголемат веројатноста за правење на очигледни и значителни грешки.

 

Мотивацијата за справување со животните задачи исто така е нарушена. Луѓето на кои им недостига сон се неволни и неспособни да работат на задачи кои бараат повеќе од автоматска работа!7

Заклучокот од ова е дека кога си дозволуваме себеси да се измориме, највисоките ментални функции се засегнати. Нашата способност за донесување на одлуки е нарушена, и сè што правиме е со намалена ефикасност:

  • Нашата способност за учење
  • Нашата способност за размислување
  • Нашатa безбедност
  • Нашата ефикасност
  • Нашите комуникациски способности
  • Наште односи со другите луѓе

 

Кои се причините за недостаток на сон?

Во модерното општество постојат повеќе причини поради кои многу луѓе не добиваат доволно сон. Една од најголемите причини е што тие не ја знаат вредноста на сонот, а како луѓе ние ретко практикуваме нешто што не го цениме доволно.

Некои од најчестите “крадци“ на сон се:

  • Телевизија и интернет
  • Забава и спорт
  • Дополнителна работа, и работа во трета смена
  • Стрес и анксиозност
  • Бучна околина
  • Употреба на лекарства и стимуланси како што е кофеинот…
  • Седечки начин на живот

Иако уживаме да го обвинуваме нашиот шеф дека нè тера да работиме премногу, мораме чесно да ги истражиме сите наши активности и да ги препознаеме нашите лични приоритети!

 

Дали недостатокот на сон може да влијае на духовноста?

Денешното општество многу се има оддалечено од едноставноста на живтотот, и е опкружено со вишок на стимулација. Како резултат на ова дури и нашиот духовен живот може да страда.

Уморот има поголемо влијание на нашиот духовен живот, отколку што има влијание на нашите вообичаени дневни активности! Оптималниот капацитет за донесување на одлуки е неопходен за правење на разлика помеѓу правилното и погрешното. Кога сме уморни, ние дури имаме и помалку мотивација и моќ на волјата за да постапуваме правилно. Така полесно паѓаме во искушенија. Запомнете, со векови недостатокот на сон бил најдобриот метод за перење на мозокот, и дури е употребуван и во професионални лаборатории и заложнички преговори. Сериозниот недостаток на сон може дури да доведе до појава на епизоди на психоза.


Проучувањето на Библијата и молитвата, се животниот пат за Христијанинот. Ако сме уморни, ќе ни биде намалена желбата и способноста за проучување и разбирање на Библијата, и ќе ослаби нашата посветеност кон комуницирањето со Бога преку молитва.

 

 

Колку сон ни е потребно?

Повеќето истражувачи би се сложиле дека луѓето можат да преживеат со околу 7 часа сон дневно.  Но колкумина од нас сакаат само така да „преживеат“? Цврстите докази покажуваат дека за најдобри перформанси во сите области на нашиот живот, нам ни требаат околу 8 часа сон секоја ноќ.

На студентите им е потребно малку повеќе за да го достигнат врвот на своите способности за меморија и учење. Очигледно, за да се наспиеме доволно ќе треба да правиме внимателни избори во животот, и да бидеме добро дисциплинирани.

Еве некои работи кои можете да ги направите за да се одржувате себеси во добра и одморена состојба:

  • Имајте одредено време за спиење, и одредено време за станување од кревет, што ќе ви овозможи сон од 8 часа, и држете се до овој распоред.
  • Вежбајте минимум 30 минути дневно, пожелно надвор и во текот на денот. Сончевата светлина и свежиот воздух можат да допринесат за здрав и сладок сон.
  • Хранете се здраво и одбегнувајте големи оброци во доцните часови.
  • Одвојте си еден ден во неделата за одмор и испланирајте си навистина одморувачки годишен одмор.
  • Избегнувајте користење на алкохол, кофеин, или други стимуланси, и одбегнувајте гледање на возбудливи или депресивни програми на телевизија.
  • Спијте во темна, тивка, ладна соба, со удобен кревет, со малку отворен прозорец за постојано да доаѓа дотур на кислород во собата, секогаш кога тоа е можно.
  • Кога сте уморни, дозволете си 15-30 минутна дремка за да си ги обновите перформансите.8
  • Ако сте вознемирени или во неволја, направете напор за да го решите проблемот пред да си легнете да спиете.
  • Научете да го контролирате стресот и анксиозноста со тоа што ќе му се доверите на Бога – „Кога ќе легнеш, нема да се плашиш, и кога ќе заспиеш, ќе сонуваш слатко.“ (Пословици: 3:24 ; Библија)

 

Има очигледни придобивки кои доаѓаат со вашата одлука да се одморите: Луѓето кои се одморени обично ги исполнуваат своите задачи подобро и за пократко време, поефикасно и побезбедно! Тие исто така имаат подобар однос со Бога, се подобри сопрузи, деца…

 


1 Wake Up America: A National Sleep Alert, 1993
2 “Sleep In America” Survey, National Sleep Foundation, 1999
3 NEJM 334 (1996): 924
4 Wake Up America: A National Sleep Alert, 1993
5 Mougin, et al., European Journal of Applied Physiology 63 (1991): 77-82
6 Sleep Research Online 1(4): 107-111, 1999
7 Engle-Friedman, et al, Sleep 22 (1999), 151
8 NASA Technical Memo 103884

 

Pin It on Pinterest