МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС
(19 – 25 aприл: Користење на примените таленти)
„Вашето слово секогаш да е љубезно, зачинето со сол, за да знаете како треба да му одговорите секому.“ (Колосјаните 4:6; Библија)
Гласот е еден од талентите коишто ни се доверени и треба да го употребуваме како помош, за охрабрување и јакнење на нашите ближни. Кога родителите Го љубат Бога и се држат до Неговите патишта изршувајќи правда и суд, нивните зборови секогаш ќе бидат беспрекорни, чисти и со возвишен карактер. Било да се во семејството или надвор од него, нивните зборови секогаш ќе бидат добро избрани.
Најдоброто училиште за негување на гласот се наоѓа токму во семејниот круг. Настојувајте на секој начин, и нека не ви досади, да негувате пријатен, љубезен и јасен глас. Мајки, угледувајќи се на Христа, изговарајте само нежни и љубезни зборови во домот.
Дарот на говорот, правилно насочен и корисно употребен, доаѓа до израз во сите гранки на христијанското делување. Тоа се огледува во семејниот живот и во секој контакт со другите. Мораме да се навикнуваме да зборуваме со пријатен тон, да употребуваме само чисти и вистински изрази, благи и љубезни зборови. Милозвучните и благи зборови паѓаат на душата како роса и благ дожд. Светите списи за Христа велат дека од Неговите усни течела благодат, и дека секогаш знаел да проговори соодветен збор за уморниот во вистинско време. „Вашето слово секогаш да е љубезно.“ „Само она што е добро за напредување во верата, да им донесе благодат на оние што слушаат.“
Доколку, следејќи го Христовиот пример, на другите им правиме добро, срцата на луѓето ќе се отворат пред нас како што и пред Него се отворале. И ќе бидеме во состојба, не брзоплето и неповрзано, туку со тактичност којашто е плод на божествената љубов, да им зборуваме за Оној, Којшто е „повеќе од десет илјади“ и „сиот е од љубезност“. На тој начин својот дар на говор можеме навистина да го употребиме за највозвишени и најблагородни дела.
Зборовите изговорени во залагањето за правда и доследен живот имаат поголемо влијание отколку сите проповеди коишто можат да се изнесат.