Среде темнината што ја покривала земјата во текот на долгиот период на папската превласт, виделото на вистината не можело наполно да се угасне. Во секој век Бог имал свои верни сведоци. Тоа биле луѓе кои верувале во Христа како единствен посредник меѓу Бога и човекот, кои Библијата ја сметале за единствено правило на животот и кои ја празнувале вистинската сабота. Колку многу светот им должи на овие луѓе, идните поколенија никогаш нема да дознаат. Тие биле жигосани како кривоверци, нивните побуди лажно претставувани, нивниот карактер лошо прикажуван, нивните списи уништувани, извртувани или сакатени. Но сепак, тие останале непоколебливи и од поколение до поколение ја чувале својата вера во нејзината чистота како свето наследство за идните генерации.

Историјата на Божјиот народ за време на вековите на мракот под римска власт е запишана на небото. Таа има малку место во човечките записи. За постоењето на Божјиот народ наоѓаме малку траги, освен во обвинувањата на нивните прогонувачи. Политиката на Рим настојувала да избрише секоја трага на несогласување со неговата вера и со неговите одлуки. Таа се трудела да уништи сè што го сметала за кривоверство, било лице или спис. Само еден израз на сомневање или едно прашање во врска со авторитетот на римските догми, било доволна причина да им се одземе животот на богатите или на сиромасите, на угледните или на обичните. Рим настојувал да уништи секаков извештај за својата свирепост спрема оние што верувале поинаку. На папските собори било решено да се спалат книгите и списите што содржеле такви извештаи. Пред изумот на печатот имало малку книги, и тие поради својот облик биле незгодни за чување; затоа на следбениците на Рим не им било тешко да ја извршат папската одлука.

Ниедна црква што се наоѓала во границите на римската власт не е оставена долго да ужива слобода на совеста. Штом папството се засилило, веднаш подало рака да го уништи секого кој не би сакал да ја признае неговата власт. Една по една црквите ја прифаќале неговата власт.

Во Велика Британија христијанството се вкоренило мошне рано. Евангелието што го примиле Британците во првиот век било уште нерасипано со римскиот отпад. Прогонствата на незнабожечките цареви, што допреле дури и до овие оддалечени предели, биле единствениот подарок што го примиле првите британски цркви од Рим. Многу христијани, бегајќи од прогонствата во Англија, нашле прибежиште во Шкотска; од таму вистината е пренесена во Ирска, и во сите овие земји е прифатена со радост.

Кога Сасите ја зазеле Англија, незнабоштвото задобило превласт. Освојувачите одбиле да ја примат науката за спасението од своите робови, и христијаните биле присилени да побараат засолниште во планините и во пусти мочуришни места. Сепак, иако извесно време прикриено, светлината на вистината и натаму светела. По еден век таа засветила со силна светлина во Шкотска и нејзините зраци допреле до најоддалечените земји. Од Ирска дошол побожниот Колумба со своите соработници. Тие ги собрале околу себе верните расеани на пустиот остров Јона и тој остров го направиле центар на својата мисионерска дејност. Меѓу овие евангелисти се наоѓал и еден почитувач на библиската сабота кој со неа ги запознал и другите околу себе. На островот Јона била основана школа од која заминувале мисионери не само во Шкотска и Англија, туку и во Германија, Швајцарија, па дури и во Италија.

Но Рим фрлил око на Британија и решил да ја стави под своја власт. Во шестиот век римските мисионери презеле акција да ги преобратат незнабожечките Саси. Горделивите варвари љубезно ги примиле римските пратеници кои придобиле илјадници за римската вера. Како се ширело нивното дело, пратениците на папата и нивните обратеници дошле во допир со следбениците на првите христијани. Меѓу овие и нив постоела голема разлика. Потомците на првите христијани биле едноставни, кротки и библиски воспитани во карактерот, во науката и во однесувањето, додека другите на секој чекор покажувале суеверие, сјај и папска разузданост. Римскиот пратеник барал христијанските цркви да ја признаат власта на папството. Британците понизно одговориле дека ги сакаат сите луѓе, но дека папата нема право на врховна власт во црквата и тие можат да му признаат само таква потчинетост што мора да му се признае на секој Христов следбеник. Направени се повторни обиди да му се покорат на Рим, но тие понизни христијани, зачудени од горделивоста на римските пратеници, одговориле решително дека не признаваат друг господар освен Христа. Тогаш се открил вистинскиот карактер на папството. Римскиот претставник рекол: „Ако не ги примите браќата што ви носат мир, ќе примите непријатели што ќе ви донесат војна. Ако не сакате да се соедините со нас за да им го покажеме на Сасите патот на животот, од нив ќе примите смртен удар“ (J. X. Merle D’Aubigne, History of the Reformation of the Sixteen Centry, b. 17, ch. 2). Ова не биле празни закани. Против овие сведоци на библиската вера се употребени војна, интриги, измами, додека црквите во Британија не биле уништени или присилени да го признаат папскиот авторитет. (продолжува)

 

Pin It on Pinterest