МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(22 – 28 март: Чувајте ги приодите на својата душа)

„Зборувајте си еден на другиот со псалми, и химни, и со духовни песни! Пејте Му на Господа и воспевајте Го во вашите срца! Благодарете Му секогаш за сè на Бог и Таткото, во името на нашиот Господ Исус Христос!“ (Ефесјаните 5:19.20; Библија)

Бог се слави со благодарнички песни кои се воздигаат од чистото срце полно со љубов и вистинска верност кон Него. Благодарноста што ја чувствуваат христијаните и Божјиот мир којшто владее со нивното суштество ги поттикнуваат да Му пејат на Господа во своето срце и со одбрани зборови постојано да го изразуваат својот долг на љубов и благодарност кон својот сакан Спасител, Кој толку ги сака што и Својот живот го жртвуваше за да можат да имаат вечен живот.

Историјата за песните, запишана во Светите списи, е полна со наговестувања за употребата и благодетите на песната и музиката. Музиката со злоупотребувањето често се изопачува, и така станува едно од најзаводливите средства на искушување. Меѓутоа, правилно употребена, таа претставува драгоцен Божји дар наменет нашите мисли да ги воздигне кон она што е возвишено и благородно, и да ни ја вдахне и возвиши душата.

Како што синовите Израелеви, патувајќи низ жешката пустина, се храбреле и разведрувале со мелодијата на светите песни, така Бог сака и денес Неговите деца својот патнички живот на овој свет да го направат радосен. На ниеден друг начин Неговите зборови не можат така длабоко да се втиснат во умот како што тоа може да се постигне со повторување на истите во песна. Таквата песна има чудесна моќ. Таа има сила да ја омекне грубата и необработена природа, да поттикне на складна акција, и да ги истера потиштеноста и злите наслутувања кои нѐ обесхрабруваат и ги слабеат нашите напори.

Песната претставува еден од најуспешните начини, духовните вистини да се втиснат во срцето. Колку пати длабоко потиштената душа, подготвена да му се предаде на очајот, ќе се потсети на Божјите зборови, од одамна заборавениот рефрен што се пеел уште во детството, и искушенијата ја губат својата сила, животот добива нова смисла, нова цел, и така стекнатото охрабрување и радост се пренесува на другите.

Pin It on Pinterest