Било празнично попладне. Многу деца се собрале за да си играат. Влатко, кој бил најголем, бил во средина и сите го очекуваале почетокот. Едно од момчињата ја поканило малата Даница, која повлечено стоела на страна, но Влатко викнал со презир:

– „Ах, остави ја на мира! Никој не си игра со нејзе, нејзиниот татко пие алкохол!“

Кога девојчето ги слушнало тие сурови зборови, нејзиното бледо лице одненадеж поцрвенело. Таа инаку била многу чувствителна по природа, па таа реченица како стрела ја погодила најчувствителната точка во нејзиното срце.

Да, таткото на Даница бил пијаница, целиот свет го знаел тоа, а таа подобро од било кој. Но, таа навреда да ѝ се фрли во лице пред очите на сите деца, и поради тоа да ја исклучат од играта, тоа било повеќе од она што може да поднесе.

Со мака ги задржувала солзите, додека била пред очите на останатите деца, но дома стигнала сета расплакана.

– „Што ти е малечка моја“, – ја запрашала мајката љубезно, гледајќи дека нешто неубаво се случило на нејзиното дете.

Солзите повторно почнале да течат, а Даница своето лице го сокрила во прегратките на мајката.

– „Влатко ми рече… тој ми рече, дека никој нема да си игра со мене, бидејќи мојот татко е алкохоличар.“ –  Рекла липајќи.

– „Кутро мое дете“, тажно рекла мајката, а нејзините очи исто така се наполниле со солзи.

Колку неволји доживеале таа и нејзиното дете поради пороците на таткото. Таквите настани не биле ништо ново за несреќната жена.

Девојчето ја подигнала главата и ја погледнала мајка си.

– „Мамо, кога тато повеќе не би пиел? Што мислиш, дали тој би можел да не пие? Јас толку многу сакам да бидам како и другите деца и да си играм со нив.“

– „Се надевам дека тоа ќе се промени“, – тивко одговорила мајката, привлекувајќи го девојчето кон себеси и бакнувајќи ја. „Јас секогаш се молам за него, само ние сме сите слаби суштества. Татко ти не може да се ослободи сам од таа лоша навика, единствено Бог може тоа да го направи. Ние можеме само да се молиме за татко ти.“

Вечерта таткото на Даница како и обично стигнал дома. Бил вреден работник и чесен човек, и со секој бил во добри односи, во тоа сите се сложувале. Но, откако се предал на алкохолот сите знаеле дека тоа порано или подоцна ќе го уништи.

Кога се појавил на вратата, Даница му притрчала во пресрет, како и секоја вечер, и го поздравила како и обично. Но, таткото веднаш забележал во однесувањето на своето весело девојче дека нешто ја растажило.

Ја погалил по убавата виткана коса и ѝ рекол:

– „Вечерва изгледаш некако тажна, мила моја ќерко. Што ти се случило?“

– „Тато, не можам да ти го раскажам тоа“, – одговорило девојчето двоумејќи се.

– „Зошто не можеш?“ – Прашал таткото.

– „Можеби тоа ќе те налути.“ – Рекла Даница.

Лошите зборови на Влатко ѝ лежеле на срцето и повторно почнала да плаче. На крајот прозборела:

– „Тато, јас многу сакам ти повеќе да не пиеш алкохол…“

Таткото сакал да го смири своето девојче, но нешто го стегнало во грлото и не можел да прозборува. Се срамел што станал причина за толку многу неволји и болка. Во тој момент мајката ја повикала Даница во кујна, нешто да ѝ помогне.

Таткото по вечерата се подготвувал да тргне. Мајката добро знаела каде. На почетокот одлучил таа вечер да остане дома, но лошата навика била посилна. За да ја смири својата совест си дал збор на себе дека ќе испие само една до две чашки алкохол.

Даница излегла од домот пред да тргне нејзиниот татко. Во моментот кога поминувал покрај грмушката во градината го слушнал гласот на своето девојче и застанал да слушне.

– „Мил мој Спасителу, Исусе, јас Те молам, да му дадеш сила на мојот татко повеќе да не пие алкохол. Направи тој да стане како што беше претходно и другите деца повеќе нема да ме презираат. Те молам  со целото срце, направи го тоа за мојата мајка и за мене!“

Таткото, воздржувајќи го својот здив ја слушал едноставната молитва на својата ќерка. Секој збор го забодувал неговото срце, а совеста остро го осудувала.

Кога Даница ја завршила својата молитва, тој ѝ се прибрижил, клекнал покрај нејзе, ја прегрнал и тивко се помолил:

– „Татко небесен во овој момент Ти ветувам дека повеќе нема да пијам сѐ додека сум жив. Дај ми сила да го одржам своето ветување, помогни ми да станам подобар!“

– „Колку сум среќна, тато, колку сум среќна!“ – Извикала Даница прегрнувајќи го својот татко.

„Сега ми е сеедно што ќе кажат децата, бидејќи ти повеќе нема да пиеш алкохол.“

Таткото го фатил своето дете за рака и двајцата влегле дома.

Со чувство на радост и благодарност, таа вечер се собрало семејството на масата.

Тоа било почеток на нов живот.

Молитвата на Даница била услишена.

 

Библиски стихови:

9 Туку молете се вака: „Татко наш, Кој си во небесата, да се свети Твоето име;
10 да дојде Твоето царство, да биде Твојата волја, како во небото, така и на земјата;
11 нашиот насушен леб, дај ни го денес;
12 и прости ни ги нашите долгови, како што и ние им ги проштаваме на нашите должници;
13 и не воведувај нè во искушение, но избави нè од лукавиот. Зашто Твое е царството, и силата, и славата, во сите векови. Амин!”
(Матеј 6:9-13 ; Библија)

24 Затоа ви велам: сè што ќе побарате во молитва, верувајте дека го примивте, и ќе ви биде.
(Марко 11:24 ; Библија)

14 И тоа е увереноста, која ја имаме пред Него, дека ако побараме нешто по Неговата волја, Тој нè услишува. 15 А кога знаеме дека ни услишува што и да побараме, знаеме дека ќе добиеме, што и да сме побарале од Него.
(1-во Јованово 5:14 ; Библија)

6 Не грижете се за ништо, туку во сè преку молитва и молба со благодарност искажувајте ги своите просби пред Бога!
(Филипјаните 4:6 ; Библија)

14 и ако се смири Мојот народ, кој се наречува со Моето Име, и ако се помоли, и го побара Моето лице и ако се откаже од лошите патишта, Јас ќе го послушам тогаш од небото и ќе му го простам гревот и ќе му ја излечам земјата. 15 Моите очи ќе бидат отворени и Моите уши ќе бидат внимателни на молитвата од ова место.
(2 Летописи 7:14 ; Библија)

18 со секаква просба и молитва, молете се во Духот во секое време, и заради тоа бдејте со сето постојанство и со молба за сите свети
(Ефесјаните 6:18 ; Библија)

12 Тогаш ќе Ме повикувате, ќе доаѓате кај Мене, ќе Ми се молите, и Јас ќе ве слушам. 13 Ќе Ме барате и ќе Ме најдете, зашто ќе Ме барате со сето свое срце.
(Еремија 29:12 ; Библија)

12 Радувајте се во надежта, бидете трпеливи во неволја; постојани во молитва!
(Римјаните 12:12 ; Библија)

Pin It on Pinterest