МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(3 – 9 мај: Одржување на физичките сили)

„Убавината на младите е нивната сила.“ (Пословици 20:29; Библија)

Уште една драгоцена благодат е соодветното движење. Секој орган и секој мускул во живиот организам на човечкото тело имаат своја задача. Секое тркало на една машина мора да биде живо, активно и функционално. Така и фината и чудесна машинерија на човечкиот организам мора да се одржува во постојано движење, за да ја исполни целта за која што е наменета.

Врзете ја цврсто едната рака и оставете ја така неколку седмици, а потоа ослободете ја, и ќе забележите колку е послаба од онаа со којашто за сето тоа време сте се служеле. Неактивноста доведува до исти последици во целиот мускулен систем.

Неактивноста претставува честа причина за многу заболувања. Движењето и живоста ја изедначуваат циркулацијата на крвта во организмот.

За здравиот и млад човек, брзото и напорно движење го јакне целиот организам. Без такво движење, умот не може трајно да ја одржи својата работна способност. Тој станува неактивен и неспособен за остро и брзо реагирање, што би требало да им дава обележје на неговите способности.

Сите небесни суштества се во постојана активност. И Господ Исус со Својот живот на постојаната работа, ни оставил пример на секој од нас. Тој поминал низ животот правејќи добро. Бог одредил законите на активност да мора да се почитуваат. Сè што создал Тој, без приговор, непрекинато ја извршува својата одредена задача, исполнувајќи ја целта на своето постоење.

Водите на бескрајниот океан се во постојано движење. Тревата „којашто денес ја има, а утре се фрла во оган”, расте – исполнувајќи ја својата цел – со својата убавина да ја краси земјата. Лисјата треперат на гранките од дрвјата, иако не се гледа раката којашто ги допира. Сонцето, месечината и ѕвездите корисно и величествено се движат во извршувањето на својата мисија. Исто така и човекот, создаден по Божјо обличје, мора своите умни и телесни сили да ги одржува во состојба на активност за да може да ја изврши задачата којашто му е наменета. Активноста дава и ја одржува силата.

Pin It on Pinterest