Науката почнува да го потврдува она што е запишано во Библијата во поглед на здравјето, пред неколку милениуми. Цар Давид вдахновен од Светиот Дух напишал: „Веселото срце е одличен лек, а невеселиот дух ги суши коските“ ( Пословици 17.22). Вашиот ум и вашето ментално здравје можат многу да влијаат на вашето физичко здравје, на вашата духовна состојба и на квалитетот на вашиот живот. Умот, телото и духот се меѓусебно поврзани и неразделни. Кога еден од овие три делови е нападнат или засегнат од некој проблем тогаш и другите два дела страдаат. Ние можеме да водиме здрав начин на живот, и да си ги практикуваме нашите духовни активности, но ако умот не е здрав, другите два дела (телесното и духовното здравје) не можат да го пополнат недостатокот предизвикан од нездравиот ум, и така ние не сме вистински и целосно здрави или излечени.
Негативното влијание врз телесното здравје
Загриженоста, лутината, гневот, љубомората, омразата, лошата волја, незадоволството, чувството на вина, депресија, анксиозност, недостаток на радост и сите други негативни мисли или емоции имаат негативно влијание врз нашето тело, и им го олеснуваат патот на болестите во нашиот организам. Во денешно време се познати многу случаи во кои нарушувањата на здравјето или болестите можат да се поврзат со менталната состојба на човекот. Некое од овие нарушувања кои настануваат како резултат на лошата ментална состојба се: губење на енергија поради чувство на вина (кое настанува после низа направени гревови или грешки, или пак поради кажаните лаги); акутни или хронични болки – можат да настанат како резултат на долготрајно потиснување на злоба во себе; кожен осип – може да се појави после караница со некој личност; настинки – како резултат на психички стрес при испити, патувања, или расправии; исто е забележана и промена на срцевиот ритам како одговор на негативни мисли; покачување на крвниот притисок поради напади на лутина или бес, или поради стрес, страв, измислени проблеми. Кога една девојка била принудена да стапи во брак против нејзина волја таа доживеала неколку повторувачки напади на ревматоиден артритис. Еден доктор бил убеден дека некој негов пациент умрел поради тоа што долго време криел омраза во себе. Еден доктор кажал: „Прашањето не е дали една болест е физичка или емоционална, тука во колкава мера е физичка а во колкава емоционална.“ Dr. F. Dunbar, автор на книгата „Mind and Body“.
Многу здравствени проблеми (често вклучувајќи ги тука и ракот, хроничен замор, висок крвен притисок, кардиоваскуларни болести, несоница, проблеми со дигестивниот систем, синдром на иритабилни црева…) не можат целосно да се разјаснат доколку не се земе в предвид и психичкиот аспект на болеста. Вие можете да немате ниту една од овие болести, но бидете сигурни дека вашите негативни мисли и емоции ќе си го земат својот данок. Постојат физиолошки причини зошто нашиот организам така бурно реагира на нашите мисли и емоции. Секој дел од нашето битие, вклучувајќи ја и секоја клетка, сочувствува или одговара на позитивните или негативните состојби на нашиот ум.
Последиците од емоционални проблеми
Негативните емоции на кои не им обрнуваме внимание можат да доведат до уште поголеми психички или емоционални проблеми. Ова често води до болест, а понекогаш и до смрт. Дури иако луѓето ги доживуваат негативните ефекти од своите негативни емоции, често не успеваат да ги детектираат своите проблеми почнувајќи од нивната причина па до крајниот ефект.
Повторувањето на истиот проблем одново и одново треба да ги насочи луѓето да трагаат по одговори кои целосно ќе ги елиминираат тензиите, вознемиреноста, но наместо тоа, тие решение пронаоѓаат во употребата на разни лекови или наркотични средства. Многу е важно стучните лица кои работат со лица со емоционални проблеми да пристапат кон нив отворено, љубезно и со разбирање кон нивната состојба. Некои луѓе можат да се справат со постресни ситуации од други, а други пак можат да бидат емотивно толку слаби така што и малку притисок би им предизвикал голема штета. Многу повеќе грижа и внимание треба да им се посвети на лицата кои биле злоупотребувани или емоционално вознемирувани, со оглед на тоа што емоционалните проблеми можат да бидат толку трауматични и долготрајни така што можат да ги нарушат сите витални сили на телото и умот. Меѓусебната поврзаност помеѓу умот, телото и духот е толку силна што во третманот на емоционалните проблеми мудар човек би обрнал големо влијание на сите три дела разбирајќи дека ова е есенцијално за комплетно лекување.
Духовните проблеми
Нарушена ментална состојба предизвикува штета која може да се манифестира со многубројни духовни проблеми. Ова може да вклучи пад на духовноста, губиток на интересот за духовни работи, оддалечување од другите верници, чувство на гнев кон Бога или кон другите верници. Ова е жално, бидејќи вистинското решение за психичка вознемиреност или немир и поддршка за ментална сила и здравје, мора да вклучи духовност. Кога една личност е духовно будна и возвишена обично е исполнета со бодрост, вера и храброст што им дава постојаност и динамика на сите стремежи во животот. Кога духовноста е нарушена, резултатот е појава на очај, обесхрабрување, безнадежност, сомнеж, недоследност, мрзеливост, вина и страв. За овие чувства е научно докажано дека се поврзани со физички и ментален хендикеп. Ако духовните проблеми не се решат, не е во прашање само нашата среќа во овој свет, туку и нашата иднина за вечниот живот е ставена во опасност.
Решение
Научете да станете свесни за причината на проблемот. Свесноста за ова ќе ви помогне да се ослободите од многу долгорочни проблеми. Запомнете дека сите аспекти на човекот, менталниот, физичкиот, и духовниот се меѓусебно поврзани и влијаат еден на друг. Кога една област е под позитивно или негативно влијание, нејзиниот краен ефект ќе се преклопи со другите две области и ќе резултира со сличен ефект на нив. Уште поважно е дека нашите мисли влијаат и врз нашите емоции и врз нашите постапки. Затоа доколку можеме да ги промениме нашите негативни мисли ние исто така можеме да ги промениме и нашите негативни емоции и постапки. Негативните мисли можат да го парализираат или замрзнат целото битие на еден човек и да го забават напредокот во сите стремежи или цели во животот. Токму така, решението започнува одвнатре: променете го умот и ќе ја промените и личноста. Во Библијата е запишано:
„Немојте да се прилагодувата со овој свет, туку, преобразувајте се преку обновување на вашиот ум, за да можете да ја дознаете која е добрата, угодна и совршена Божја волја.“ (Римјаните 12.2)
6 Не грижете се за ништо, туку во сè преку молитва и молба со благодарност искажувајте ги своите просби пред Бога! 7 И Божјиот мир, што го надвишува секој ум, ќе ги запази вашите срца и вашите мисли во Христа Исуса. 8 Впрочем, браќа, сè што е вистинско, што е чесно, што е праведно, што е чисто, што е љубезно, што е на добар глас – ако е некаква добродетел, ако е некаква пофалба – мислете на тоа! (Филипјаните 4:6-8 ; Библија)