(продолжува од претходниот ден) Евреите што ги истерал Исус од храмот се сметале за Аврамови деца, но побегнале од присуството на Спасителот затоа што не можеле да ја поднесат Божјата слава што се покажувала во него. Со тоа докажале дека не биле приготвени со Божјата милост да учествуваат во светите служби во храмот. Ревно одржувале изглед на светост, но ја занемариле светоста на срцето. Додека биле поборници на словото на законот, постојано го кршеле неговиот дух. Нивна голема потреба била истата таа промена што му ја објаснил Христос на Никодима ­ ново морално раѓање, исчистување од гревот и обнова на знаењето и светоста.

Во врска со обновата не постоело никакво оправдание за слепилото на Израел. Вдахнат со Светиот Дух, Исаија напишал: „Така сите станавме нечисти, и сета наша праведност како извалкана облека.“ Давид се молел: „Дај ми, Боже, чисто срце, и обнови го во мене вистинскиот дух.“ А преку пророкот Езекил е дадено ветувањето: „Ќе ви дадам ново срце, и нов дух ќе вдахнам во вас. Ќе го извадам каменото срце од вашето тело и ќе ви дадам срце од месо. Свој дух ќе вдахнам во вас да одите по моите уредби…“ (Исаија 64,6; Псалм 51,10; Езекил 36,26.27).

Овие делови од Писмото Никодим ги читал со замаглен ум, но сега почнал да го сфаќа нивното значење. Увидел дека најстрогата послушност само на словото на законот, применувана во надворешниот живот, на ниеден човек не му дава право да влезе во небесното царство. Од човечка гледна точка, неговиот живот бил праведен и чесен, но во Христово присуство чувствувал дека неговото срце е нечисто, а неговиот живот несвет.

Христос го привлекол Никодима. Додека Спасителот му го објаснувал преродувањето, копнеел оваа промена да се изврши во него. Со кои средства можело да се постигне тоа? Исус одговорил на неизговореното прашање: „Како Мојсеј што подигна змија во пустината, така мора да биде подигнат Синот човечки, за секој што верува во него да има живот вечен.“

Тоа била област што ја познавал Никодим. Симболот  подигнатата змија на Никодима му ја објаснил мисијата на Спасителот. Кога израелскиот народ умирал од каснувањето на отровните змии, Бог му наредил на Мојсеја да направи змија од бакар и да ја постави високо среде логорот. Тогаш во целиот логор е огласено дека сите што ќе ја погледнат змијата ќе живеат. Народот добро знаел дека змијата во себе нема никаква сила да им помогне. Таа била симбол кој укажувал на Христа. Како симболот, направен во вид на смртоносна змија, што е подигнат заради нив но исцелување, така и Оној, „во облик на грешно тело“, требало да биде нивни Откупител (Римјаните 8,3). Многу Израелци сметале дека службата на жртвите има моќ да ги ослободи од гревот. Бог сакал да ги поучи дека таа нема поголема вредност од бакарната змија. Таа требало нивните мисли да ги насочи кон Спасителот. Тие не можеле да сторат ништо за себе, ниту за исцелување на своите рани, ниту за проштавање на гревовите, туку само да ја покажат својата вера во Божјиот дар. Нивно било да гледаат и да живеат.

Оние што ги каснале змии, можеле да го одложат својот поглед кон бакарниот симбол. Можеле да прашаат каква делотворност постои во тој симбол. Можеби можеле да побараат научно објаснување. Меѓутоа, немало време за никакво објаснување. Морале да ги прифатат Божјите зборови упатени преку Мојсеја. Да не се погледне – значело да се умре.

Умот не се просветлува со расправање и со разговори. Ние мораме да гледаме и да живееме. Никодим примил поука и ја усвоил. Го истражувал Светото писмо на нов начин, не заради теоретски расправи, туку да прими живот за својата душа. Кога го прифатил водството на Светиот Дух, почнал да го гледа небесното царство.

Денеска постојат илјадници луѓе што треба да ја запознаат истата вистина што ја научил Никодим од настаните со подигнатата змија. Тие се потпираат врз својата послушност на Божјиот закон, мислејќи дека со тоа ќе стекнат негова наклоност. Кога се повикани да гледаат на Исуса и да поверуваат дека Тој ги спасува со својата благодат, извикнуваат: „Како може да биде тоа?“ (продолжува)

Pin It on Pinterest