Предизвикани од познати или најчесто од непознати причини алергиите на храна во денешно време се сè почесто присутни. Тоа најверојатно се должи на низа фактори како: лошиот начин на исхрана, преголема употреба на индустриски процесирана храна, генетски модифицирана храна, генетска предиспозиција итн. Имунолошкиот систем е еден од најкомплицираните системи во човековиот организам и научниците се во постојано истражување на неговиот начин на работа и на методи за третмани на разни имунолошки пореметувања во кои спаѓаат и алергиите (од кои дел се и алергиите на храна). Во продолжение ќе биде наведен краток опис на тоа што се случува во организмот при алергиска реакција, кои се најчестите алергени во храната, и како да се заштитите од последиците на алергиските реакции.
Што претставува алергијата?
Алергијата (да не ја поистоветуваме со нетолеранција на храна) претставува хиперсензитивна состојба на организмот која се карактеризира со прекумерни – штетни (некогаш и животозагрозувачки) реакции на имунолошкиот систем кон вообичаени компоненти во храната. Кога во нашето тело ќе го внесеме алергенот (т.е ќе консумираме намирница која ја содржи супстанцата на која сме алергични), нашиот имун систем се активира, го препознава алергенот како страно тело, си поставува задача да го уништи, и продуцира соодветни антитела за да го отстрани алергенот. Овие реакции понекогаш може да бидат толку многу бурни, при што се продуцираат многу антитела, се ослободува хистамин и други активни супстанци вклучени во процесот на уништување на алергенот што може да доведе до отоци на одредени делови од телото, и да дојде до затворање на дишните патишта, а ако не се реагира експресно, може да дојде до запирање на дишењето и до смрт.
Кои се најчестите алергени во храната?
Најголема веројатност за предизвикување на алергии имаат протеинските молекули (но тоа не значи дека и некои други соединенија не може да бидат алергени). Па така, најчести алергени се протеините од: јајцата, млекото, кикиритките, сојата, пченицата, рибата и морските плодови.
Како да се заштитите од последиците на алергиските реакции?
Доколку имате сериозна алергија на одредена компонента од некоја намирница, тогаш најбезбедно за вас е да ја исклучите таа намирница од вашата исхрана и многу да внимавате на вкрстена контаминација (алергенот може да се најде и во некоја „безбедна“ храна ако во текот на подготовката „безбедната“ храна дошла во контакт со храната која содржи алерген). Алергиите понекогаш може да имаат непредвидлив тек, т.е. организмот во одреден момент од животот може да стане толерантен на алергенот, така што доколку сакате можете да направите соодветен тест за алергија под надзор на лекар, за да видите дали сеуште сте алергични на одредената супстанца. Во секој случај, бидете многу внимателни ако некогаш искусите некоја алергиска реакција пропратена со гушење, како резултат на случајно консумирање храна во која е присутен алергенот што би ја предизвикал таа реакција, веднаш посетете болница за да добиете соодветна терапија.