Кога Исус им го дал големиот налог на своите ученици, за проповедање на евангелието по целиот свет, им рекол: „А овие знаци ќе ги придружуваат оние, кои поверувале: во Мое име ќе истеруваат зли духови; ќе зборуваат нови јазици; ќе фаќаат змии; ако испијат и нешто смртоносно – нема да им напакости. Ќе полагаат раце на болни и тие ќе оздравуваат.“ (Марко 16:18). Меѓутоа, во една друга прилика Исус го дал следново предупредување: „Зашто ќе се појават лажни христоси и лажни пророци, па ќе прават големи знаци и чуда, за да ги заблудат, ако е можно, и избраните.“ (Матеј 24:24).
Знаци и чуда ќе ги придружуваат вистинските Христови ученици, секогаш кога тоа ќе биде потребно, според Божјата промисла. Но, од друга страна, знаци и чуда ќе бидат манифестирани и преку лажни пророци и лажни христоси.
Библијата е полна со извештаи за надприродни манифестации, за чуда и знаци. Меѓутоа, ако детално се проучуваат тие знаци и чуда, неминовно се доаѓа до заклучокот дека позади сите нив конечно стои еден од двата извори, или Бог или сатаната. Еден драматичен пример е конфликтот што се случил помеѓу Мојсеј и Арон од една страна, наспроти фараоновите јасновидци од друга страна. Јасновидците на фараонот, со помош на сатанска сила, можеле дури да имитираат некои од чудата кои Мојсеј и Арон ги извршиле со Божја сила.
Заклучокот е дека, без разлика колку уверливи би биле знаците и чудата, истите можат да бидат остварени и преку луѓе кои се под влијание на сатаната и неговите демони. Без разлика колку уверливи изгледаат знаците и чудата, сепак тие сами по себе не се доказ за тоа дека Бог стои позади одредена индивидуа. Затоа е потребно да се биде внимателен.
Токму затоа што тие имаат два потенцијални извори, манифестирањето на знаци и чуда не е конечен доказ дека се од Бога. Но, сепак е доказ дека се случува нешто посебно што не треба да биде занемарено, без добро да се истражи.
Имајќи го сето ова на ум, во наредните текстови ќе анализираме некои од надприродните манифестации кои се случиле во службата на Елена Вајт.