МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(5 – 11 aприл: Напредување во благодатта)

„Туку растете во благодатта и во познавањето на нашиот Господ и Спасител Исус Христос.“ (2-ро Петрово 3:18; Библија)

Од секое човечко орудие, Бог со право очекува правилно да ги искористи сите средства на милоста и благодатта што му се дарувани од небото, станувајќи на тој начин сѐ поуспешно во работата за Бога. Секоја можност да напредува во побожноста, љубовта и чистотата, христијанинот секогаш треба да ја користи, за да ги умножи своите таленти и да ги зголеми своите способности во службата на божествениот Учител.

Меѓутоа, иако имаат такви можности, мнозина кои тврдат дека веруваат во Христа не го покажуваат тоа според одредениот раст што би покажал дека силата на вистината посветувачки делува на нивниот живот и карактер. Кога го примивме Христа во своето срце ние бевме како новороденчиња во верата, но не можеме постојано да бидеме новороденчиња во христијанското искуство. Ние треба да растеме во благодатта и во познавањето на нашиот Господ и Спасител Исус Христос, достигајќи ја целосната мерка на раст на луѓе и жени во Него. Ние треба да напредуваме, стекнувајќи нови и побогати искуства во верата, растејќи непрекинато во љубовта, довербата и познавањето на Бога и Исуса Христа, Кого Тој го испрати.

Делото на преобразувањето од непосветеност во светост, е непрекината и трајна задача. Бог од ден на ден постојано работи на облагородување на луѓето, но и човекот од своја страна треба да соработува со Него, истрајно трудејќи се во себе да развие добри навики. Тој постојано мора на добродетел да додава добродетел; и додека човекот така работи на планот на додавањето, Бог работи за него на планот на умножувањето на саканите добродетели. Нашиот Спасител е секогаш подготвен да ја слушне и да ја услиши молитвата на понизното срце, така што на Неговите верници постојано им се умножува милост и мир. Тој радо им дава благодат која им е толку неопходна во борбата против злото на кое постојано се изложени.

Величествена е надежта на верникот кога со вера тежнее кон врвот на христијанското совршенство.

Pin It on Pinterest