[Патот кон Христа – десето поглавје]
Многубројни се патиштата на кои Бог ни се открива и начините на кои Тој нè поврзува со себе. Природата постојано им се обраќа на нашите сетила. Искреното срце ќе биде трогнато од Божјата љубов и слава што се откриваат во делата на неговите раце. Чувствителното уво ги слуша и ги сфаќа пораките што ги упатува Бог преку природата. Зелените полиња, величествените дрвја, пупките и цутовите, облакот што поминува, дождот што паѓа, потокот што шумоли, убавините на небото – сето тоа му зборува на нашето срце и нè повикува да се запознаеме со Оној кој создал сè.
Нашиот Спасител за своите драгоцени поуки земал примери од природата. Дрвјата, птиците, цвеќето во долините, ритчињата, езерата, прекрасното небо, како и настаните и околностите од секојдневниот живот – сето тоа било поврзано со зборовите на вистината за почесто да се сеќаваме на неговите поуки, дури и среде наметливите грижи со кои е исполнет мачниот живот на човекот.
Бог би сакал неговите деца да се восхитуваат на неговите дела, да уживаат во едноставната, тивка убавина со која го украсил нашиот земен дом. Бог е љубител на убавината, но повеќе од секоја надворешна привлечност ја сака убавината на карактерот; Тој би сакал да негуваме невиност и едноставност – тивките особини на цвеќето.
Само кога би сакале да слушаме, Божјите дела на создавањето би ни пружиле драгоцени поуки за послушноста и довербата. Од ѕвездите, кои на своите невидливи патеки низ просторот од век во век патуваат во одредена насока, па сè до најмалечкиот атом – сè во природата ѝ се покорува на волјата на својот Творец. А Бог се грижи за сè и одржува сè што создал. Оној кој во својата рака ги држи безбројните светови во бесконечниот простор, истовремено се грижи за потребите на малечкиот сив врабец кој безгрижно ја пее својата едноставна песничка. Небесниот Отец нежно бдее над сите – над луѓето што одат на својата секојдневна тешка работа и над оние што се молат; над оние што навечер одат на починка и над оние што стануваат наутро; над богатиот, кој се гоштава во својата палата, и над сиромавиот кој ги собира своите деца околу скудната трпеза. Нема пролеана солза што Бог не ја видел. Нема насмевка што Тој не ја забележал.
О, кога наполно би верувале во тоа, би се ослободиле од сите непотребни грижи! Нашиот живот не би бил толку полн со разочарувања како што е сега, зашто сите наши грижи, и малечки и големи, би му ги предале во раце на Бога, кого не го збунува нивното мноштво ниту го преоптоварува нивната тежина. Тогаш ние би уживале душевен мир што мнозина веќе долго не го почувствувале.
Додека вашите сетила уживаат во привлечната убавина на земјата, мислете за светот што ќе дојде, за светот што никогаш нема да знае за злокобната пламеница на гревот и смртта, во кој лицето на природата нема да биде веќе прекриено со сенка на проклетство. Обидете се да го замислите домот на спасените, но имајте на ум дека тој ќе биде многу пославен од сè што би можела да наслика дури и најразиграната мечта. Во разновидните Божји дарови во природата гледаме само најслаб одблесок на неговата слава. Пишано е: „Што око не видело, што уво не чуло и што во човечко срце не дошло, тоа Бог го подготви за оние што го љубат“ (1 Коринќаните 2,9).
Поетот и природонаучникот би можеле многу да раскажуваат за природата, но христијанинот е оној кој со најголема почит ужива во убавините на нашата планета, бидејќи го препознава делото на рацете на својот Отец, ја гледа неговата љубов во цутот, во грмушката и во дрвото. Никој не може наполно да го цени значењето на брегот и долината, на реката и езерото, ако не ги гледа како израз на Божјата љубов кон човекот.
Бог ни зборува преку делата на своето провидение и преку влијанието на својот Дух во нашето срце. Од приликите и околностите, од промените што секојдневно се одигруваат околу нас, можеме да извлечеме драгоцени поуки ако нашето срце е отворено да ги сфати. Следејќи ги делата на Божјето провидение, псалмистот вели: „Земјата е полна со Господови добрини“ (Псалм 33,5). „Кој е мудар, ќе се поучи од ова, ќе ја сфати верната Господова љубов“ (Псалм 107,43).
Бог ни зборува во својата Реч. Во неа имаме најјасно откровение на неговиот карактер, на неговото постапување со луѓето и на големото дело на откупување. Во неа пред нас протекува историјата на патријарсите и пророците и на другите свети луѓе од старо време. Тоа биле луѓе „подложни на слабости како и ние“ (Јаков 5,17). Ние ги гледаме како се борат со исто обесхрабрување што нè обзема и нас, како паѓаат во искушенијата како што паѓаме и ние, и како сепак храбро стануваат и победуваат со Божја милост – и, гледајќи ги нив, стекнуваме храброст во нашиот стремеж кон праведност. И додека читаме за драгоцените искуства што им биле дадени, за виделото и љубовта и за благословите во кои можеле да уживаат, за делото што го извршиле со милоста што им била подарена, духот што ги вдахнувал нив и во нашите срца разгорува пламен на свет натпревар, копнеж да бидеме слични со нив во карактерот – како и тие да одиме со Бога.
Исус рекол за старозаветните списи – а колку повеќе тоа се однесува на новозаветните – „тие сведочат за мене“ (Јован 5,39), за Откупителот, за Оној кој е центар на сите наши надежи во вечен живот. Да, целата Библија зборува за Христа. Од првиот извештај за создавањето – „и без него не настана ништо од она што настана“ (Јован 1,3) – па сè до завршното ветување: „Ете, доаѓам скоро“ (Откровение 22,12), ние читаме за неговите дела и го слушаме неговиот глас. Ако сакате да се запознаете со Спасителот, проучувајте го Светото писмо!
Наполнете го целото свое срце со Божјите зборови. Тие се жива вода што ја гаси вашата жед која гори. Тие се жив леб од небото. Исус објавува: „Ако не го јадете телото на Синот човечки и не ја пиете неговата крв, не ќе имате живот во себе.“ А потоа сам објаснува: „Зборовите што ви ги реков се дух и живот“ (Јован 6, 53.63). Нашето тело е изградено од она што го јадеме и пиеме; и како што е во телесниот живот, така е и во духовниот; она за што размислуваме ѝ вдахнува расположение и сила на нашата духовна природа.
Откупувањето е тема во која би сакале да навлезат и ангелите; со неа ќе се занимаваат и за неа ќе пеат откупените во текот на бесконечните векови на вечноста. Зар тогаш не вреди за неа и сега внимателно да размислуваме и да проучуваме? Бесконечното Исусово милосрдие и неговата бескрајна љубов, жртвата што ја принел заради нас – сето тоа нè повикува на најсериозно и најсвечено размислување. Би требало да се занимаваме со карактерот на нашиот мил Откупител и Посредник. Би требало да размислуваме за мисијата на Оној што дошол да го спаси својот народ од неговите гревови. И додека така ги разгледуваме небесните теми, нашата вера и љубов се засилуваат, а нашите молитви му стануваат сè поугодни на Бога, зашто во нив има сè повеќе вера и љубов. Тие ќе бидат разумни и огнени. Нашата доверба во Исуса ќе биде сè поцврста и секој ден ќе стекнуваме живи искуства со неговата сила која „може да ги спасува за вечни векови оние кои преку него доаѓаат кај Бога“ (Евреите 7,25).
Додека размислуваме за совршенството на Спасителот, ние ќе посакаме наполно да се преобразиме, во нас да се обнови неговиот безгрешен лик. Нашата душа ќе биде гладна и жедна да стане слична на Оној што го обожава. Колку повеќе нашите мисли се занимаваат со Христа, сè повеќе ќе им зборуваме за него на другите и поцелосно ќе му го претставуваме на светот.
Библијата не е пишувана само за теолозите; напротив, таа им била наменета на обичните луѓе. Големите вистини, неопходни за спасението, во неа се откриени јасно како ден; и никој нема да згреши ниту да скршне од патот освен оние што го следат своето лично мислење наместо јасно откриената Божја волја.
Ние не смееме да се поведуваме по тврдењата на кој и да е човек во врска со она што го учи Писмото, туку мораме сами за себе да ги проучуваме Божјите зборови. Ако им дозволиме на другите да мислат наместо нас, ние ќе ја осакатиме нашата сила и ќе ги ограничиме нашите способности. Благородните сили на умот можат во голема мера да заостанат ако не ги развиваме со размислување за темите што вредат да се занимаваме со нив и ќе ја загубиме способноста за разбирање на длабокото значење на Божјата реч. Умот ќе се развива ако го ангажираме со истражување на меѓусебната поврзаност на библиските теми, со меѓусебно споредување на Писмата и на духовните вистини.
Ништо не го засилува умот во толкава мера како проучувањето на Писмото. Ниедна друга книга нема толкава сила да ги издигне мислите, да ги оживее способностите, како Библијата со своите длабоки вистини што облагородуваат. Кога Божјата реч би ја проучувале онака како што би требало, луѓето би се одликувале со широчина на умот, со благороден карактер, со цврсти намери, какви што денеска ретко се среќаваат.
Меѓутоа, малку полза може да се извлече од читањето на Писмото набрзина. Некој може да ја прочита целата Библија, а пак да пропушти да ја види нејзината убавина или да го сфати нејзиното длабоко и скриено значење. Користа е многу поголема ако се проучува еден отсек сè додека неговото значење не стане наполно јасно, а неговиот однос кон планот на спасението очигледен, отколку да се читаат многу глави без некоја одредена намера и без усвојување на корисни поуки. Библијата нека биде со вас! Кога ќе ви се укаже прилика, читајте ја; врежувајте ги текстовите во своето памтење! Дури и кога одите по улица, можете да прочитете некој отсек, да размислувате за него и со тоа да го врежете во памтењето.
Ние не можеме да стекнеме мудрост без сериозно, внимателно проучување и без молитва. Некои делови на Писмото навистина се толку јасни, што никој не може погрешно да ги сфати, но има и такви чиешто значење не лежи на површина, не се гледа на прв поглед. Едно Писмо мора да се споредува со друго Писмо. Мора грижливо да се истражува со молитва и со размислување. И таквото проучување ќе биде богато наградено. Како рударот што ги открива жилите на драгоцениот метал скриен под земјината површина, така и оној што истрајно ја проучува Божјата реч, како да бара закопано благо, ќе пронајде вистини од најголема вредност што биле скриени од погледот на немарниот барач. Вдахновените зборови, ако сериозно се примат во срцето, ќе станат слични на потоци што течат од живи извори.
Библијата никогаш не смееме да ја проучуваме без молитва. Пред да ги отвориме нејзините страници, треба да бараме просветлување од Светиот Дух и тоа ќе ни биде дадено. Кога Натанаил дошол кај Исуса, Спасителот извикнал: „Еве вистински Израелец во кого нема лукавство!“ Натанаил рекол: „Од каде ме познаваш?“ Исус одговорил: „Уште пред да те повика Филип те видов кога беше под смоквата“ (Јован 1,47.48). Исус и нас ќе нè види на тајните места на молитва ако бараме од него видело да можеме да знаеме што е вистина. Ангелите од светот на виделото ќе бидат со оние кои со понизно срце бараат Бог да им го покаже патот.
Светиот Дух го издигнува и го прославува Спасителот. Негова должност е да ни го претстави Христа, чистотата на неговата праведност и големото спасение што го имаме во него. Исус вели: „Тој… ќе земе од моето и ќе ви го објави вам“ (Јован 16,14). Духот на вистината е единствен успешен учител на божествената вистина. Колку многу Бог го љубел човечкиот род кога го дал својот Син да умре за него и кога го одредил својот Дух да биде учител и постојан водач на луѓето!