МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(3 – 9 мај: Одржување на физичките сили)

„Зошто да ги трошите сребрениците за она што не е леб, и својата надница за она што не сити? Послушајте Ме Мене, и ќе јадете добро и ќе уживате во сочни јадења.“ (Исаија 55:2; Библија)

Здравствната реформа претставува разумно избирање на најздравите намирници и припремање на истите на наједноставен начин.

Храната што ја употребуваме претставува градиво за нашето тело. Ткивото во организмот постојано се троши, работата на секој орган предизвикува трошење на ткивото, а оваа загуба се надокнадува токму преку храната. Секој орган на телото бара свој дел од внесената храна. Мозокот мора да се снабди со она што му е потребно. Додека пак коските, мускулите и нервите, исто така си го бараат своето. Навистина е прекрасен и чудесен процесот со кој храната се претвора во крв, а крвта се користи во изградбата на различните делови на телото. Овој процес се одвива постојано и му дава живот и сила на секој нерв, на секој мускул и на целокупното ткиво.

Бог, човекот го снабдил со изобилство на намирници коишто можат да го задоволат неизопачениот апетит. Тој пред нив ги простира производите на земјата, вистинско изобилство на разновидна храна којашто може да го задоволи здравиот вкус и вистинските потреби на организмот. Од тоа изобилие, што небесниот Татко така дарежливо ни го нуди, можеме слободно да јадеме. Овошјето, зрнестата храна и зеленчукот, приготвени на едноставен начин, без зачини и масти од било кој вид, со млеко и павлака, претставува најздрава храна. Овие намирници му даваат сила на телото, издржливост, енергија и бистрина на умот, што не може да се постигне со надразнувачката храна.

Трпезата секогаш треба да биде поставена вкусно и привлечно, и да биде снабдена со добри намирници со кои Бог така дарежливо нè обдарил. За време на јадењето сите треба да бидат расположени и среќни. Бидејќи ги уживаме Божјите дарови, да настојуваме да Му оддаваме благодарност и слава како на Дародавец.

Бог за храна ни дал овошје и разновидни плодови на земјата, за да имаме чиста крв, смирени нерви и бистар ум.

Pin It on Pinterest