(продолжува од претходниот ден) Да се открие целта на својата мисија би значело да се предизвика сопствен пораз. Затоа тие грижливо ја прикривале својата вистинска задача. Секој проповедник знаел некој занает и имал некакво занимање; овие мисионери својата работа ја извршувале под плаштот на некој светски позив. Обично доаѓале како трговци или домари. „Продавале свила, накит и други предмети што можеле да се набават само во најоддалечените центри, и како трговци биле добро примени и таму каде што како мисионери би биле протерани“ (Wylie, b. 1, ch. 7). Без престан срцата ги подигале кон Бога барајќи потребна мудрост за да можат да го откријат богатството поскапоцено од злато и бисер. Тајно носеле преписи на Библијата во целина или во делови и секаде каде што би им се дала можност, вниманието на своите купувачи би го насочиле кон овие ракописи. Често на тој начин буделе интерес за читање на Божјата реч и со задоволство им оставале по некој дел на Библијата на оние што сакале.
Дејноста на овие мисионери почнувала во низините и долините, на подножјето на нивните планини, но сè ширела далеку зад тие граници. Боси, облечени во груба облека, прашливи од патувањето, налик на својот Учител, овие патници поминувале низ големите градови и стигнувале во далечните земји. Насекаде го сееле скапоценото семе. На нивните патишта никнувале цркви, и крвта на мачениците била сведоштво во прилог на вистината. Денот Господен ќе ја открие богатата жетва на душите како плод на трудот на овие верни луѓе. Скриено и тивко, Божјата реч патувала низ христијанството, наидувајќи на радосен прием во многу домови и срца.
За валденжаните Божјата реч не била само извештај за Божјите постапки со луѓето во минатото и откровение за сегашните должности и одговорности; таа ги откривала опасностите и славата на иднината. Тие верувале дека се приближува крајот на сите работи. Проучувајќи ја Библијата со молитва и со солзи, уште повеќе биле трогнати со нејзините драгоцени мисли и уште појасно ја виделе својата должност и на другите да им ги објаснат нејзините спасоносни вистини. На светите страници на Писмото го виделе јасно откриениот план на спасението и во верата во Исуса наоѓале утеха, надеж и мир. Колку посилно светлината на вистината го осветлувала нивниот ум и донесувала радост во нивните срца, сè повеќе се стремеле нејзините зраци да ги прошират и врз оние што биле во темнината на папските заблуди.
Тие виделе дека под водство на папата и свештениците народот попусто се труди да добие проштавање на гревовите мачејќи ги своите тела. Научени да бараат спасение во своите добри дела, луѓето постојано гледале на себе; увидувајќи ја својата грешна состојба, сметале дека се изложени на Божји гнев и за тоа го мачеле своето тело и душа, но не наоѓале никакво олеснение. Така совесните души биле врзани со науката на Рим. Илјадници ги напуштале своите пријатели и роднини и своите денови ги поминувале во ќелии на манастири. Со постојани постови, со камшикувања, со долги ноќни бдеења, со долго коленичење на студен и влажен камен во своите мемливи ќелии, со долги поклоненија, со понижувачки испаштања и со страшни измачувања, илјадници и илјадници попусто барале да ја смират својата совест. Под притисок на чувството на своите гревови, тресејќи се пред помислата на Божјиот гнев, мнозина пателе сè додека, наполно изнемоштени, не се обесхрабриле и без ниту еден зрак на светлина и надеж, не заминале в гроб.
Валденжаните се труделе на тие гладни души да им го дадат лебот на животот, да им ја откријат веста на мирот што се наоѓа во Божјите ветувања, да ги доведат кај Христа, кај нивната единствена надеж на спасение. Ја сметале за заблуда науката дека со добри дела може да се окае престапот на Божјиот закон. Надевањето во човечките заслуги го одвраќа погледот од бесконечната Христова љубов. Исус умрел како жртва за луѓето, зашто паднатото човештво не можело да стори ништо со што би можело да се оправда пред Бога. Заслугите на распнатиот и воскреснатиот Спасител се темел на христијанската вера. Зависноста на душата од Христа е толку вистинска и врската со него мора да биде толку тесна, како што е меѓусебната врска на одделните органи на телото или меѓу лозата и прачката.
Науките на папите и свештениците луѓето ги навеле Божјиот, и дури и Христовиот карактер, да го сметаат за строг, мрачен и немилостив. Спасителот е прикажуван како да нема ниту малку чувство за паднатиот човек и затоа мораат да се повикуваат на помош свештениците и светците како посредници. Оние чиишто срца биле осветлени со Божјата реч, се труделе тие души да ги упатат кон Исуса кој ги љуби и сочувствува со нив, и кој со раширени раце ги повикува сите да дојдат кај него со товарот на своите гревови, со своите грижи и тешкотии. Се труделе да ги отстранат пречките што ги напластил сатаната за луѓето да не ги видат ветувањата и да не дојдат директно кај Бога да му ги исповедаат своите гревови и да примат проштавање и мир. (продолжува)