МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(1 – 4 април: Христијанско растење)

„Заради тоа вложете ја сета ревност, и исполнете ја својата вера со добродетел, а добродетелта со знаење; а знаењето со воздржливост; а воздржливоста со трпение; а трпението со побожност; а побожноста со братољубие; а братољубието со љубов. Зашто, ако го имате сè тоа и тоа се умножува, не ве прави мрзливи и бесплодни во познавањето на нашиот Господ Исус Христос.“ (2 Петрово 1:5-8; Библија)

Ова се зборови полни со поуки кои укажуваат на основото начело на победата. Апостолот на верниците овде им ги покажува основните скалила на христијанскиот развој, на кои секој нареден чекор претставува напредок во познавањето на Бога, и на кои, во текот на искачувањето, во ниту еден момент не треба да дојде до застој.

Тие скалила ги претставуваат верата, добродетелта, знаењето за Бога, воздржливоста, трпението, побожноста, братољубието и љубовта. Ние се спасуваме со постепено искачување по тие скалила, чекор по чекор, сѐ додека не се издигнеме на висините на идеалот кој ни го поставил Христос со Својот пример. Така, Тој во нас изградува вистинска мудрост, правда, посветеност и спасение.

Овие скалила не можат да се постигнат веднаш на самиот почеток, туку насочувајќи го постојано својот поглед на Исуса, имајќи ја пред очи само Божјата слава, вие ќе напредувате постепено.

Со постепено искачување, чекор по чекор, можат да се совладаат и најтешките успони и конечно да се освои и самиот врв на планината. Не обесхрабрувајте се со големината на задачата која морате да ја извршите во текот на животот, затоа што од вас не се бара сето тоа да го направите одеднаш. Нека секоја способност на вашето суштество биде на дело секој ден, искористете ја секоја драгоцена прилика што ви се дава, ценете ја помошта што ви ја дава Бог, и искачувајте се по скалилата на напредокот чекор по чекор. Имајте на ум дека во еден ден живеете само за тој ден, дека тој ден ви е време подарено од Бога, и небесните записи ќе покажат дека сте знаеле да ги цените примените предности и прилики. Искористете го правилно секој ден што ви го дава Бог за да можете на крајот да ги слушнете зборовите на одобрување и пофалба: „Добро, сакан и верен слуго!“ (Матеј 25:21; Библија)

Pin It on Pinterest