Меѓу верните во Израел, кои долго го очекувале доаѓањето на Месија, се појавил Христов предвесник. Остарениот свештеник Захарија и неговата жена Елисавета „двајцата беа праведни пред Бога“, и во нивниот тих и свет живот светлината на верата засветила како ѕвезда во темнината на тие лоши денови. На оваа богоугодна брачна двојка ѝ е дадено ветување дека ќе добие син кој ќе оди пред лицето Господово и „ќе ги израмни неговите патеки“.
Захарија живеел во „Горна Јудеја“, но отишол во Ерусалим со задача да служи една седмица во храмот. Тоа била должност што се барала од сите свештеници двапати годишно. „Еднаш, кога тој ја вршеше свештеничката служба пред Бога, според свештеничкиот редослед нему му падна ждрепка да влезе во храмот Господен и да кади.“
Тој стоел пред златниот олтар на свето место во Светилиштето. Пред Бога се издигнувал облак од темјан со молитвите на Израел. Одненадеж станал свесен за божествено присуство. „Од десната страна на кадилниот жртвеник стоеше“ Господен ангел. Положбата на ангелот означувала наклоност, но Захарија тоа не го забележал. Со години се молел за доаѓањето на Откупителот; сега Небото пратило свој весник со вест дека овие молитви наскоро ќе бидат примени; Божјата милост му се чинела преголема за да може да поверува. Бил исполнет со страв и со самоосуда.
Меѓутоа, бил поздравен со радосно уверување: „Не плаши се, Захарија! Молитвата ќе ти се исполни. Жена ти, Елисавета, ќе роди син, кому треба да му дадеш име Јован. Ќе се радуваш и ќе се веселиш, и мнозина ќе се зарадуваат на неговото раѓање, зашто ќе биде голем пред Господа. Тој не ќе пие ни вино ниту опојни пијалаци. Ќе се наполни со Свети Дух … и многу синови Израелови ќе обрати кон нивниот Господ Бог. Тој ќе оди пред него во духот и силата на Илија за да ги обрати срцата на татковците кон децата, а непокорните кон мудроста на праведниците и да приготви народ кој е подготвен за Господа. А Захарија му рече на ангелот: ‘Како може да се случи тоа? Јас сум стар, а и жена ми е во поодминати години.’“
Захарија добро знаел како на Аврама во староста му е подарено дете, затоа што верувал дека е верен Оној што ветил. Меѓутоа, стариот свештеник за миг својата мисла ја пренасочил кон слабоста на човечкиот род. Тој заборава дека она што Бог го ветил може и да го исполни. Каква спротивност меѓу ова не верување и чистата детска вера на девојката од Назарет, Марија, чијшто одговор на чудесната вест на ангелот бил: „Еве ја слугинката Господова; нека ми биде како што кажа“ (Лука 1,38).
Раѓањето на синот на Захарија, како и раѓањето на Аврамовото дете и Детето на Марија, требало да нè поучи на големата духовна вистина што бавно ја учиме и бргу ја забораваме. Сами сме неспособни да правиме никакво добро; но она што не можеме да го сториме ние, ќе го стори Божјата сила во секоја душа што ќе се потчини и што верува. Со вера е подарено Детето на ветувањето. Со вера се раѓа духовниот живот, а ние се оспособуваме да правиме праведни дела.
На прашањето на Захарија, ангелот одговорил: „Јас сум Гаврил, кој стои пред Бога, а пратен сум да зборувам со тебе и да ти ја донесам оваа радосна вест.“ Петстотини години порано, Гаврил му го објавил на Даниела пророчкиот период што ќе трае сè до Христовото доаѓање. Сознанието дека крајот на овој период е близу, го поттикнало Захарија да се моли за доаѓањето на Месија. Сега самиот весник, преку кого е дадено пророштвото, дошол да го најави неговото исполнување.
Зборовите на ангелот: „Јас сум Гаврил, кој стои пред Бога“, покажуваат дека тој зазема положба со високи почести во небесните дворови. Тој дошол кај Даниела со вест: „Нема никој јуначки да работи со мене во тоа, освен вашиот Кнез Михаел“ (Даниел 10,21). (продолжува