[Патот кон Христа – трето поглавје]

Како може човек да биде чист пред Бога? Како може грешникот да стане праведен? Само Христос може да нè доведе во хармонија со Бога, во хармонија со светоста; но како да дојдеме кај Христа? Мнозина го поставуваат истото прашање што го поставило мноштвото луѓе на Дуовден кога сфатиле дека се грешни: „Што да правиме?“ Први зборови што им ги кажал апостол Петар биле: „Покајте се!“ Малку потоа, во една друга прилика, тој им рекол: „Покајте се и обратете се за да ви бидат простени гревовите“ (Делата на апостолите 2,37.38; 3,19).

Во покајанието е вклучена жалост поради гревот и одвојување од него. Ние нема да го отфрлиме гревот ако не ја увидиме неговата расипаност; сè додека нашето срце не се откаже од него, нема да има никаква вистинска промена во нашиот живот.

Мнозина не успеваат да ја сфатат вистинската природа на покајанието. Тие жалат затоа што грешеле и дури привидно се менуваат само затоа што се плашат од последиците на своите лоши дела. Но тоа не е библиско покајание. Тие се жалат на страдањата наместо на гревот. Таква била болката на Исава кога сфатил дека засекогаш го загубил првенството. Валам, уплашен од ангелот кој стоел на неговиот пат со гол меч, ја признал својата кривица за да не го загуби животот; но тука немало вистинско каење поради гревот, немало промена на намерите, не се јавила одвратност кон злото. Откако го предал својот Господ, Јуда Искариотски извикнал: „Јас згрешив што предадов невина крв!“ (Матеј 27,4).

Ова признание се оттргнало од неговата грешна душа под неподнослив притисок на свеста за кривицата и во страшно очекување на осуда. Последиците што му се заканувале го исполнувале со ужас, но во неговата душа немало длабока тага што го кине срцето, не жалел што го предал пречистиот Божји Син и што се откажал од Светецот Израелов. Додека ги поднесувал Божјите казни, фараонот го признавал својот грев за да го избегне натамошното казнување, но продолжувал да му пркоси на Небото штом казните би биле запрени. Сите овие се плачеле поради последиците на гревот, но не ги обземала жалост поради самиот грев.

Но кога срцето ќе го прифати влијанието на Божјиот Дух, совеста се буди и грешникот ја разузнава во извесна мера длабината и светоста на Божјиот свет Закон кој е темел на неговото владеење и на небото и на земјата. „Вистинската Светлина која го осветлува секој човек“ (Јован 1,9) ги расветлува тајните одаи на душата и скриените дела на темнината излегуваат на виделина. Умот и срцето се осведочуваат. Грешникот станува свесен за Божјата праведност и го фаќа ужас да се појави со товарот на својата кривица и расипаност пред Оној кој ги испитува срцата. Тој ја гледа Божјата љубов, убавината на светоста, радоста на чистотата; копнее да биде очистен и достоен за врска со небото.

Давидовата молитва откако паднал во грев покажува како треба да изгледа вистинската жалост поради гревот. Неговото покајание било искрено и длабоко. Во молитвата не вложувал напор да ја намали својата кривица; не покажувал желба да ја избегне казната што му се заканувала. Давид ја увидел големината на својот престап; сфатил дека ја извалкал душата; се гнасел од својот грев. Не се молел само за проштавање, туку и за исчистување на срцето. Копнеел за радоста на светоста – за обновување на хармонијата и заедницата со Бога. Вака проговорила неговата душа:

„Среќен е оној, на кого престапот му е простен, чиј грев е покриен!

Среќен е човек, кого Господ за грев не го обвинува и во чиј дух нема измама!“

Псалм 32,1.2

 

„Смилувај ми се, Боже,

според твојата верна љубов;

според твојата голема сочувствителност

избриши ги моите беззаконија. …

Зашто јас ги знам своите престапи,

мојот грев постојано ми е пред очи. …

Исчисти ме со исоп и ќе бидам чист;

измиј ме и ќе бидам побел од снег! …

Создај ми чисто срце, Боже,

и здравиот дух обнови го во мене.

Не отфрлај ме од себе

и Светиот свој Дух не одземај го од мене!

Врати ми ја радоста на твоето спасение

и бодар дух подари ми, за да ме одржува. …

Спаси ме од вината за крв, Боже, Боже,

Спасителе мој!

Господе, отвори ми ја устата

и таа ќе ја објавува твојата слава.“

Псалм 51,1-14

Едно вакво покајание ги надминува нашите сили и ние не можеме да го постигнеме, туку можеме да го добиеме само од Христа, кој се издигнал во височините и им дал дарови на луѓето.

Токму овде мнозина грешат и затоа не ја добиваат помошта што сака да им ја даде Христос. Тие мислат дека не можат да му пристапат на Христа ако прво не се покаат и дека покајанието ги приготвува за проштавање на гревот. Вистина е дека покајанието му претходи на проштавањето на гревот, бидејќи само скршеното и понизно срце чувствува потреба за Спасител. Но мора ли грешникот да чека да се покае па дури тогаш да може да дојде кај Исуса? Смее ли покајанието да се испречи како ѕид меѓу грешникот и Спасителот?

Библијата не кажува дека грешникот мора да се покае пред да го послуша Христовиот повик: „Дојдете кај мене сите кои сте онемоштени и обременети, и јас ќе ви дадам починка“ (Матеј 11,28). Силата што доаѓа од Христа води кон вистинско покајание. Петар им го објаснил ова на Израелците кога рекол: „Него Бог го возвиши со својата десница за управител и Спасител за да му даде покајание на Израел и проштавање на гревовите“ (Дела 5,31). Ние не можеме да се покаеме без Христовиот Дух кој ја буди нашата совест како што не можеме да добиеме ниту проштавање без Христа.

Христос е извор на секоја добра побуда. Само Тој може да всади во срцето непријателство кон гревот. Секоја желба што води кон вистината и чистотата, секое осведочување во нашата сопствена грешност, е доказ дека неговиот Дух дејствува во нашите срца.

Исус рекол: „А јас, кога ќе бидам подигнат од земјата, сите луѓе ќе ги привлечам кон себе“ (Јован 12,32). Христос мора да му се открие на грешникот како Спасител кој умира за гревовите на светот; и додека го гледаме Божјето Јагне на крстот на Голгота, на нашиот ум почнува да му се открива тајната на откупувањето и Божјата доброта почнува да нè води на покајание. Умирајќи за грешниците, Христос покажал несфатлива љубов; и додека грешникот ја посматра таа љубов, истата го омекнува неговото срце, влијае врз умот и душата ја прави понизна.

Вистина е дека понекогаш луѓето се засрамуваат од своите грешни патишта и дека отфрлаат некои свои лоши навики и пред да станат свесни оти се привлечени кон Христа. Но секогаш кога луѓето се обидуваат да се поправат, со искрена желба да прават добро, на тоа ги поттикнува Христовата сила. Врз душата дејствува влијание за кое не се ни свесни, совеста се буди и во животот настанува видлива промена. И кога Христос ќе ги привлече да го гледаат неговиот крст, да го посматраат Оној кого го приковале нивните гревови, тогаш заповедите се врежуваат во нивната совест. Им се открива сета злоба на нивниот живот, гревот што длабоко се вкоренил во нивната душа. Во извесна мера почнуваат да ја сфаќаат Христовата праведност и извикнуваат: „Тогаш што е гревот за да биде потребна таква жртва за откуп на неговите робови? Зар навистина била потребна сета таа љубов, сето тоа трпение, сето тоа понижување за ние да не загинеме туку да имаме живот вечен?“

Грешникот може да ѝ се противстави на таа љубов, може да одбие да биде привлечен кон Христа; но ако не се противставува, Исус ќе го привлече; познавањето на планот на спасението ќе го доведе до подножјето на крстот, полн со покајание поради своите гревови што ги предизвикале страдањата на Божјиот мил Син.

Истиот божествен ум, кој дејствува во природата, им се обраќа и на срцата на луѓето, будејќи во нив неискажлив копнеж за она што го немаат. Световното не може да го задоволи нивниот копнеж. Божјиот Дух ги преколнува да се стремат кон она што единствено може да им даде мир и одмор – кон Христовата милост, кон радоста на светоста. Служејќи се и со видливи и со невидливи влијанија, нашиот Спасител е постојано на дело, настојувајќи умот на луѓето да го одврати од грешните уживања што не ситат и да го насочи кон неизмерните благослови што можат да ги добијат во него. На сите тие души, што напразно се обидуваат да пијат од издупчените извори на овој свет, им е упатена божествена вест: „И кој е жеден – нека дојде, и кој сака – нека земе дарум од водата на животот.“ (Откровение 22,17).

Ти, кој во срцето копнееш за нешто подобро од она што може да ти го пружи овој свет, препознај го тој копнеж како Божја порака упатена на твојата душа! Моли го да ти даде покајание, да ти го открие Христа со сета негова неизмерна љубов, со неговата совршена чистота! Во животот на Спасителот кулминирале начелата на Божјиот закон – љубовта кон Бога и кон ближните. Доброчинство, несебична љубов – тоа било живот на неговата душа. И дури кога ќе го посматраме него, кога светлината од нашиот Спасител ќе нè осветли и нас, тогаш ја гледаме грешноста на нашите сопствени срца.

Ние можеме да си ласкаме себеси, како што го правел тоа Никодим, дека животот ни е чесен, моралниот лик беспрекорен, и да мислиме дека не мораме да ги понизиме срцата пред Бога како обични грешници, но, кога Христовата светлина ќе ги осветли нашите души, ќе видиме дека сме нечисти, ќе сфатиме дека нашите побуди се себични, дека непријателството кон Бога извалкало секое наше дело. Тогаш ќе сфатиме дека нашата праведност е слична на нечиста облека и дека само Христовата крв може да нè исчисти од нечистотата на гревот и да го преобрази нашето срце, да го обнови неговиот лик во нас.

Само еден зрак на Божјата слава, една искра на Христовата чистота, кога ќе проникне во душата, со болна јасност открива секоја грозна дамка и ја обелоденува грдоста и расипаноста на човечкиот карактер. Тој зрак, таа искра, ги прави видливи непосветените желби, неверноста на срцето и нечистотата на усните. На грешникот неговите вероломни обиди Божјиот закон да го прогласи за неважен му се покажуваат во вистинска светлина и неговиот дух е трогнат и потиштен под проникливото дејствување на Божјиот Дух. Тој се гнаси самиот од себе гледајќи го чистиот, неизвалкан Христов карактер.

Кога пророк Данило ја видел славата што го опкружувала небесниот весник кој му бил пратен, го обзело чувство на сопствената слабост и несовршенство. Опишувајќи го дејствувањето на таа прекрасна сцена, тој вели: „Се снеможив, лицето ми побледе, се гламносав, силата ме напушти“ (Данило 10,8). Душата, трогната на ваков начин, ќе ја замрази својата себичност, ќе се гнаси од своето самољубие и, под влијание на Христовата праведност, ќе се стреми кон чистота на срцето, што соодветствува со Божјиот закон и со Христовиот карактер.

Павле кажува дека „според правдата на Законот“ – ако се има предвид само формалното исполнување на прописите – бев „беспрекорен“ (Филипјаните 3,6); но кога го запознал духовниот карактер на Законот, сфатил дека е грешник. Според словото на Законот, онака како што го применуваат луѓето во животот, Павле се воздржувал од гревот; но кога ја запознал длабината на светите правила на Законот и се видел себеси онака како што го гледа Бог, понизно се поклонил и ја признал својата кривица. Рекол: „И јас живеев некогаш без законот; но кога дојде заповедта, гревот оживе, а јас умрев“ (Римјаните 7,9.10). Кога ја сфатил духовната природа на Законот, гревот се појавил во сета своја одвратност и неговата горделивост исчезнала.

Бог не ги смета сите гревови еднакво големи. Од Божја, а и од човечка гледна точка, постојат степени на вината. Но, колку и безначајно да е ова или она зло дело во човечките очи, пред Бога ниту еден единствен грев не е малечок. Човечките судови се пристрасни, несовршени; но Бог е реален во своите оценки. Пијаницата го презираат и велат дека неговиот грев го исклучува од небото; додека горделивоста, себичноста и зависта премногу често поминуваат без укор. Меѓутоа, тие гревови посебно му се одвратни на Бога затоа што ѝ се противат на добротата на неговиот карактер, на атмосферата на несебичната љубов што владее во безгрешната вселена. Оној што паѓа во тежок грев може да почувствува срам и беда и потреба од Христовата милост; но горделивоста не чувствува никаква потреба и со тоа срцето се затвора за Христа и за неговите бескрајни благослови.

Кутриот цариник кој се молел: „Боже, биди ми милослив мене грешен“ (Лука 18,13), себеси се сметал за мошне расипан човек, а и другите го гледале со исти очи; но тој ја почувствувал својата потреба и со својот товар на кривицата и срамот дошол пред Бога барајќи милост од него. Тој го отворил срцето пред милосливото влијание на Божјиот Дух да го ослободи од силата на гревот. Фаленичката самоуверена молитва на фарисејот покажала дека неговото срце е затворено за влијанието на Светиот Дух. Оддалечувајќи се од Бога, тој и не ја чувствувал својата расипаност која била наполно спротивна на совршенството на божествената светост. Не чувствувал никаква потреба и ништо и не примил.

Кога ќе ја увидите својата грешност, не чекајте да се поправите. Колку има такви кои мислат дека не се доволно добри да дојдат кај Христа! Очекувате ли да се поправите со свои сопствени напори? „Може ли Етиопјанецот да ја смени својата кожа и леопардот своите шарки? Можете ли вие да правите добро кога сте научиле да правите зло?“ (Еремија 13,23). Нам може да ни помогне само Бог. Ние не треба да чекаме поцврсто осведочување, подобри прилики, посвет карактер. Ние сами не можеме ништо да сториме. Мораме да дојдеме кај Христа токму онакви какви што сме.

Но никој нека не се лаже мислејќи дека Бог, во својата голема љубов и милосрдие, сепак ќе ги спаси дури и оние кои ја одбиле неговата милост. Неизмерната тежина на гревот може да се процени единствено во светлината на крстот. Кога луѓето тврдат дека Бог е премногу добар за да го отфрли грешникот, укажете им на Голгота! Токму затоа што немало друг начин човекот да се спаси, што без оваа жртва човечкиот род не би можел да се избави од срамната сила на гревот и повторно да воспостави заедница со светите суштества – што не му било можно повторно да земе удел во духовниот живот – токму затоа Христос ја презел на себе кривицата на непослушните и трпел наместо грешниците. Љубовта и страдањето и смртта на Божјиот Син – сето тоа сведочи за ужасната големина на гревот и објавува дека нема ослободување од неговата моќ ниту надеж во подобар живот, освен ако грешникот го прифати Христа.

Непокајаните понекогаш се изговараат споредувајќи се со оние што мислат дека се христијани: „И јас сум исто толку добар колку нив. Тие во однесувањето не покажуваат ниту малку повеќе самооткажување, трезвеност или будност од мене. И ним им се мили уживањата. И тие му попуштаат на гревот како и јас!“ И така слабостите на другите тие ги користат како изговор за своето сопствено занемарување на должностите. Но гревовите и маните на другите никого не го оправдуваат, зашто Господ не ни ги дал грешните луѓе за пример. За пример ни е даден неизвалканиот Божји Син и токму тие кои се жалат на неправедниот живот на привидните христијани, би требало да живеат подобар живот и да покажат поблагороден пример. Ако нивните сфаќања за она што мора да го прави христијанинот се толку возвишени, нели тогаш и нивниот грев е сразмерно поголем? Тие знаат што е право, а сепак одбиваат да го прават.

Не колебајте се! Не одложувајте ја одлуката да ги отфрлите своите гревови и со Исусова помош да го исчистите срцето! Безброј илјадници токму овде згрешиле и биле загубени за сета вечност. Не сакам да губам многу зборови во расправање за краткотрајноста и несигурноста на животот; но страшна опасност – опасност што не е доволно сфатена – се крие во колебањето да го послушаме преколнувачкиот глас на Божјиот Свети Дух и да останеме во гревот, зашто колебањето токму тоа значи. На гревот, колку и да го сметаме за незначителен, можеме да му попуштаме само со ризик да бидеме загубени за сета вечност. Она што не ќе го совладаме ние, ќе нè совлада нас и ќе предизвика наша пропаст.

Адам и Ева самите себеси се увериле дека толку незначителното дело, какво што е јадењето од забранетиот плод, не може да има толку страшни последици како што рекол Бог. Но тоа незначително дело било престап на Божјиот непроменлив и свет Закон, и токму тој „незначителен“ престап го одвоил човекот од Бога и ги урнал браните, овозможувајќи нашиот свет да го преплават смрт и неискажливи страдања. Од столетие во столетие од нашата планета постојано се издигнувале извици на болки и сите созданија заеднички воздивнувале и болно страдале од последиците на човековата непослушност. И самото небо го чувствувало влијанието на неговиот бунт против Бога.

Голгота стои како споменик на прекрасната жртва со која морал да се окае престапот на божествениот Закон. Гревот не треба да го сметаме за нешто незначително!

Секој престап, секое занемарување или отфрлање на Христовата милост, остава свои последици врз нас; тоа го стврднува срцето, ја ослабува волјата, го отапува умот и не само што нè прави помалку подготвени, туку и помалку способни да ги послушаме нежните повици на Божјиот Свети Дух.

Мнозина ја смируваат разбудената совест со мислата дека можат да се вратат од својот лош пат секогаш кога ќе посакаат; дека можат да си се играат со повиците на милоста, а сепак да останат трајно чувствителни спрема нивното влијание. Иако му пркоселе на Духот на милоста, иако своето влијание го ставиле во служба на сатаната, тие мислат дека сепак ќе можат да ја променат насоката на животот во мигот кога ќе настапи страшна криза. Но тоа не е така лесно да се стори. Искуствата и воспитувањето во текот на целиот живот толку темелно го формирале карактерот, што тогаш само ретки посакуваат да бидат слични на Исуса.

Дури и само една мана во карактерот, само една грешна желба, ако упорно се негува, на крај ќе го поништи сето влијание на евангелието. Секое попуштање пред гревот ја засилува одбивноста на душата кон Бога. Човекот, кој е упорен во своето неверство, кој е тапо рамнодушен кон божествената вистина, само го жнее она што самиот го посеал. Во целата Библија нема пострашно предупредување против играњето со злото од зборовите на мудриот човек дека грешникот „ќе се заплетка во јажињата на своите гревови“ (Мудри изреки Соломонови 5,22).

Христос е готов да нè ослободи од гревот, но на тоа не нè присилува; и ако нашата волја наполно му е потчинета на злото затоа што постојано живееме во престап, и ако не сакаме да се ослободиме, ако не сакаме да ја прифатиме неговата милост, тогаш што уште би можел Тој да стори? Ние сами себе сме се упропастиле затоа што намерно сме ја отфрлиле неговата љубов. „Еве, сега е погодно време, еве, сега е денот на спасението!“ „Денес ако го чуете неговиот глас, не закоравувајте ги вашите срца“ (2 Коринќаните 6,2; Евреите 3,7.8).

„Човек гледа на лицето, а Господ гледа на срцето“ (1 Самоилова 16,7) – на човечкото срце, исполнето со противречни чувства на радост и тага, на немирното самоволно срце во кое има толку нечистотии и измами. Тој ги знае неговите побуди, неговите вистински намери и цели. Појдете кај него со својата извалкана душа, онаква каква што е! Како и псалмистот, отворете ги сите нејзини катчиња за окото кое гледа сè и извикнете: „Испитај ме, Боже, и запознај ми го срцето; Провери ме и запознај ги моите стремежи! И ако видиш дека сум на лош пат – поведи ме по патот на вечноста“ (Псалм 139,23.24).

Мнозина прифаќаат само интелектуална религија, само форма на побожноста што не бара чистење на срцето. Вашата молитва нека биде: „Дај ми, Боже, чисто срце, и вистинскиот дух обнови го во мене“ (Псалм 51,10). Бидете чесни кон својата душа! Бидете исто толку сериозни, исто толку истрајни, како да е во прашање вашиот поминлив живот? Тоа е прашање што мора да се реши меѓу Бога и вашата душа, да се реши за вечност. Ако немате ништо друго, освен лажна надеж, стремително се движите кон сигурна пропаст.

Проучувајте ја Божјата реч со молитва. Таа реч во Божјиот закон и во Христовиот живот ви ги изнесува големите начела на светоста без кои „никој не може да го види Господа“ (Евреите 12,14). Таа осведочува за гревот; таа јасно го открива патот на спасението. Послушајте ја како Божји глас што ѝ зборува на вашата душа.

Кога ќе ја увидите сета стравотија на гревот, кога ќе ја сфатите својата вистинска состојба, не очајувајте. Христос дошол токму затоа да ги спаси грешниците. Не е наше да го помириме Бога со себе, туку – о чудесна љубов! – сам Бог во Христа го помири „светот со себе“ (2 Коринќаните 5,19). Тој со својата нежна љубов ги повикува кај себе срцата на своите заскитани деца. Ниту еден земен родител не би можел да биде толку стрплив кон маните и грешките на своите деца како што е Бог кон оние што сака да ги спаси. Никој не би можел посесрдно да го повикува престапникот. Ниедни човечки усни никогаш не му се обраќале понежно на заскитаниот отколку неговите. Сите негови ветувања, сите негови опомени, се само воздишки на неискажлива љубов.

Кога сатаната ќе ве уверува дека сте голем грешник, погледнете кон својот Откупител и зборувајте за неговите заслуги. Гледањето во неговата светлина ќе ви помогне. Признајте го својот грев, но кажете му на непријателот дека Исус Христос дојде на светот да ги спаси грешниците (1 Тимотеј 1,15) и дека и вие можете да бидете спасени со неговата ненадмината љубов. Исус на Симона му поставил прашање за двајца должници. Едниот му должел на господарот мал износ, а другиот му бил должен многу, многу; но тој им простил на двајцата. Христос го прашал Симона кој должник ќе го сака повеќе својот господар. Симон одговорил: „Мислам оној кому повеќе му простил“ (Лука 7,43). Ние сме биле големи грешници, но Христос умрел за нам да може да ни биде простено. Било доволно да му ги изнесе на својот Отец заслугите на својата жртва во наша корист. Оние на кои најмногу им простил, ќе го љубат најмногу и ќе стојат најблизу до неговиот престол да го слават поради неговата голема љубов и неизмерна жртва. Токму тогаш, кога најпотполно ќе ја сфатиме Божјата љубов, најдобро ја увидуваме и злобата на гревот. Кога ќе ја видиме должината на скалата што ни е подадена, кога макар донекаде ќе ја сфатиме големината на жртвата што ја дал Христос заради нас, тогаш нежност и понизност ќе го смекнат и нашето срце.

 

Pin It on Pinterest