„Космички конфликт“ е серија од пет книги – коментари кои ги напишала Елена Вајт, и се едни од најпроникливите и прекрасно напишани дела за Библијата.
Овие пет книги го опфаќаат целиот Библиски извештај, од создавањето, опишано во првата библиска книга – Битие, сè до описот на ново небо и нова земја од последната библиска книга – Откровение. Тие пет книги направиле Божјата реч да оживее пред очите на милиони читатели на таков начин кој што е и освежувачки, а истовремено и цврсто втемелен на библиската вистина. Библиските личности и поуки оживуваат низ секоја глава каде што се опишани практичните – животно важни принципи, кои можат да се применат на предизвиците од секојдневниот живот, во денешно време.
Следуваат 5-те книги од оваа едиција:
Патријарси и пророци: Извештај за борбата помеѓу доброто и злото од нејзиниот почеток на Небото, преку создавањето на земјата, библиските патријарси, израелското ропство и излезот од него, и утврдувањето на Израелците во Ханан сè до времето на цар Давид.
Пророци и цареви: Продолжување на Библискиот извештај од времето на цар Соломон, преку останатите цареви од Израел и Јуда и времето на пророците, па сè до доаѓањето на Месијата, давајќи исклучителен поглед на единството на Светото Писмо.
Копнежот на вековите е класично ремек-дело на Елена Вајт за Исусовиот живот и служба, која го следи Неговото раѓање, служба, смрт и воскресение на длабоко трогателен и прониклив начин.
Дела апостолски го обработува Библискиот извештај за раната христијанска црква, истражувајќи ги чудата и контроверзиите кои го обликувале Божјиот народ по вознесувањето на Исус Христос.
Големата борба започнува од извештајот за уништувањето на Ерусалим и ги следи, во поширока смисла, главните случувања во борбата помеѓу Христа и сатаната, како што се забележани во историјата на христијанската црква, па се до нашите денови и во иднината која следува.