МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(3 – 9 мај: Одржување на физичките сили)

„И им рече: ‘Дојдете вие сами, на пусто место и починете си малку!’ Зашто, мнозина доаѓаа и си заминуваа, и немаа време ни да јадат.“ (Марко 6:31; Библија)

Иако времето е кратко, а задачата што треба да се заврши е голема, на Господа не Му е по волја своето работно време да го продолжуваме толку многу, што нема да ни остане време за одмор, за проучување на Библијата и за разговор со Бога во молитва. Сето тоа е важно за јакнење на душата, и има за цел да нè доведе во положба каде што ќе ја примиме мудроста од Бога за да ги искористиме своите таленти во служба на Учителот, на најдобар можен начин. Кога Христос рекол дека „жетвата е голема, а работници се малку”, Тој не барал од Своите ученици непрекинато и напорно да работат, напротив, им рекол дека веќе се преморени, и дека нема да бидат способни за следните напори доколку не се одморат за извесно време. Ве молам во името Христово, штедете ги своите сили, за откако ќе се одморите, да можете да ги завршите своите задачи поуспешно и подобро.

Кога учениците му раскажале на Христа што сè доживеале за време на својата работа, Тој ја сфатил нивната потреба. Тие, со својата работа, биле многу воодушевени и охрабрени, но од сето тоа биле, исто така уморни и преморени. Осаменото место, на коешто Тој ги повикал, не било безживотна и неплодна пустина, туку место на повлеченост и мир, пријатно за окото и за рекреација. Такво место тие пронашле недалеку од едно омилено летувалиште на Галилејското езеро.

Христијанскиот живот не треба да го претвориме во непрекината акривност и постојано размислување. Тој знаел дека едно време на изолираност и одмор од мноштвото и секојдневните призори на нивната работа, ќе ги освежи и ќе ги зајакне нивните сили, па затоа ги повикал од прометните градови да се повлечат на мирно и сокриено место, каде што можеле да поминуваат драгоцени часови, дружејќи се со Него и едни со други. На Христовите ученици им било потребно да им се дадат поуки, не само за тоа како треба да работат, туку и како треба да се одмораат. И денес работниците што Бог ги избрал, треба да го послушаат Христовиот налог: „Дојдете сами во осамено место и одморете се малку.“

Pin It on Pinterest