МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС
(3 – 9 мај: Одржување на физичките сили)
„Го открив ова: Бог го создаде човекот едноставен, а тој смислува безбројни сплетки.“ (Проповедник 7:29; Библија)
Здравствената реформа е важен дел на третата ангелска вест, а како народ којшто тврди дека ја прифатил оваа реформа, не смееме да назадуваме, туку постојано треба да напредуваме во тој поглед. Голема е предноста да си обезбедиме здравје, поставувајќи се правилно кон законите на животот.
Една од првите цели кон која треба да тежнееме е правилното држење на телото, и при седење, и при стоење. Бог го создал човекот исправен, и Тој сака човекот да поседува, не само физички, туку и умни и морални благодети: отменост и достоинство, прибраност, храброст и самодоверба, кон што исправното држење на телото силно и очевидно допридонесува.
Градите мораат да бидат што послободни. Нивната способност и обемот на зафатнина ќе се развиваат дотолку повеќе доколку се послободни во својата работа, а секако дека ќе се смалат доколку постојано се изложени на притисок и стегање.
Вообичаеното претерано наведнување при работата во седечка положба е многу штетно. Во таквата положба е оневозможено длабокото дишење. Плиткото, површно дишење бргу преминува во навика, и така белите дробови ја губат способноста на ширење. При тоа не се внесува ни доволна количина на кислород, и крвта во вените се движи успорено.
По важност веднаш по правилното држење на телото следи дишењето и негувањето на гласот. Оној којшто седи и стои исправено, вообичаено диши многу поправилно од другите. За да се осигури беспрекорно изговарање при читањето и говорот, треба да се настојува стомачните мускули интензивно да учествуваат во дишењето, и дишните органи да не бидат стеснети. Напорот треба да се пренесе на стомачните мускули, а не на мускулите на грлото. На тој начин може да се спречи големо заморување и тешко оболување на грлото и градите.
За да имаме добро здравје, мораме за тоа да Му се молиме на Бога, но исто така мораме и да направиме сè што можеме од своја страна за да ги исполниме неопходните услови за добро здравје.