МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС
(17 – 23 мај: Умереност во сè)
„Според тоа, јадете ли пиете ли, или ако правите нешто друго, правете сè за Божја слава.“ (1 Коринтјаните 10:31; Библија)
За да го зачуваме здравјето, неопходно е во сè да бидеме умерени. Умерени во работата, умерени во јадењето и пиењето. Нашиот небесен Татко ни дал светлина за здравствената реформа, за оние коишто ја сакаат чистотата и светоста да знаат како разумно да ги употребуваат добрата што Тој ги обезбедил за нив, и применувајќи ја умереноста во секојдневниот живот да можат да бидат посветени преку вистината.
Сериозно внимание треба да се посвети на создавањето на добри навики во јадењето и пиењето. Храната што ја јадеме треба да биде таква што ќе ја создава најдобрата крв. Кон чувствителните органи за варење мораме да бидеме внимателни. Бог бара, држејќи се умерено во сè, да го дадеме својот придонес во зачувување на нашето здравје. Начинот на којшто постапуваме со својот желудник во голема мера влијае и на нашето духовно искуство. Јадејќи и пиејќи во склад со законите на здравјето, ние ги поттикнуваме и моралните активности.
Треба да владее принципот наместо апетитот. Да се биде верен на Бога навистина многу значи. Од сите коишто се ангажирани во Неговата служба, Господ со право бара силите на умот и телото да ги зачуваат во најдобра здравствена кондиција. Тоа може да се постигне само со потчинување на строга умереност и со внимателно потчинување на сите способности и сили под божествената контрола. Умереноста во јадењето, пиењето, спиењето и облекувањето претставува едно големо начело на верскиот живот. Вистината внесена во светината на душата станува вистински показател како треба да се постапува со телото. Доколку подобро ги почитувате законите на здравјето, дотолку полесно ќе ја препознаете природата на искушението, ќе бидете во состојба да му се спротивставите, и дотолку појасно ќе ја препознаете вредноста на она што е вечно и непоминливо. Господ нека ви помогне сегашните предности и привилегии да ги искористите најдобро, секојдневно да стекнувате нови победи и конечно да влезете во Божјиот град, како оние коишто победија со Јагнетовата крв и со зборовите на своето сведоштво.