Поврзани со Бога преку молитва

Голема и прекрасна е предноста што нашите молитви можат да бидат делотворни; како недостојни, заблудени смртници имаме право и сила своите барања да ги упатуваме на Бог. По каква поголема моќ од тоа човек може да копнее  – да се биде поврзан со бесконечниот Бог? Слабиот, грешен човек ја има привилегијата да зборува со својот Создател. Можеме да изговараме зборови кои достигнуваат до престолот на Владарот на универзумот. Можеме да разговараме со Исуса како да одиме заедно по пат со Него, а Тој ни вели: „Јас Сум од твојата десна страна.“

Со Бога можеме да разговараме во своето срце; во друштво со Христа можеме да бидеме на секој чекор. Додека ги извршуваме своите секојдневни обврски, можеме желбите на своето срце да Му ги упатуваме на Бога така нечујно да не допрат до ниедно човечко уво, но ниту еден така упатен збор нема да отиде напразно, ниту ќе биде изгубен. Ништо не може да го задуши копнежот на душата, кој се издигнува над уличната врева и над вревата на машините. Бог е тој кон кого се обраќаме и нашата молитва сигурно ќе допре до Неговото уво.

Барајте и само барајте и ќе примите. Барајте понизност, барајте мудрост, храброст и зголемување на верата. Секоја искрена молитва ќе биде одговорена. Можеби нема да биде одговорена како што посакувате, или во времето во кое барате, но ќе биде одговорена на совршен начин и во соврешно време кои најдобро ќе ги задоволат вашите потреби. Молитвите упатени на само, кога сте изморени, кога сте обесхрабрени или во искушение, Бог ги одговара, не секогаш според вашите очекувања, но секогаш за вашето добро.

 

Исус нѐ повикува да се молиме

Господ Бог ни дава предност да Го бараме лично во искрена молитва. Во Него ќе ги ослободиме нашите души, не задржувајќи ништо од Него, Кој нѐ повикал. „Дојдете при Мене сите, кои се трудите и сте обременети, и Јас ќе ви дадам одмор.“ (Матеј 11:28; Библија) О, колку благодарни треба да бидеме што Исус е подготвен и способен да ги носи сите наши слабости, да нѐ зајакне и да ги исцели сите наши болести ако тоа е за наше добро и за Негова слава.

„Дојдете при Мене“ е Неговиот повик. Без оглед на вашите потешкотии и искушенија, изнесете го својот случај пред Господа.

 

Кажете Му ги на Исуса сите ваши потреби

Малкумина се оние кои правилно ја ценат и ја користат привилегијата на молитвата. Ние треба да одиме кај Исуса и да Му ги кажеме сите наши потреби. Можеме да Му ги изнесеме сите мали грижи и потешкотии како и нашите поголеми проблеми. Што и да нѐ вознемирува треба да го изнесеме пред Господа во молитва. Кога чувствуваме дека ни е потребно Христовото присуството во секој чекор, сатаната ќе има мала можност да ги наметне своите искушенија. Тој ги дава сите напори да нѐ оддалечи од нашиот најдобар и најискрен Пријател, Кој сочувствува со нас. Не треба никому да му ја подаруваме толку својата доверба како на Исус. Нему можеме безбедно да Му довериме сѐ што е во нашите срца.

 

Отворете го своето срце на Пријателот

Молитвата е отворање на срцето кон Бога како кон пријател. Не е неопходно да Му се објасни на Бога она што сме, но е потребно за ние да станеме способни да Го примиме. Молитвата не Го спушта Бога кај нас, туку нè издигнува нас до Него.

Кога Исус беше на Земјата, Тој ги научи Своите ученици како да се молат. Тој ги упатил да ги изнесуваат своите секојденвни потреби пред Бога, и да ги предадат сите свои грижи на Него. Уверувањето што Тој им го дал, дека ќе бидат услишени нивните барања, е исто така уверување и за нас.

 

Бог ни посакува добредојде во Неговото приемено предворие

Ние доаѓаме кај Бога со посебен повик и Тој нè чека во Своето приемено предворие да ни посака добредојде. Првите ученици кои Го следеле Исуса, не можеле да бидат задоволни само со краткиот попатен разговор со Него, и затоа Му се обратиле со зборовите: „Рави, каде живееш?… Тие отидоа и видоа каде живее и останаа тој ден кај Него.“ (Јован 1.38.39; Библија) Така и ние можеме да оствариме најголема блискост и заедница со Бога. „Кој живее под закрилата на Севишниот, тој престојува во домот на небесниот Бог.“ (Псалм 91:1; Библија) Оние кои копнеат по Божјиот благослов нека чукнат и нека почекаат пред вратата на милоста со цврсто уверување дека ќе примат, и нека речат: „Секој што моли, добива, и кој бара, наоѓа, и на оној што чука ќе му се отвори.“ (Матеј 7:8; Библија)

 

Возвишена привилегија

Кога се во неволја, кога се налутени од жестоки искушенија, тие (Божјите деца) ја имаат привилегијата на молитва. Каква возвишена привилегија! Ограничени смртни и грешни битија, од прав и пепел, преку Христовото посредување се примени во приемното предворје на Севишниот. Преку таквото остварување душата е доведена во света заедница со Бога, обновена во знаење, вистинска светост и зајакната против нападите на непријателот.

 

Молитвата е наша духовна потреба и привилегија

Многумина од оние кои се заветиле во Христовата љубов сѐ уште не ја сфатиле врската која постои помеѓу нив и Бога. Тие не сфаќаат каква голема привилегија и потреба се молитвата, покајанието и извршувањето на Христовите зборови.

 

Молитвата ни овозможува живот исполнет со сончевата светлина на Негвото присуство

Наша привилегија е да ги отвориме нашите срца и да дозволиме да ги исполни сончевата светлина на Христовото присуство.  Мој брате и сестро, соочете се со светлината. Дојдете во вистинскиот, личен контакт со Христос, така што ќе можете да извршите влијание кое воздигнува и оживува. Нека вашата вера биде силна, чиста и непоколеблива. Нека благодарноста кон Бог ги исполни вашите срца. Кога станувате наутро, клекнете покрај својот кревет и побарајте Бог да ви даде сила да ги исполните своите обврски за тој ден, и да можете да се соочите со искушенијата. Побарајте од Него да ви помогне во вашата работа да ја внесете Христовата сладост на карактерот. Побарајте од Него да зборувате зборови кои ќе ги вдахнат останатите околу вас со надеж и храброст, и да ги привлече поблиску до Спасителот.

 

Нашите молитви никогаш не Го оптеретеруваат или уморуваат Бога

Не постои време или место непогодно да Му се упати молитва на Бога. Ништо не може да нѐ спречи своите срца и духот да ги воздигаме кон Бога во искрена молитва. Среде мноштвото на улицата, и во зафатеноста со својата работа, можеме своите молитви да Му ги упатуваме на Бога, барајќи Негово божествено водство, како што направил Немија кога го изнесувал своето барање пред царот Артаксеркс. Каде и да се најдеме можеме да имаме простор за заедништво со Бога. Вратата на нашето срце треба постојано да биде отворена и нашиот повик да се воздигнува за Исус да може да дојде и да престојува како небесен гостин во душата.

Иако околу нас може да владее заразена, расипана атмосфера, ние не мораме да ги вдишуваме нејзините заразени испарувања, туку можеме да живееме во чиста небесна атмосфера. Можеме да го затвориме секој приод за нечистите мечти и за несветите мисли издигнувајќи ја душата во Божјото присуство преку искрена молитва. Оние чиишто срца се отворени да ја примат подршката и благословите од Бога, ќе чекорат во посвета атмосфера отколку што е оваа земна и ќе одржуваат постојана врска со небото.

Нам ни се потребни појасни поими за Исуса и поцелосно сфаќање за вредностите на вечните стварности. Убавината на светоста треба да ги исполни срцата на Божјите деца, а за да може да се постигне тоа, мораме да бараме Бог да ни го разјасни она што е небесно.

Нашата душа нека се отвори и нека се издигне за Бог да може да ни помогне да ја вдишуваме небесната атмосфера. Можеме да се држиме толку блиску до Бог што во секое неочекувано искушение нашите мисли ќе се насочат кон Него толку природно како што цветот се насочува кон сонцето.

Изнесете ги пред Бога своите потреби, своите  радости, своите таги, своите грижи и стравувања. Него не можете да Го преоптоварите, не можете да Го уморите. Оној Кој ги брои влакната на вашата глава не е рамнодушен кон потребите на Своите деца. „Господ е многумилостив и сочувствителен.“ (Јаков 5:11; Библија) Неговото срце, полно со љубов, е трогнато од нашите жалости, дури и кога само зборуваме за нив. Да го изнесеме пред Бога сè она што го збунува нашиот ум. За Него ништо не е премногу големо да носи, зашто Тој ги држи световите. Тој владее над сите работи во универзумот.

Сè што е поврзано со нашиот мир, за него ништо не е премногу незначително за да го забележи. Нема ниедно поглавје во нашето искуство што за Него би било премногу мрачно да го чита; нема проблем кој за Него би бил премногу тежок да го реши. Односот меѓу Бога и секоја душа е толку личен и целосен, што се чини дека нема ниту една друга душа на земјата да го дели со неа Неговото грижливо внимание, ниту една друга душа за која би го дал Својот сакан Син.

 

Предвкус на Небото

Во Исусовите раце можеме да најдеме целосен мир. Набљудувајте ја Неговата голема љубов, и додека размислувате за Неговото самоодрекување и Неговата неизмерна жртва поднесена поради нас, да би поверувале во Него, вашето срце ќе биде исполнето со света радост, спокоен мир и неопислива љубов. Додека зборуваме за Исус, додека Го повикуваме во молитва, ќе се зајакне нашата увереност дека Тој е наш личен Спасител, полн со љубов, и Неговиот карактер сè повеќе ќе се одразува во нас. На тој начин можеме да уживаме во богати гозби на Неговата љубов, и како што целосно веруваме дека ние сме Негови преку посинувањето, можеме да имаме предвкус на небото. Чекајте на Господа во вера. Господ ја доведува душата во молитва и ни дава да ја почувствуваме Неговата драгоцена љубов. Имаме блискост кон Него, и можеме да одржуваме слатка заедница со Него. Добиваме различни претстави на Неговата нежност и сочувство, нашите срца се скршени и претопени со размислувањето за љубовта што ни е дадена. Чувствуваме дека Христос навистина престојува во нашата душа. Остануваме во Исуса и со Него се чувстваме како дома. Ветувањата се слеваат во душата. Нашиот мир е како река, бран по бран на слава се слева во срцето, и ние навистина вечераме со Исус и Тој со нас. Имаме вистинско сознание за Божјата љубов и во неа го наоѓаме својот мир.

Тоа ја надминува моќта на нашето сфаќање и нема јазик што би го опишал тоа. Ние сме едно со Христа, нашиот живот е скриен со Христа во Бога. Имаме сигурност дека кога Тој, Кој е наш живот, ќе се појави, тогаш и ние со Него ќе се појавиме во слава. Со силна доверба, можеме Бога да Го наречеме наш Татко.

 

Молитвата носи свежина во духовниот живот

Нашиот живот треба да се поврзе со Христовиот; мораме постојано да црпиме од Него, да се храниме со Него, со живиот Леб, Кој слегол од небото, да се напојуваме од свежиот, непресушлив извор на Неговото богатство. Ако постојано Го имаме пред себе Господа, ако Му дозволуваме на нашето срце да Му се обраќа со фалба и благодарност, нашиот верски живот постојано ќе се освежува. Нашите молитви ќе добијат вид на разговор со Бога како што се разговара со пријател. Тој Сам ќе ни ги открива Своите тајни. Мошне често ќе уживаме радост што произлегува од свеста за Исусовото присуство. Често нашето срце ќе гори во нас кога Тој ќе се приближува да разговара со нас, како што правел со Еноха. Кога тоа ќе стане дел на искуството на христијанинот, во неговиот живот ќе се забележи едноставност, скромност, кротост, понизност на срцето – особини што на сите со кои доаѓа во допир ќе им покажат дека бил со Исуса и дека се научил од Него.

 

Место за бегство кое секогаш е отворено

Патот до Божјиот престол е секогаш отворен. Не можете секогаш да бидете на вашите колена во молитва, но вашите тивки молитви можат постојано да се издигнуваат кон Бог за сила и водство.  Кога ќе дојде искушение, како што ќе дојде, можете да побегнете во тајното место на Севишниот. Неговите вечни раце ќе бидат под вас.

 

Тајната на духовната сила

Молитвата е дишење на душата. Таа е тајната на духовната сила. Ниту едно друго средство на милост не може да ја замени, ниту да го зачува здравјето на душата. Молитвата го доведува срцето во непосреден контакт со Изворот на животот и ги зајакнува жилите и мускулите на религиозното искуство. Занемарувањето на молитвата, или да се молите немарно, од време на време, кога вам ви изгледа погодно – доведува да се губи врската со Бога. Духовните способности ја губат својата виталност, на религиозното искуство му недостасува здравје и енергија.

Прекрасно е што можеме да се молиме делотворно, ние недостојни, грешни смртници ја поседуваме моќта да ги изнесеме своите барања на Бога. По каква поголема моќ човек може да копнее од тоа – да се биде поврзан со бесконечниот Бог? Слабиот, грешен човек ја има привилегијата да зборува со својот Создател. Можеме да изговараме зборови кои достигнуваат до престолот на Владарот на универзумот. Можеме да разговараме со Исуса како да одиме заедно по пат со Него, а Тој ни вели: „Јас Сум од твојата десна страна.“

 

Молитвата во тајност – душа на духовноста

Не занемарувајте ја молитвата насамо (молитва во тајност) бидејќи таа е душа на духовноста. Со искрена и сериозна молитва молете за чистота на душата. Молете се така искрено и ревносно како да е во прашање вашиот смртен овоземски живот. Останете пред Бога додека во вас не се родат неискажливи копнежи за спасение, и додека не го добиете слаткиот доказ за простените гревови.

 

Секоја искрена молитва е услишена

Дотогаш учениците не ги познавале неограничените ресурси и силата на Спасителот. Тој им рекол: „Досега не баравте ништо во Мое име.“ (Јован 16:24; Библја) Им објаснил дека тајната на нивниот успех лежи во барањето сила и благодат во Негово име. Тој ќе биде присутен пред Таткото и ќе се моли за нив. Молитвите на понизните души Тој ги изнесува како Своја лична желба во нивна корист. Секоја искрена молитва се слуша на Небото. Ако таквата молитва и не е точно изговорена, а е изговорена од срце, таа ќе се издигне до светилиштето каде што Исус служи и Тој ќе Му ја принесе на Таткото без ниту еден невешт, пелтечки збор, туку прекрасна и миризлива со темјанот на Своето совршенство.

Патот на искреност и чесност не е пат без препреки, но во секоја тешкотија треба да гледаме повик на молитва. Ниедно суштество не располага со сила која не е примена од Бога, а Изворот од Кој доаѓа таа сила е достапен и на најслабото човечко суштество. „Сè што ќе побарате во Мое име,“ рекол Исус, „ќе го сторам за да се прослави Таткото во Синот. Ако посакате нешто во Мое име, Јас ќе го направам тоа.“

Христос им рекол на Своите ученици да се молат „во Мое име.“ Христовите следбеници треба во Негово име да излегуваат пред Бога. Вредноста на жртвата што е поднесена заради нив им дава висока цена во Божјите очи. Тие се сметаат драгоцени заради Христовата праведност која им е засметана. Заради Христа, Таткото им простува на оние што се бојат од Него. Тој во нив не гледа ништожни грешници, туку забележува сличност со Својот Син во Кого тие веруваат.

 

Ангелите ги бележат нашите молитви и ни влијаат за добро

Кога станувате наутро, ја чувствувате ли вашата беспомошност и вашата потреба од сила од Бог? Дали понизно и со смирено срце ги изнесувате своите копнежи на својот небесен Татко? Ако е така, ангелите ги бележат вашите молитви, и доколку овие молитви не излегле од лажливи усни, кога ќе се најдете во опасност, несвесно да направите нешто погрешно и да извршите влијание кое другите ќе ги води да направат погрешно, вашиот ангел чувар ќе биде покрај вас, укажувајќи ви на подобриот пат, избирајќи зборови за вас и влијаејќи на вашите постапки.

Ако не се чувствувате во опасност, и доколку не упатувате молитва за помош и сила да се спротивставите на искушенијата, бидете сигурни дека ќе залутате. Вашето занемарување на должноста ќе биде забележано во Божјата книга на небесата и ќе се покажете лесни во денот на проверка.

 

Како и Мојсеј, можеме да уживаме во лична заедница со Бог

Раката која го создала овој свет, која ги држи планините на своите места, го зема овој човек од прав, овој човек со силна вера, и милостиво го покрива во пукнатината на карпата, додека Божјата слава и сета Негова добрина поминува пред него. Можеме ли да се восхитуваме на величенствената слава која одсјајува од Семоќниот на Мојсеевото лице со таква светлина кон која луѓето не можат да погледнат? Одсајот на Божјата слава бил над него, правејќи го да се појави како еден од сјајните ангели од престолот.

Ова искуство, пред секое друго, сигурноста дека Бог ќе ја слушне неговата молитва, и дека божественото присуство ќе му се придружи, било многу поважно за Мојсеј како водач отколку сето учење на Египет и сите негови достигнувања во воената наука. Ниедна овоземска моќ, или вештина или пак учење не можат да го заменат местото на Божјото непосредно присуство. Во историјата на Мојсеј можеме да видиме што значи личната заедница со Бога и каква е предноста за човекот да го ужива тоа. За престапникот е страшно да падне во рацете на живиот Бог, но Мојсеј не се плашел да биде сам со Авторот на Законот кој е изговорен со таков величенствен глас од Синајската Гора, бидејќи неговата душа била во склад со волјата на неговиот Создател.

Молитвата е отворање на срцето кон Бог како кон пријател. Окото на верата ќе препознае дека Бог е многу близу, а молителот може да добие скапоцени докази за божествената љубов и грижа за него.

 

Молете се со света смелост

„Ако останете во Мене и ако Моите зборови останат во вас, барајте што и да посакате, и ќе ви биде.“ – Исус Христос (Јован 15:7; Библија) Кога се молите, изнесете го ова ветување. Наша привилегија е да дојдеме кај Него со света смелост. Кога во искреност Го молиме Неговата светлина да засветли врз нас, Тој ќе нѐ слушне и ќе ни одговори.

Небото е отворено за нашите барања, и ние сме поканети „да пристапуваме смело кон престолот на благодатта, за да примиме милост и за да најдеме благодат, за помош, во време на потреба.“ (Евреите 4:16; Библија) Треба да пристапуваме во вера, верувајќи дека ќе ги добиеме работите кои ги бараме од Него.

 

Барајте за своите потреби

Секое ветување во Божјата реч може да ни послужи како предмет за молитва, бидејќи секој Господов збор е сигурен залог. Кога ни е потребен кој било духовен благослов, наша предност е да Го побараме преку Исуса. Со детска едноставност можеме да го изнесеме пред Господа токму она што ни е потребно. Можеме да Му ги соопштиме своите овоземски потреби, молејќи Го за леб и облека, но исто така можеме да Го молиме и за лебот на животот и облеката за Христовата правда. Вашиот небесен Татко знае дека сето тоа ви треба и затоа ве повикува да Го молите за тоа. Во името на Христа ја примаме секоја благодат. Бог ќе го прослави тоа име и ќе ги задоволи вашите потреби од изобилството на Својата дарежливост.

 

Барајте и верувајте

Кога се молите на Бога да ви помогне, во името на својот Спасител, верувајте дека сигурно ќе го примите Неговиот благослов. Сета моќ, сета мудрост, ни стои на располагање, потребно е само да побараме.

Постојано одете во Божјата светлина. Размислувајте ден и ноќ за Неговиот карактер. Тогаш ќе ја видите Неговата убавина и ќе се радувате во Неговата добрина. Вашето срце ќе свети со чувство на Неговата љубов. Ќе бидете издигнати како да ве носат вечните раце. Со силата и светлината што Бог ја дава, можете да сфатите повеќе и да постигнете повеќе отколку што некогаш сте го сметале за можно.

 

Одете напред верувајќи во Бога

Ние мораме да се охрабруваме еден со друг со онаа жива вера, која, Христос овозможи, секој верник да може да ја има. Делото треба да се пренесе какошто Господ го подготвува патот. Кога Тој го доведува Својот народ во некоја тешка ситуација, тогаш нивна предност е да се соберат заедно на молитва, имајќи во предвид дека сè доаѓа од Бога. Оние кои сѐ уште не учествувале во тешки искуства, коишто се случуваат во делото, во овие последни денови, наскоро ќе морат да поминат низ сцени (искушенија) кои сериозно ќе ја тестираат нивната доверба во Бога. Тоа е времето кога Божјиот народ нема да гледа никаков пат пред себе, кога пред нив ќе се најде само Црвеното море со своите бранови, а позади нив, војска која ги прогонува, и Бог им заповеда: „Одете напред!“ На тој начин, Бог ја става на тест нивната вера. Кога ќе наидете на такви искуства, одете напред верувајќи во Христа. Одете чекор по чекор по патеката што Тој ја одбележува. Искушенијата ќе дојдат, но одете напред. Ова ќе ви даде искуство кое ја зајакне вашата вера во Бога, оспособувајќи ве за вистинска служба.

Pin It on Pinterest