(Победа над депресијата – прво поглавје)
А.Л. добро знаел што значи тоа да бидеш потиштен. Во еден период од својот живот западнал во таква депресија која тотално го парализирала. Во една прилика изјавил: „Сега јас сум најнесреќниот човек на светот. Ако она што го чувствувам, подеднакво се распредели на сите жители на светот, на целата планета не би имало ниту едно насмеано лице.“
А.Л. имал причина да биде нерасположен. Се родил и израснал во сиромашно семејство, доживеал неуспех на работа, а по овој неуспех не успеал да ја добие работата за која мислел дека е токму за него и во која ќе можел да даде сѐ од себе. Жената која ја сакал искрено, умрела прерано. Подоцна сакал да се ожени со друга девојка, но таа го одбила. Ситуацијата била таква што можело да се заклучи дека поради своите искуства од минатото и склоноста кон меланхолија, А.Л. никогаш немало да се издигне над околностите и никогаш немало да постигне некој успех во својот живот.
Децении подоцна, на другиот крај на светот се случило нешто слично. Овој пат лицето припаѓало на друг општествен слој. Иако се родил во богато семејство В.Ч. од мали нозе се соочувал со предизвици на физички, ментален и емоционален план. Кога имал само три години, паднал од магаре и добил потрес на мозокот. Кога имал единаесет години, животот му висел на конец, додека неговиот доктор се обидувал да го спаси од страшното воспаление на белите дробови. Кога имал осумнаесет години, паднал од 9 метри висина, и едниот бубрег целосно му се распрснал по што му требале неколку седмици одмор за да заздрави. Често пати изгледало дека менталните и емоционалните предизвици со кои се соочувал, на крај ќе го доведат до дното. Два пати паднал на приемниот испит на колеџот на кој сакал да студира. Таткото на В.Ч. не можел да го утеши кога биле во прашање неговите неуспеси во училиште. Тој му велел на својот син дека води „бесцелен и бескорисен живот“- а истовремено сметал и дека промена во животот на В.Ч. е потполно невозможна – па му прогнозирал дека еден ден ќе се претвори во „обичен безделник, еден од стотината пропаднати ученици во државните училишта“ кој на крајот ќе живее еден беден, несреќен и непродуктивен живот. Овие предизвици со кои се соочувал младиот В.Ч. накратко ги објаснуваат корените на депресијата кои ќе го мачат во целиот понатамошен живот. Изгледало како да В.Ч. е осуден да живее повлечен живот, во осаменост, несреќа и потполна анонимност. Навистина, се чини дека депресијата ја уништува нашата креативност, спонтаноста, нашата способност да ги постигнуваме посакуваните цели во животот, способноста да се радуваме и да ја сфатиме суштината на нашето постоење. Меѓутоа депресијата не мора да значи и крај на нечија животна приказна. А.Л. чиешто полно име е Абрахам Линколн, можел да се предаде на својата депресија, и никогаш во животот да не постигнел ништо. Наместо тоа, тој се пробивал напред и станал еден од најценетите американски претседатели на сите времиња. Неговиот живот е доказ дека човековиот мозок има огромен потенцијал. Во еден момент од неговиот живот, изгледало дека умот на Линколн бил толку оптоварен што веќе не било можно да функционира, но подоцна истиот тој ум му помогнал да го состави и да го одржи говорот во Гетизбург. Депресијата на младиот В.Ч, можела да биде последното поглавје од тажната биографија на уште еден човек во светската историја. Меѓутоа Винстон Черчил (ова е неговото целосно име) исто така се издигнал над околностите и ја поткренал Британија во еден од нејзините најтешки периоди. „Државник“, „говорник“, „мотиватор“, „лидер“, – ова се атрибути кои му се препишуваат на некого кој можел да им се препушти и да им се предаде на чувствата на потиштеност.
Надеж за жртвите на депресија
Животните приказни на Абрахам Линколн и Винстон Черчил даваат надеж за сите оние кои запаѓаат во депресија. И двајцата имале многу тешки соочувања на полето на човековите мисли. Сепак најважните соочувања во нивните животи се одвивале на ниво на нивниот сопствен ум. Навистина, ако се борите со депресија или со некои други предизвици на полето на менталното здравје (или не), вашата животна приказна зависи од тоа колку успешно можете да го искористите потенцијалот и моќта на вашиот мозок.
Меѓутоа, да се искористи моќта и потенцијалот на мозокот воопшто не е лесна и едноставна задача. Иако нашиот мозок е силен и чудесен, од научен аспект тој претставува орган во нашето тело за кој моментално најмалку знаеме (во споредба со она што го знаеме за останатите органи во нашето тело). Иронијата е во тоа што болеста депресија и нејзиното лекување, на чудесен начин го претставуваат потенцијалот на човековиот мозок, но во исто време ги прикажуваат и многуте тајни на неговото функционирање. Без разлика на тоа дали веќе сте имале прилика да доживеете жесток напад на депресија или не, подоброто разбирање на суштината на оваа болест може да ви претстави нови можности за тоа како да го подобрите функционирањето на вашиот сопствен ум.
Кога помислуваме на нештата кои се случуваат околу нас, а и на силите кои делуваат во нашиот живот, навистина треба да почнеме да размислуваме за фактот дека еден толку мал орган, тежок само 1360 грама може во потполност да ја одреди нашата судбина. Навистина, мозокот игра главна улога во формирање на нашиот личен идентитет и од него во најголема мера зависи нашата способност за успешно поставување и постигнување на целите во животот.1 Мозокот е поттикнувач на целокупното човеково однесување. Нашите спомени, нашите желби, способноста за донесување на разумни одлуки, радоста, смеата, длабоката тага, тажните воздишки и плачењето – сите овие се функции на мозокот.
Сложеноста на човековиот мозок
Човековиот мозок претставува најкомплексна структура – која досега била научно истражувана. Во табела 1 се наведени неколку вчудоневидувачки факти за мозокот. Обрнете внимание на тоа дека мозокот процентуално претставува многу мал дел од нашата телесна маса, но за неговото функционирање е потребна многу поголема количина на енергија која не е сразмерна на неговата големина. Тој се состои од милијарди нервни клетки кои се нарекуваат неврони. Постојат повеќе типови на неврони. Секој тип на неврон има свој специфичен хемиски состав, форма и врска.2 Тие многубројни врски (споеви) на невроните и нивното меѓусебно комуницирање претставуваат вистинско чудо. Но со овие факти ја допираме само површината на сложената структура и функционирање на мозокот.
-Неговата маса изнесува само 2% од целокупната телесна маса.
-Користи 15% од вкупниот телесен метаболизам.
-Содржи 100 милијарди нервни клетки (неврони).
-Поседува илјадници различни типови на клетки (во споредба со 10 или помалку типови на клетки во останатите органи во телото).
-Еден неврон може да комуницира со дури 200.000 други неврони.
Функционирањето на здравиот мозок зависи од способноста на невроните за меѓусебна комуникација. Во текот на овој процес на комуницирање, се случува пренос на електрични сигнали од еден до друг неврон, во облик на хемиски сингнали. Овие функции се детално објаснети во друг дел (Додаток1).
Мозокот е составен од делови кои се нарекуваат лобуси. Лобусите на мозокот се претставени на слика1. Задниот дел од мозокот – се нарекува окципитален лобус, и се наоѓа на средината на десната страна и истовремено е и најмал од сите лобуси. Одговорен е за сетилото за вид како и за почетната фаза од визуелната обработка, т.е. за одредување на бојата и обликот и просторната поставеност на објектите што ги гледаме. Оштетувањата на окципиталниот лобус може да предизвикаат: визуелни халуцинации, ограничено видно поле, неспособност за препознавање на лица и места, неразликување на бои и неспособност за да го разбереме она што го гледаме.3
Веднаш над горниот централен дел на мозокот, се наоѓа париеталниот (темениот) лобус. Тој ги толкува и ги интегрира информациите од сензорните области, овозможувајќи ни да одредиме „што“ претставуваат објектите кои ги гледаме и „каде“ се наоѓаат во просторот. Задолжен е и за чувството на допир, и за почетната фаза од обработката на допирот, и ја интерпретира силата на прититок и видот на допир. Некои од неговите функции се и: читање, пишување, математички пресметки, разбирање на зборови и одредување на нивното значење, разбирање на јазикот и просторните односи4. На горната лева страна (слика 1) е прикажан фронталниот (челниот) лобус, кој е задолжен за движењето. Фронталниот лобус е најголем од сите мозочни лобуси и завзема една третина од вкупната површина на мозокот.5 Предниот дел на фронталниот мозок е познат како перфронтален кортекс, и е задолжен за најважните функции на мозокот, вклучувајќи ги тука и способноста за планирање и интеграција на податоците, како физички така и емоционални, а учествува и во контролата на однесувањето. Ни овозможува точно да го процениме нашето однесување и правилно да реагираме на одредени случувања и ситуации. Лицата кои имаат оштетување на фронталниот лобус можат успешно да решат одредени тестови за интелегенција но може да се случи да во вистинските животни ситуации каде е потребна ментална флексибилност и планирање, воопшто да не се способни да се снајдат. Фронталниот лобус извршува различни функции како што се малите движења на прстите, креативниот говор, музиката, движењето на очите и апстрактното размислување.6 Темпоралниот (слепоочниот) лобус се наоѓа на долната лева страна (слика 1) и го зафаќа хипокампусот каде се собрани спомените поврзани со луѓе, места и предмети. Тој ги контролира слухот и разбирањето на звуковите, како и инстинктивните и основните моторни функции на телото. Оштетувањето на темпоралниот лобус може да предизвика глувост, неспособност за интерпретација на звуковите, аудитивни халуцинации, слабо памтење, конфузност во говорот и слабо разбирање на јазикот.7
Малиот мозок прикажан на долната десна страна (слика 1) учествува во фина координација на движењата и во изведувањето на атлетски вештини. Се наоѓа веднаш над мозочното стебло. Тој ги контролира движењата на телото, рамнотежата и движењата на очите. Оштетувањето на малиот мозок може да предизвика лошо држење на телото и пореметувања во одот, во движењето на рацете, нозете и очите.
Иако претставува мал дел од мозокот и е во облик на бадем, амигдалата игра значајна улога во емоционалната функција. Таа учествува во давање на емоционални значења на настаните/случувањата и предметите, а игра и посебна улога во негативните емоции како што се стравот – особено во реакцијата „борба или бегство“. Освен тоа тој го контролира и внесот на храна, сексуалното однесување, агресивното однесување и желбите.8 Центарот за емоции во мозокот е познат под името – лимбички систем. Додаток 2 претставува краток преглед на составните делови на лимбичкиот систем на мозокот. Тој делува како посредник кога доживуваме различни емоции, учествува во основните реакции и во складирањето на спомените. Оштетување на лимбичкиот систем може да доведе до тоа да личноста западне во состојба на сонување или длабока депресија, да има ниско мислење за себе, непотребно да чувствува страв или претерано задоволство и да го изгуби памтењето9.
Мозокот не е статичен орган, неговата структура постојано се менува. Тие промени се објаснети во табела 2.
– Во текот на учење структурата на мозокот се менува.
– Се формираат нови неврони, и така се создаваат нови спомени.
– Алкохол, болести и стрес можат да ги уништат невроните.
– Начинот на исхрана, стилот на живот и одлуките кои секој ден ги носиме ја менуваат структурата на мозокот.
Она што најмногу воодушевува и изненадува, кога е во прашање мозокот, е дека тој не е статичен орган ниту во физичка ниту во хемиска смисла. Мозокот постојано се менува. Секојпат кога една личност ќе научи нешто ново, без разлика дали тоа е свесно или подсвесно, тоа искуство ја менува структурата на мозокот. Значи, преносот по нервен пат (неуротрансмисија) не само што ги содржи најновите информации, туку и, ако учењето се одвива со одреден интензитет и по шема која одговара, ќе го промени следното пренесување по нервниот пат.
Ако некое искуство е доволно значајно за да се задржи во меморијата, тоа ќе доведе до создавање на нови синаптички врски, прекинување на старите и зајакнување или ослабнување на постојните врски. Состојбата на стрес, болест или консумирање на алкохол или некои други токсини можат да ги уништат невроните. Современите податоци покажуваат дека нови неврони може да се развијат дури и во мозокот на возрасни лица10, каде може да допринесат за создавање на нови спомени. Како резултат на искуствата, информацијата сега кружи по друга патека. Многу од овие промени можат да бидат долготрајни, па дури и постојани. На овој начин може да постојат различни сеќавања на случувања кои се случиле пред 20, 30 или дури и пред 50 и повеќе години, вклучувајќи тука и многу наши спомени од детството.
Многу од нашите 35000 гени11 учествуваат во градење на овие навистина воодушевувачки структури кои ние ги нарекуваме – мозок, но секако не се единствените кои учествуваат во тоа. Мозокот се изградува и се менува низ искуствата и под влијание на околината. Поради тоа, начинот на исхрана, стилот на живот, и многубројните одлуки кои ги носиме секој ден во огромна мера влијаат на ефикасноста на функционирањето и однесувањето на мозокот. Упатството дадено во Библијата пред скоро 2000 години е дури и позначајно во светлото на модерната наука: „И да се обновите со духот на својот ум.“12
Ментални пореметувања
Земајќи ја во обзир сложената структура и функција на човековиот мозок, не би требало да нѐ изненади што понекогаш во него доаѓа и до одредени пореметувања. Постојат две основни групи на ментални пореметувања. Пореметувањата поврзани за зависности, како што се алкохолот или дрогата, се нарекуваат болести на зависност, а сите останати се нарекуваат „ментални пореметувања“. Зошто се прави ваква поделба? Сите болести на зависност имаат во себе компонента на ментално пореметување, но можеби бараат поразличен пристап за лекување за разлика од менталните пореметувања кои во себе не ја содржат компонентата на зависност.
Факт е дека менталните пореметувања и болестите на зависност земаат голем данок во современиот начин на живот. Скоро 82% од населението во Менхетен, Њујорк покажува некакви знаци и симптоми на нервна растроеност. Меѓутоа, кај повеќето луѓе тие знаци и симптоми не се застапени сите одеднаш, ниту пак траат толку долго за да може да се воспостави дијагноза на ментално заболување.13 Според неодамнешни проценки, 28% од населението во САД (44 милиони луѓе) има некое ментално пореметување или болест на зависност во одреден период од својот живот како што е прикажано на табела 3.14,15
Обратете внимание на тоа дека околу 22% имаат некое ментално пореметување, додека преостанатите 6% патат од некоја болест на зависност.16,17,18
Само ментални пореметувања 19%
Само пореметувања на зависност 6%
Ментални пореметувања со зависност 3%
Вкупно 28%
Многу луѓе кои навистина патат од некое ментално заболување, продолжуваат да функционираат скоро сосема нормално, бидејќи или не боледуваат од некоја тешка ментална болест или пак добро научиле како да ги сокријат своите симптоми и чувства. Сепак, 9% од населението на САД страда од навистина тешки ментални болести кои сериозно го попречуваат нивното функционирање19, оневозможувајќи им редовно посетување на училиштето или работата, или доведуваат дури и до тоа да завршат во болница.
Срам од менталните болести
Сели Лосон е една од оние жени кои сами се пробиле и успеале во животот. Почнала скоро од нула, потоа започнала многу успешна работа и изгледало дека откако ја продала својата компанија по прилично висока цела, до крајот на животот ќе ужива во луксуз без никакви финансиски грижи. Исто така била амбициозна и одлучна кога биле во прашање и нејзините хобија. Нејзината прва љубов било јавањето. Сели била горда на својата остроумност и способност за решавање на проблеми дури и во тешки ситуации. Но, како поминувале годините, некои нешта во животот на Сели, започнале да се менуваат. Во почетокот овие нешта изгледале незначајни: несоница, вознемиреност и чести посети кај лекар поради физички тегоби. Сега, во своите 70-ти години, Сели имала вистински здравствени проблеми. Меѓутоа нејзиниот доктор постојано ја убедувал дека тоа не е ништо страшно и опасно и не треба да се грижи за тие проблеми. За жал тие уверувања не ја намалиле нејзината загриженост. Сели знаела дека нејзините проблеми станале навистина сериозни кога сфатила дека станала неодлучна личност. Таа секогаш била личност која правела договори за работа, носела одлуки на состаноците на управниот одбор на компанијата, била шампион во јавање. Зборот „неодлучност“ не постоел во нејзиниот речник. Сели се запрашала дали во ова може да ѝ помогне стручно лице за ментално здравје, но за брзо ја отфрлила таа идеја. Таа во својот живот успеала сама, без никаква помош. Но, имала навистина многу симптоми кои укажувале на тоа дека треба да посети стручњак за ментално здравје. Дури кога била илјада километри оддалечена од дома, Сели собрала храброст за да му каже на лекарот дека е загрижена поради симптомите кои ги приметила кај себе. Човекот на кого му се доверила не бил психијатар, туку специјалист по интерна медицина, и тој навистина ѝ помогнал. Поставена е дијагноза врз основа на нејзините проблеми, а тоа била депресија. Таа премногу долго се борела со депресијата, а за тоа не била ни свесна. Таа се оддалечила од решението поради општоприфатеното мислење дека е срамно да се има некое ментално заболување и да се посетува стручњак за ментално здравје. Зошто толку многу луѓе се плашат од дијагнозата „ментално заболување“? Дали самиот тој израз ги асоцира на луѓе кои се лишени од своите човечки квалитети и бесцелно лутаат по болниците на чии врати и прозорци се наоѓаат решетки? Дали ние навистина не сфаќаме дека на повеќето потешкотии од полето на менталното здравје може успешно да им се спротивставиме со амбулантно лекување на болниот т.е. без негово затворање во болница?
Депресија – често ментално заболување
Депресијата е едно од најчестите и најопасните ментални заболувања од кое луѓето најмногу се плашат. Можеби немаме некои тајни стравови дека ќе „полудиме“ и ќе западнеме во психотична состојба, губејќи врска со реалноста, но сите ние понекогаш сме „нерасположени“ или се чувствуваме депресивно. Промените на расположението претставуваат нормална појава во животот на човекот. Меѓутоа, кај некои луѓе депресијата трае многу долго и може да има сериозни последици. Таквата состојба не е нормална и тогаш треба да се укаже медицинска помош. Оној кој пати од депресија можеби и не е свесен дека му е потребна медицинска помош или пак не сака да го признае тоа. Погрешното сфаќање на депресијата претставува можеби и најголемата опасност за нас.
Што е всушност депресијата?
Значи, што е депресијата? Колку е таа честа? Кои луѓе се склони кон депресија? Може ли човек да пати од депресија, а да не е свесен за тоа? Постојат ли повеќе видови на депресија? Кој доктор се занимава со лекување на депресијата? Дали таа е исклучиво од психолшка природа? Може ли да се постави точна дијагноза и дали таа може успешно да се лекува? Дали може да се излечи? Дали таа е поврзана со стилот на животот? Ако западнам во депресија, дели ќе мора да земам лекови и дали ќе мора да ги земам до крајот на животот? Оваа книга е посветена на оние кои сакаат да ги дознаат одговорите на овие прашања. Некои од фактите поврзани со депресијата се наведени во табела4.
– Длабоката депресија е најчестиот вид на пореметување на расположението.
– Се јавува во сите култури и општествени слоеви, и меѓу богатите и меѓу сиромашните.
– Повеќето луѓе немаат точно и правилно мислење за депресијата.
– Од депресија пати секој трети пациент кој посетува интернист.
– Со правилно лекување таа може во голема мера да се ублажи или потполно да се излечи.
– Во повеќето случаи пациентот не мора да остане во болница.
Обликот на депресија кој се нарекува тешка депресија е втора по застапеност ментална болест во САД. На прво место се едноставните фобии како што се стравот од мноштво на луѓе или од затворен простор, итн. Тешката депресија е најчест облик на преметување на расположението. Дури 10% од населението во одреден период од животот ќе доживее некој вид на депресија.20 Таа ги погодува сите општествени слоеви, сите материјални категории и сите области на општеството. Повеќето луѓе не размислуваат за депресијата на правилен начин. Потребно е да сфатиме што е депресијата не само затоа што денес таа е навистина честа појава, туку и поради фактот дека од година во година таа е сѐ почесто застапена. Јас, како интернист, во својата ординација гледам сѐ повеќе пациенти кои патат од депресија. Интернистите се занимаваат со физички заболувања на внатрешните органи кај сите возрасни лица, како што се: болести на срцето, белите дробови, желудникот и цревата – за кои не е потребна операција. Тоа е област која отсекогаш најдобро ја познавав. Но еден ден во едно стручно медицинско списание прочитав статија во која пишуваше дека, со подетална анализа може да се дојде до заклучокот дека секој трети пациент кој посетува интернист, пати од депресија.21 Бидејќи оваа болест е така честа појава во мојата област сметав дека моја должност е да научам за оваа болест што е можно повеќе. Не сакав само да ја препознаам таа болест, туку и да можам на правилен начин да ги лекувам пациентите кои боледуваат од неа. Веќе ми беа познати многуте вообичаени лекови со кои депресијата успешно се лекува, но сакав да одам малку подалеку од стандардните дијагностички процедури и методи за лекување. Како и кај секоја болест, мора да постои причина за појава на депресијата. Ценетиот и сега покоен доктор на медицина Алберт Браст (Albert Brust) ме учеше никогаш да не се случи само да поставам дијагноза дека некој боледува од одредена болест, на пример од конгестивна срцева мана (КСМ). Прво треба да ја одредеам причината за болеста. Дали е тоа срцевиот залисток или проблемот е во спроведувањето на импулсите во срцето, или можеби во прашање е заболување на коронарните артерии (најчестата причина) или пак проблемот е во главниот срцев мускул? Можеби во прашање е и проблем со хормоните кој настанал на друго место во организмот но има ефект и на срцето. Првото што требаше да го направам е да пронајдам одговори. Зошто? За да можам на најуспешен можен начин да го лекувам и да го излечам пациентот.
Но зарем КЦМ не се лекува на ист начин без разлика на причината? Да и не. Некои од стандардните методи на лекување се, без обзир на тоа која е причината, меѓусебно исти, како што се например препораките за исхрана сиромашна со натриум и лекови – диуретици. Но, ако сакаме да го пронајдеме најдобриот начин на лекување, мораме да ја пронајдеме причината за болеста. Освен тоа, во зависност од причината, можно е пациентот да се излечи, така што по одреден период тој можеби нема да мора да зема никакви лекови, ниту пак ќе мора да се придржува кон одреден начин на исхрана. Се прашував дали можеме да размислуваме на ист начин кога е во прашање и депресијата. Така започнав со проучување на оваа област, што подоцна се покажа како многу корисно за моите пациенти кои боледуваат од депресија. Ова се покажа корисно и за оние кои имав прилика да ги подучувам преку семинари и предавања.
Резултатите на моите истражувања ја даваат основата на оваа книга. Пристапот кој овде накратко го опишувам е единствениот моментално достапен, но не верувам дека уште долго ќе остане таков, и тоа поради две причини: (1) кај поголем број од моите пациенти кои беа депресивни, резултатите беа одлични, и (2) има смисла од научна и од клиничка гледна точка. Откога прочитав за депресијата во статијата посветена на интерната медицина и станав посвесен за нејзините симптоми, кај отприлика секој четврти мој пациент гледам барем некои елементи на депресија. Значи, депресивни пациенти гледам секојдневно, а често и по неколку пати на ден. Жално е што многу мал број на депресивни лица бараат медицинска помош. На секое лице кое ќе дојде кај лекар со оваа болест, постојат многу повеќе кои патат од нејзините последици, но не одат кај лекар, психолог или било кој друг специјалист. Многумина не бараат помош затоа што не сфаќаат дека нивната болест настанала поради менталните трауми.
Депресијата е сѐ почеста појава
Депресијата е сѐ почеста појава насекаде во светот и сѐ повеќе млади луѓе денес боледуваат од неа, како што е покажано во табела 5. 22,23,24,25
– Од 1915 година бројот на лица кои запаѓаат во депресија се зголемува.
– Изгледа дека оваа болест напаѓа во сѐ порани периоди од животот за разлика од минатото.
– Главните епизоди на депресија денес често се одвиваат во периодот до 25-та година од животот.
– Севкупно гледано, ризикот од заболување од депресија со текот на времето се зголемил.
Обратете внимание на тоа дека главните епизоди на депресија денес се случуваат во периодот до 25-та година од животот, додека во минатото депресијата се јавувала кај луѓе на возраст од околу 40 години (таканаречена криза на средната доба). Ризикот од заболување од оваа болест, со текот на годините исто така се зголемил. Зголемениот ризик за заболување од депресија е застрашувачки факт кога ќе се земе во обзир околината во која живееме, особено во САД и во развиениот свет. Нема сомневање дека живееме во време во кое имаме повеќе „забава“ отколку кога и да било порано во човековата историја. Имаме сè, од забавни паркови до кино и спортски случувања и бебзрој други облици на забава и рекреација, а да не го споменуваме и постојано вклучениот телевизор кој се наоѓа во 99% од американските домови. Но сепак, има сѐ повеќе депресивни и тажни луѓе. Дали можеби постои врска помеѓу потрагата за забава и непронаоѓањето на трајна среќа? Ова навистина интересно прашање ќе го објасниме во поглавје 9. Голем број на луѓе кои патат од овие болести и штетните последици, набљудувани од кличички аспект, се огромни, како што е прикажано во табела 6.26,27
– Погодува 200 милиони луѓе низ светот.
– Од неа моментално боледуваат повеќе од 19 милиони Американци.
– Нејзиното лекување, онеспособувањето на болните и нивната изгубена продуктивност ги чини САД околу 70 милијарди долари годишно.
Гледаме дека депресијата погодува 200 милиони луѓе ширум светот, што значи дека секоја 30-та личност на светот боледува од депресија. Оваа година во САД од неа ќе заболат 19 милиони Американци или секоја 16-та личност. Трошоците за лекување од оваа болест само во Америка изнесуваат 70 милијарди долари годишно.28 Тоа е приближно сума која се троши за лекување на срцеви заболувања кои се најголема причина за смртност во САД. Продажбата на антидепресиви пораснала за 800%, 10,2 милијарди долари, од 1990 година.29 Бројот на лица кои земаат лекови против депресија исто така постепено се зголемува, како што се гледа на следниот графикон.30 Ние навистина се соочуваме со една сериозна болест.
Кои состојби не претставуваат депресија?
Некои видови на депресија не се сметаат за болест. Во животот на секој еден од нас ќе се јави чувство на депресија како последица на некои трауматични настани или други ситуации, но тоа се нормални реакции кои не се поврзуваат со болести. Некои од овие причини за тага се наведени во табела 8.
– Отпуштање од работа
– Развод
– Смрт на саканата личност
– Разочарување во љубовта
– „Мрачен понеделник“
Чувството на депресија поврзано за овие ситуации ќе избледи со тек на време како што ќе учиме на кој начин можеме да продолжиме со животот. Таквата депрсија се нарекува ситуациона депресија. Иако многу од методите за лекување наведени во оваа книга успешно делуваат и во случаите со ситуациона депресија, сепак ова не е главен предмет на нашиот интерес.
Покрај трауматските настани, на оваа листа се наоѓа и мрачниот понеделник. Од време на време скоро секој од нас ќе доживее по некој „мрачен понеделник“, дури и во ден кој не е понеделник. Во тие денови енергијата нема да ви биде на завидно ниво и нема да ви биде лесно да се сконцентрирате на она шо треба да го сработите. Коментарите кои вообичаено би ги прифатиле како шега може да ви се чинат како навреда. Понекогаш овие „лоши денови“ се последица на некои вистински проблеми како што е несоницата. Кога-тогаш доаѓаат без најава и без никаква видлива причина. За среќа може да се спречи појавата на повеќето од ваквите лоши денови, на начин кој ќе го објасниме во поглавје 5 – „лекување на депресијата со стил на живеење“. Меѓутоа, повремено лошо расположение очигледно не претставува ментално заболување.
Симптоми на депресија
Тогаш кои се симптомите на сериозната депресија – која веќе се смета за болест? Дали депресијата бара покомплицирани лекарски прегледи и испитувања? Ќе видиме дека често не е потребно формално испитување за да се постави дијагнозата, не е потребен лекар или психолог, но сепак еден од нив двајцата може да биде од голема помош за утврдување на постоењето на болеста. Тие секако ќе бидат од помош во пронаоѓањето на причината за појава на депресијата и во утврдување на најдобриот метод за нејзино лекување. Некои луѓе имаат проблем кога треба депресијата да ја наречат со името – болест, бидејќи свесно или несвесно самите си ја предизвикале. Меѓутоа опишувањето на одредена состојба како болест не ја ослободува болната личност од одговорноста. На пример, заболувањето на коронарните артерии – е прва причина за срцеви заболувања и прерана смрт во САД- и оваа болест честопати луѓето самите си ја предизвикуваат преку консумирање на намирници со висока содржина на холестерол и/или со пушење цигари, а сепак тоа на крај е болест која може да доведе до смрт. Истото важи и за депресијата, ако ја прогласиме за болест не мора да значи дека не сме ја предизвикале самите.
Постојат девет симптоми кои се поврзуваат со тешките облици на депресија, како што се гледа во табела 9.31 Кога не станува збор за емоционална траума, депресијата може да се дијагностицира така што ќе се утврди колку од следните симптоми се присутни кај дадената личност:
– Личноста кај која се присутни најмалку пет од овие девет симптоми и тоа во траење од најмалку две седмици боледува од, клинички дефиниранo како – тежок облик на депресија.
– Личноста кај која се присутни два до четири од овие симптоми во траење од најмалку две седмици, пати од, клинички кажано – благ облик на депресија која се нарекува субдепресија.
1. Длабока тага
2. Апатија
3. Вознемиреност
4. Пореметување во спиењето
5. Промени во телесната маса или во апетитот
6. Недостаток на концентрација
7. Чувство на безвредност
8. Морбидни мисли
9. Умор
Личноста која боледува од тешка депресија во ретки случаи ќе ги има сите овие девет симптоми; меѓутоа, имам видено некои пациенти кај кои се присутни сите девет симптоми. Емоционалната траума секако би можела да ги предизвика сите девет симптоми, но тие не би укажувале на тоа дека е во прашање болеста депресија, како што тоа претходно е објаснето.
Поблаг облик на депресија, именуван како субдепресија, можеби и не мора негативно да се одрази на квалитетот на животот. Сепак, не треба да се намали важноста на дијагностицирањето на болеста затоа што постои голем ризик од преминување од овој поблаг облик во облик на тешка депресија.
Да го погледнеме сега секој од овие девет симптоми на тешка депресија како што се накратко прикажани во табела 9.31
Длабоката тага како прв симптом е она што повеќето луѓе го поистоветуваат со чувството на депресија. Овој симптом е присутен ако личноста сама признае дека скоро секој ден и тоа во текот на поголемиот дел од денот се чувствува тажно или празно или ако некоја доверлива личност го забележи истото тоа. На пример, некој може да забележи дека наведената личност плаче без некоја видлива причина. Често се случува, моите пациенти кои патат од депресија, во текот на нашиот разговор во ординацијата одеднаш да изгубат контрола и почнат да плачат зборувајќи дека не знаат зошто плачат. Ако се засрамат заради тоа (што често се случува), јас ги уверувам дека нема зошто да се срамат. Имам големо пакување хартиени марамчиња во секоја ординација и секогаш ги нудам со марамче уверувајќи ги дека нема од што да се срамат. Овој симптом се јавува кај децата и кај адолесцентите дури и ако не се тажни туку се само раздразливи. Важно е да се обрне внимание на тоа дека често гледам депресивни луѓе кои не покажуваат симптом на длабока тага, па така не сакаат да признаат дека се депресивни; за нив депресијата е исто што и тагата, а бидејќи не чувствуваат тага, мислат дека не би можеле да се депресивни. Од друга страна, подеднакво е важно да се сфати и тоа дека не може да се каже дека секој кој доживува состојба на длабока тага или секој кој ќе заплаче, со сигурност има ментална болест. Ако кај нив таквиот симптом сепак се појави, тој често пати е последица на нивните чувства на празнина и неисполнетост. Треба да се напомене и тоа дека оние кои не го покажуваат овој симптом или симптомот број два – апатија, немаат тежок облик на депресија, без обзир на тоа колку многу од останатите симптоми се пристуни кај нив. Апатијата се опишува како изразен недостаток на интерес за скоро сите активности во текот на поголемиот дел од денот како и непронаоѓање на задоволство во нив, и тоа скоро секојдневно. Апатичната личност не ужива дури ни во „забавните“ работи, и често нема никаква мотивација.
Третиот симптом, вознемиреност, претставува чувство на немир без некоја одредена причина, кое честопати се опишува како неспокојство. Личноста исто така го покажува овој симптом ако општата активност во организмот е успорена во поголема мера. Таквата личност можеби нема да примети дека се движи поспоро освен ако не се набљудува самата себеси на видео снимка. Честопати сите вообичаени активности се случуваат многу споро.
Четвртиот симптом, пореметување на сонот, може да се разликува од личност до личност. Некои имаат несоница скоро секоја ноќ, додека други пак се поспани и/или можеби постојано спијат, дури и во текот на денот. За овие луѓе е карактеристично дека не сакаат да станат наутро, туку мораат некако „да се извлечат“ од креветот.
Петтиот симптом, промена на телесната маса или на апетитот, исто така може да биде екстремно различен. Ако во прашање е мој постојан пациент, ќе проверам колкава била неговата телесна маса на претходниот преглед. Ако личноста во текот на еден месец изгуби или добие повеќе од 5% од својата телесна маса притоа не вложувајќи никакви напори во тој правец, во прашање е овој симптом. Овој симптом е во прашање и тогаш кога таквата личност скоро секој ден приметува кај себе изразено зголемен, односно слаб апетит. Овој симптом е присутен и кога децата не добиваат на тежина онолку колку што се очекува во одреден период од животот.
Шестиот симптом, недостаток на концентрација, најмногу се приметува кај студенти или оние кои се занимаваат со интелигентна работа. Оние кои имаат потешкотии во донесување на одлуки или кажуваат дека е тешко – јасно и трезвено да размислуваат секој ден, исто така го покажуваат овој симптом.
Седмиот симптом, чувство на безвредност, изгледа како личноста скоро секој ден да се чувствува како да на никого не му е од никаква корист. Претерано или неприметно чувство на вина исто така го предизвикува овој симптом. Ако личноста себеси си префрлува за нешто или чувствува вина затоа што се разболела, не можеме да кажеме дека е во прашање овој симптом.
Осмиот симптом, морбидни мисли, опфаќа често размислување за смртта или самоубиство, без разлика на тоа дали личноста смислила план како тоа да го спроведе во дело или не. Очигледно е дека личноста која веќе пробала да изврши самоубиство го покажува овој симптом.
Деветтиот и последен симптом е оној со кој најчесто се соочувам во својата пракса – умор и недостаток на енергија скоро секој ден. Многу луѓе доаѓаат во мојата ординација жалејќи се на ова. Обично им поставувам прашања поврзани со останатите симптоми за да видам дали депресијата е нивната основна причина. Иако причината за уморот – на кој се жалат повеќето од моите пациенти, вообичаено не е депресијата, кај многумина токму депресијата е причина за уморот. Кај оние кај кои токму депресијата е причина за уморот го применувам пристапот опишан во 3-то поглавја за да ја пронајдам вистинската причина за нивната депресија додека го составуввам профилот на нивната состојба. Ако симптомот на умор не е пропратен со симптом на длабока тага често е потребно таквите пациенти да се убедат дека кај нив сепак е пристуна депресија. Тоа е оној значаен прв чекор кој треба да се направи за да се постигне целта на нивно трајно лекување. Подетално ја објаснувам тешката депресија во Додаток 3. За оние кои можеби ги интересираат симптомите на уште еден поблаг облик на депресија познат под името – дистимично пореметување, ќе ги најдете во Додаток 4.
Заклучок
Човековиот мозок е чудесен орган по својата структура и функција. Неговите неверојатни меѓу-комуникации кои ги поврзуваат електричните и хемиските сигнали се постојан предмет на научни истражувања. Меѓутоа како и секој друг телесен орган, и мозокот може да се разболи, што се случува кај лица од сите возрасти во САД и во сите останати делови на светот. Депресијата е една од тие болести.
Бројот на жители на САД кои патат од депресија е во постојан пораст, а процентот е многу поголем меѓу оние на возраст помеѓу 15 и 25 години. Жртвата на депресија, поради таквиот вид на пореметување на функцијата на мозокот се чувствува непријатно, па не сака да признае дека е во прашање депресија или пак ја сокрива болеста така што воопшто не ни станува збор за лекување. Добрата вест е тоа што неодамнешните откритија поврзани за дијагностицирање и лекување на депресијата во огромна мера ја зголемуваат можноста за целосно лекување на болеста. Новост е што се напушта методот на лекување на овие болести со вообичаените лекови. Тој нов пристап се покажа како навистина корисен и благотворен за моите пациенти, што би требало да ги охрабри сите оние кои патат од депресија или познаваат некој кој боледува од неа. Целта на оваа книга е накратко да ја опише успешноста на оваа уникатна метода на лекување.
1 Mental Health: A Report of the Surgeon General Department of Health and Human Services, National Institutes of Health, National Institutes of Mental Health, 1999 p. 32.
2 Mental Health: A Report of the Surgeon General Department of Health and Human Services, National Institutes of Health, National Institutes of Mental Health, 1999 p. 32.
3 Simon R, Sunseri M, Goldman:Cecil Textbook of Medicine, 21st Ed., 2000:2036,2037.
4 Simon R, Sunseri M, Goldman:Cecil Textbook of Medicine, 21st Ed., 2000:2036.
5 Simon R, Sunseri M, Goldman:Cecil Textbook of Medicine, 21st Ed., 2000:2034.
6 Simon R, Sunseri M, Goldman:Cecil Textbook of Medicine, 21st Ed., 2000:2035.
7 Simon R, Sunseri M, Goldman:Cecil Textbook of Medicine, 21st Ed., 2000:2037.
8 Goetz C, Pappert E, Textbook of Clinical Neurology, 1st Ed., 1999:34.
9 Simon R, Sunseri M, Goldman:Cecil Textbook of Medicine, 21st Ed., 2000:2037,2038.
10 Gould E, Reeves AJ, et al. Neurogenesis in the neocortex of adult primates. Science 1999 Oct;286:548-552.
11 Frances Collins, director of the human genome project, quoted at a speech to the National Institutes of Health, January 18, 2001. Previous numbers of genes were estimated to be 80,000 but new research puts the number at about 35,000. Published work on this due soon.
12 Ephesians 4:23. The Holy Bible. KJV.
13 Srole L. Mental health in the metropolis: the Midtown Manhattan study. 1962 New York:Mcgraw-Hill.
14 Epidemiologic Catchment Area (ECA) Program of the national institute of mental health, division of biometry and epidemiology. 1981, 82.
15 Kessler RC, McGonagle KA, et.al., Lifetime and 12 month prevalence of DSM-III-R psychiatric disorders in the United States. Results from the National Comorbidity Survey. Arch Gen Psychiatry 1994 Jan;51(1):8-19.
16 Regier DA, Narrow WE, et.al., Community estimates of medical necessity. G.Andrews & S. Henderson, Unmet needs in mental health service delivery. Cambridge, England: Cambridge University Press 2000.
17 Kessler RC, Berglund PA, et.al., The 12 month prevalence and correlates of serious mental illness. Manderscheid, R., & Sonnenschein MA, Mental health, United States, 1996. p. 59-70 Washington D.C. U.S. Government Printing Office.
18 Kessler RC, McGonagle KA, et.al., Lifetime and 12 month prevalence of DSM-III-R psychiatric disorders in the United States. Results from the National Comorbidity Survey. Arch Gen Psychiatry 1994 Jan;51(1):8-19.
19 National Advisory Mental Health Council 1993.
20 Kessler RC. Comorbidity of DSM-III-R major depressive disorder in the general population: results from the US National Comorbidity Survey. Br J Psychiatry Suppl 1996 Jun;(30):17-30.
21 Rucker L. Feasibility and usefulness of depression screening in medical outpatients. Arch Intern Med 1986 Apr;146(4):729-731.
22 Birmaher B, Ryan ND, et al. Childhood and adolescent depression: a review of the past 10 years. Part I. J Am Acad Child Adoles Psychiatry 1996;35(11):1427-1439.
23 Klerman, GL, Weissman, MM. Increasing rates of depression. JAMA 1989;261:2229-2235.
24 Cross-National Collaborative Group The changing rate of major depression: cross-national comparisons. JAMA 1992;268:3098-3105.
25 Kessler RC, McGonagle KA, Nelson CB, Hughes M, Swartz M, and Blazer DG. Sex and depression in the National Comorbidity Survey. II: cohort effects. J Aff Disord 1994;30:15-26.
26 Narrow WE. One-year prevalence of depressive disorders among adults 18 and over in the U.S.: NIMH ECA prospective data. Population estimates based on U.S. Census estimated residential population age 18 and over on July 1, 1998. Unpublished but cited by the National Institute of Mental Health in a paper entitled “The Invisible Disease: Depression” found at www.nimh.nih.gov/publicat/invisible.cfm.
27 Regier DA, Narrow WE, et al. The de facto mental and addictive disorders service system. Epidemiologic Catchment Area prospective 1-year prevalence rates of disorders and services. Arch Gen Psychiatry 1993; 50(2):85-94.
28 Mental Illness: A Rising Workplace Loss. Wall Street Journal June 13, 2001.
29 IMS Health as quoted by Wall Street Journal June 13, 2001. Mental Illness A Rising Workplace Loss.
30 IMS Health as quoted by Wall Street Journal June 13, 2001. Mental Illness A Rising Workplace Loss.
31 Mental Health: A Report of the Surgeon General Department of Health and Human Services, National Institutes of Health, National Institutes of Mental Health, 1999 p. 247.