Горан Михаљ, Романија
„Зашто Самиот Господ на заповед, при глас на архангел и при Божја труба, ќе слезе од небото и мртвите во Христа ќе воскреснат прво.“ (1 Солунјаните 4:16 ; Библија)
Една девојка – литературен евангелист беше „повикана“ да влезе да понуди книги во зградата на управата на владата. Како ги посетувала сите канцеларии едно по друго, една жена сериозно се заинтересирала за книгите кои ги нудела. „Мажот ми е многу болен. Чита по цел ден, а неговата особена љубов се верски книги. Што би ми препорачале за него?“ Колпортерката (жената која продавала книги) одговорила: „Би требало да купи примерок од книгата ‘Големата борба’. Му ја препорачувам оваа книга затоа што ги содржи одговорите на многу прашања и има длабока духовна порака. Таа го опишува среќниот крај на оние кои веруваат во Бога.“ Жената била многу благодарна и рекла дека книгата ќе ја даде на својот маж за пријатно да го изненади.
Неколку седмици подоцна, колпортерката се вратила во истата зграда и почувствувала некој вид на „притисок“ повторно да ја посети таа жена. Ја нашла во црнина и под претпоставка дека мажот ѝ умрел, во своите мисли упатила молитвата кон Бога за да може да ги пронајде вистинските зборови на утеха. Меѓутоа, жената била весела и не покажувала никакво обесхрабрување. Со смирен глас ѝ кажала: „Госпоѓице, немам доволно зборови за да ви се заблагодарам на прекрасната книга. Мојот сопруг почина, но дозволете ми да ви кажам, каков впечаток таа книга изврши на него.“ Потоа продолжи: „Два пати ја прочита и на многу места ја подвлече. Исто така забележав големи и прекрасни промени во неговите ставови. Често со мене ги споделуваше преубавите делови за кои читаше. Книгата на двајцата ни помогна да го прифатиме одвојувањето кое смртта му ја носи на еден брачен пар. Порано се плашевме од смртта, но во таа книга ја откривме радоста на воскресението и вечниот живот.“
Продолжи: „Мојот сопруг умре со Библијата и Големата борба во своите раце. Во знак на почитување ги ставив тие книги во ковчегот покрај неговото тело. Тие го променија неговиот живот и му донесоа мир и доверба. Неговиот променет став пред смртта многу ми помагаше низ целата оваа ситуација.“
Почитувани читатели, само замислете што се случило тука. Тие две книги се наоѓаат во ковчегот покрај тој човек. Во утрото на воскресението, кога ќе се сретне со својот Господ, тие книги целосно ќе ја исполнат својата улога на исцелување на човекот и зајакнување на довербата во Божјите ветувања. Можеме да бидеме сосема сигурни во тоа!