МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС
(29 – 31 март: Постојаност во искушенијата)
„Возљубени мои, не чудете се на огненото испитување, што се појави меѓу вас, за да ве искуша, како да ви се случува нешто необично, туку, радувајте се додека соучествувате во Христовите страдања, за да можете да се радувате и да се веселите при откровението на Неговата слава.“ (1 Петрово 4:12.13; Библија)
Една вечер, еден господин, кој бил во длабока депресија поради длабока болка, шетал низ градината каде забележал едно стебло на калинка коешто било потсечено скоро околу целото стебло и корен. Зачуден, го прашал градинарот, зошто дрвото е во таква состојба. На негово задоволство, добил одговор којшто му ги објаснил раните и на неговото сопствено срце кое болно крварело. „Господине“, рекол градинарот, „ова дрво толку растеше и се развиваше што не донесуваше никаков плод освен лисја. Бев принуден да го потсечам на ваков начин, и кога беше скоро целосно исечено, тогаш почна да донесува род.“
Нашите неволји и страдања не никнат од земја. Бог има намера секоја неволја, која ќе ни се случи во животот, да излезе за наше добро. Секој удар кој ќе уништи по некој наш идол, секое доживување кое ќе ја ослабне нашата преголема врзаност за овој свет и ќе нѐ принуди поцврсто да се потпреме на Бога, претставува вистински благослов. Таквото „кастрење“ за извесно време може да биде многу болно, „но подоцна ќе донесе мирен род на правдата“.
Сето она што ја буди нашата совест, ги воздигнува мислите и го облагородува животот, треба да го примаме со балгодарност. Бесплодните прачки се сечат и се фрлаат во оган. Да бидеме благодарни затоа што преку болното кастрење и обрежување можеме да останеме поврзани со живата Лоза; зашто ако со Христа страдаме овде, со Него еден ден и ќе владееме.
Токму оние неволји кои најболно ја искушуваат нашата вера, така што ни се чини дека Бог нѐ оставил, треба да нѐ наведат уште поблиску да Му се приближиме. Сите свои товари да ги оставиме крај Христовите нозе и да го почувствуваме мирот што ни го дава Тој во замена за сето тоа. Бог во Својата љубов се грижи и за Своите најслаби созданија, и не можеме повеќе да Го обесчестиме отколку кога се сомневаме во Неговата љубов. Да се потпираме со жива вера на Бог и во часовите на темнина и најтешки искушенија!