ШТО ПОУЧУВАЛ ИСУС ЗА СВЕТИОТ ДУХ?
Дали сте запознаени со Исусовата најимпресивна вест? Која е задачата на Светиот Дух? Зошто за промена на карактерот ни е потребна сила однадвор?
Неколку од првите лични сведоштва:
Назад кон нашата „прва љубов“: Една сестра ми напиша: „Мојата пријателка и јас веќе трети пат ја проучуваме книгата „40 дена молитва и посветување“ (подготовка за второто Христово доаѓање) паралелно со брошурата „Чекори кон лично преродување“.Пред да го откриеме овој материјал, нашето искуство во верата и молитвениот живот не беше она што некогаш го имавме. Копнеевме повторно да ја пронајдеме нашата „прва љубов“. Ја пронајдовме и за тоа сме Му благодарни од сè срцe на Бога. Толку е прекрасно како нашиот Бог, полн со љубов, одговара на молитвите и ни дава сознание како делува Неговиот Дух, на нас самите и на луѓето за кои се молиме.“ М.С.
Исус влезе во нашите животи: Една друга личност за овие книги пишува: „Во животот ги добив големите и долгоочекуваните благослови. Колку се оние верни кои се чувствуваат исто како мене и една сестра од нашата црква, дека секогаш ни недостасуваше нешто во нашето искуство на верата? А сега ја имаме привилегијата да доживееме како Исус влегол во нашиот живот и почнува да нè менува. Тој сè уште работи на нас и чекор по чекор нè приближува поблиску кон Него.“ С.К.
Исусовите ученици се прашувале: Како Исус врши такво големо влијание? Дали тоа е поврзано со Неговиот молитвен живот? Затоа и Го замолиле: „Господи, научи нѐ да се молиме.“ И Исус одговорил на нивното барање.
Неговата молитвена поука е запишана во Евангелието по Лука 11:1-13 и се состои од три дела: Господовата молитва, параболата за човекот кој го моли својот пријател на полноќ за помош и како врв на сè – постојаната молитва за Светиот Дух.
Во параболата (од стиховите 5-8), на некој човек, доцна навечер, му доаѓа во посета еден пријател, а тој нема ништо со што би можел да го понуди. Во својата потреба тој веднаш оди кај својот сосед и му објаснува дека нема ништо и го замолува да му даде леб. Сега тој има леб – Лебот на животот – за него и за својот посетител. Има доволно за себе, но толку да може и да даде на другиот.
Тогаш Исус ја поврзува оваа парабола (проблем: Немам ништо) со молитвата за Светиот Дух, велејќи: „И Јас ви велам: ‘Молете, и ќе ви се даде! Барајте, и ќе најдете! Чукајте, и ќе ви се отвори!’“ (Лука 11:9; Библија) Потоа следува:
Исусовиот посебен повик: Молете се за Светиот Дух
Постои едно посебно место во Библијата каде Исус толку нагласено нѐ повикува да се молиме за Светиот Дух. Не знам ниту едно друго место во Библијата каде Исус толку нагласено и толку грижливо ни става нешто на срце. Тоа место се наоѓа во Неговата поука за молитвата во Евангелието по Лука глава 11, каде десет пати Тој нагласува дека е потребно да се молиме за Светиот Дух. И тоа во стиховите од 9 до 13: „И Јас ви велам: ‘Молете, и ќе ви се даде! Барајте, и ќе најдете! Чукајте, и ќе ви се отвори! Зашто секој, кој моли – прима; и кој бара – наоѓа; а на оној, кој чука – ќе му се отвори. И кој е оној татко, меѓу вас, кој ќе му даде на сина си камен – ако побара леб? Или, ако побара риба, да му даде место риба – змија? Или ако побара јајце – да му даде скорпија? И така, ако вие, кои сте зли, можете да им давате добри дарови на своите деца, колку повеќе небесниот Татко ќе им даде Свети Дух на оние, кои Го молат?’“ (Лука 11:9-13; Библија)
Во овие неколку стихови Исус неколку пати го користи глаголот кој во основа има значење „да се моли за нешто“, (молете, моли, молат), а потоа делувањето на тој глагол го појачува со глаголите „барајте“, „бара“ и „побара“, „чука“ и „чукајте“ кои претставуваат активност.
Зарем Тој не ни покажува сосем јасно дека ние самите мораме да превземеме нешто за да би биле исполнети со Светиот Дух? Последниот глагол, кој има значење „да се моли некој за нешто“, во грчкиот јазик има облик на континуираност. Тоа значи дека не треба да молиме, да побараме само еднаш, туку да молиме, да бараме постојано. Овде Исус не ја претставува молитвата само дека треба да биде ургентна, туку исто така од нас очекува молитвата да ни биде постојана, постојано да се молиме. Со сигурност, со овој толку искрен повик, Тој сака, во нас да пробуди копнеж за Светиот Дух.
Во книгата „Христовите параболи“ е запишано: „Бог не вели: ‘Побарајте еднаш и ќе ви се даде.’ Тој нè повикува да се молиме и да бидеме неуморни во молитвата. Постојаната молитва на молителот му дава сериозен духовен став и уште поголем копнеж за она што сака да го добие.“
Потоа Исус дава три примери, кои покажуваат однесување кое е назамисливо дури и за грешните земски татковци. Тој сакал да ни покаже дека за нашиот небесен Татко е уште повеќе незамисливо да не би ни го дал Светиот Дух кога би Го барале. Исус сака да бидеме сигурни дека ќе го примиме Светиот Дух ако се молиме за тоа на соодветен начин. Користејќи го ова ветување и другите ветувања, можеме во вера да се молиме и да бидеме сигурни дека она за кое се молиме веќе сме го добиле. (1-во Јованово 5:14.15; повеќе за ова следува во 5-та глава)
Овој итен повик ни го покажува Исусовото убедување дека би ни недостасувало нешто од суштинско значење, доколку постојано не би барале излевање на Светиот Дух. Тој јасно го привлекува нашето внимание на фактот дека апсолутно ни е потребен Светиот Дух. На овој начин Тој сака, постојано да ги примиме богатите благослови на Светиот Дух.
Овој дел од Неговата поука за молитвата е уникатен случај. Светиот Дух е најголемиот Божји дар, дар кој со себе ги донесува сите други дарови. Ова бил Исусов крунисувачки дар за Своите ученици и јасен доказ за Неговата љубов. Мислам дека можеме да разбереме дека ваков вреден подарок нема да биде наметнат на некого. Тој им се дава само на оние кои го изразуваат својот копнеж за овој дар и го ценат тоа. Тој ќе биде даден на оние кои го предале својот живот на Исуса, на оние кои живеат живот на постојана посветеност. (Јован 15:4.5; Библија) Посветеноста се изразува со:
Копнеж за Бога („А во последниот, големиот ден на празникот Исус застана и извика, велејќи: ‘Ако е некој жеден, нека дојде при Мене и нека пие.’“ – Јован 7:37; Библија)
Доверба во Бога („Кој верува во Мене – како што е кажано во Писмото – ‘од неговата внатрешност ќе потечат реки на жива вода.’“ – Јован 7:38; Библија)
Целосно предавање како резултат на довербата во Бога („Затоа ве молам, браќа, заради Божјата милост, да ги принесете вашите тела во жива, света и угодна жртва на Бога, тоа да биде ваша разумна служба.“ – Римјаните 12:1; Библија)
Да Го следиме Бога во сè („Ние сме сведоци за тоа и Светиот Дух, Кого Бог им Го даде на оние, кои Му се покоруваат.“ – Дела Ап. 5:32; Библија)
Да се откажеме од својот пат, да одиме по Божјиот пат и да го правиме тоа според Божјата волја („А Петар им рече: ‘Покајте се! И секој од вас нека се крсти во името на Исуса Христа за проштавање на вашите гревови; и ќе примите дар од Светиот Дух.’“ – Дела Ап. 2:38; Библија)
Да не планираме ништо лошо („Ако мислев зло во срцето, Господ не би послушал.“ – Псалм 66:18; Библија)
Да ја сфатиме и препознаеме нашата голема потреба („Јас немам ништо“ – Лука 11:6; Библија)
Постојано да молиме за Светиот Дух (Лука 11:9-13; Библија)
Не можеме ли јасно да видиме во Божјите очекувања, кои Тој ги има кон нас, колку е вреден овој дар? Кога ќе размислите за сите овие предуслови, веројатно ќе најдете недостатоци во себе. Јас се навикнав секојдневно да се молам за копнеж за Светиот Дух во одност со ветувањето во евангелието по Јован 7:37: „Ако е некој жеден, нека дојде при Мене и нека пие.“
[Премногу е драгоцено да се молиме со ветувањата. Ако сте повеќе заинтересирани за ова, ве молам прочитајте ја 4-та глава од овој серијал.]
Можеме да се молиме: „Господи Исусе, јас целосно кажувам – „Да“ за сите предуслови за примање на Светиот Дух. Од сè срце те молам и сега – за денес – да ги исполниш во мене.“
Нашиот прекрасен Бог ни помага дури и во исполнувањето на предусловите.
Светиот Дух е извор на исполнет живот
Според Исус, зошто дојде Тој на оваа Земја? – Тој вели: „Јас дојдов за да имаат живот и да го имаат изобилно.“ (Јован 10:10; Библија)
Исус сака да го доживееме овој нов живот уште сега и да го продолжиме во целосно друга димензија по Неговото второ доаѓање, како вечен живот во Божјото царство.
Тој исто така ни покажува дека изворот на исполнетиот живот всушност е Светиот Дух: „Ако е некој жеден, нека дојде при Мене и нека пие. Кој верува во Мене – како што е кажано во Писмото – од неговата внатрешност ќе потечат реки на жива вода. Тоа го рече пак за Духот…“ (Јован 7:37-39; Библија)
„Реки на жива вода“ – зарем тоа не е добра споредба за исполнет живот?
Дали Исус, за време на Неговиот живот, овде на земјата, ни даде соодветен пример?
Ние знаеме дека Исус бил зачнат во утробата на својата мајка Марија, преку Светиот Дух. („А раѓањето на Исуса Христа стана вака: кога Неговата мајка Марија беше свршена за Јосифа, пред да се состанат, се најде забременета од Светиот Дух.“ – Матеј 1:18; Библија) Знаеме и дека по Неговото крштевање Тој се молел „и Светиот Дух слезе на Него, во телесен облик, како гулаб…“ (Лука 3:22; Библија) Под овие околности, дали било неопходно и важно да го прима Светиот Дух секојдневно? Цитирам од Елена Вајт:
„Секое утро Исус имал заедница со Својот небесен Татко, секојдневно примајќи од Него свежо крштеавње (исполнување) со Светиот Дух.“ [E.G. White, Signs of the Times, November 21, 1895, par. 3]
Во нејзината книга „Делата на Апостолите“ е запишано: „За посветениот Божји работник возвишена утеха се крие во сознанието дека дури и Христос за време на Неговиот живот на Земјата, секојдневно барал од Својот Татко свежи залихи на неопходна благодат.“ [Елена Вајт, „Делата на Апостолите“, стр. 56.1 (ориг.)]
Исус навистина бил прав пример за нас во ова. Мораме да се запрашаме себеси: Ако на Исус Му било потребно секојдневно освежување од Светиот Дух, колку поважно е тоа за нас?
Апостол Павле целосно ја сфатил Исусовата цел, бидејќи во своето послание до црквата во Ефес во 1-ва глава 13-ти стих потврдува дека тие биле запечатени со Светиот Дух кога станале верници. („Во Него и вие, откако го чувте словото на вистината – Евангелието на вашето спасение – и откако и вие поверувавте, станавте запечатени со Светиот Дух на ветувањето“ – Ефесјаните 1:13; Библија)
„…да ви даде, според богатството на Својата слава – да зајакнете со сила преку Неговиот Дух во внатрешниот човек, та преку вера да се всели Христос во вашите срца; да бидете вкоренети и засновани во љубовта…“ (Ефесјаните 3:16.17; Библија), во овие стихови, Павле како овластен апостол, ги охрабрува да бидат силни во Духот и ги повикува Ефесјаните и нас: „бидете исполнети со Духот“, или „исполнувајте се постојано и одново со Светиот Дух“. Гледаме дека и покрај тоа што сме го примиле Светиот Дух кога сме се родиле наново, дека сепак ни е потребно секојдневно освежување (секојдневно исполнување со Светиот Дух). За духовниот живот на секој христијанин е многу важно секојдневно да биде исполнет со Светиот Дух.
Во нашата саботно-школска поука во врска со Ефесјаните 5:18 е запишано следново: „Што значи ‘да се биде крстен’ со Светиот Дух? Лично Исус го објаснува ова со синоним. Личноста е ‘крстена’ со Светиот Дух кога Светиот Дух ‘слегол врз неа’. („Туку ќе примите сила кога Светиот Дух ќе слезе на вас и ќе Ми бидете сведоци како во Ерусалим, така и во цела Јудеја, и во Самарија, и сè до крајот на земјата.“ – Дела Ап. 1:5; Библија) Да се биде крстен значи целосно да бидете нурнати во нешто, обично во вода. Овој чин ја опфаќа целата личност. Крштавање со Светиот Дух значи да се биде целосно под влијание на Светиот Дух, да се биде потполно „исполнет“ со Него. Ова не е еднократно искуство, туку нешто кое мора постојано да се повторува, како што Павле го илистрира тоа во Ефесјаните 5:18б со временската форма на грчкиот глагол „исполнет“. („…полнете се со Духот!“ – Ефесјаните 5:18б; Библија) [Sabbath School Study Guide July 17, 2014]
Исусовите проштални зборови и Светиот Дух
Во Своите проштални зборови, Исус на Своите ученици им пренесува радост и надеж кажувајќи им дека Светиот Дух ќе дојде на Негово место. Исус им кажува нешто изненадувачки на учениците во Јован 16:7: „Сепак, Јас ви ја кажувам вистината: подобро е за вас, Јас да си отидам; зашто ако не си отидам, Утешителот нема да дојде при вас; ако пак заминам, ќе ви Го испратам.“ (Библија)
Ново корисно решение
Исус им рекол на учениците нешто изненадувачки: „Подобро е за вас, Јас да си отидам.“ Ова значи дека новото решение, дека Тој ќе биде со нас преку Светиот Дух, е многу подобро отколку Исус да биде лично присутен. На овој начин Тој не е ограничен, туку уште подобро, Тој може да биде покрај секоја личност, без разлика каде се наоѓа во моментот.
Од неверство и маловерност до вера во Исуса
Светиот Дух има улога да ги отвори очите на светот. Нема ли светот, во извесна мера, продрено и во Божјата црква? Светиот Дух ги отвара очите на светот, но Тој е единствениот кој може да ги отвори и очите на Лаодикеја.
Тој во луѓето во светот буди копнеж за Бога, а во млаките христијани, копнеж за блиска заедница со Исуса, затоа што Тој ни укажува на гревот, кој е причината за сите останати гревови, „За грев – зашто не веруваат во Мене.“ – Исус Христос (Јован 16:9; Библија) Дали верувате во Исуса? Сржта на верувањето е довербата. Знакот дека навистина веруваме во Исуса и имаме доверба во Него е во целост да Му се довериме. Овде се работи за нашето потполно предавање и подготвеност да Го следиме во сè.
Исус рекол: „А кога ќе дојде Тој, ќе го увери светот за грев и за правда и за суд. За грев – зашто не веруваат во Мене.“ (Јован 16:8.9; Библија) Во што се покажува отфрлањето на Исуса, најлесно ќе препознаеме во текстот: „зашто не веруваат во Мене.“
Морис Венден (Morris Venden) напишал: „Вера значи да зависиме од друг. На библиски јазик зборот „вера“ е најблизок со поимот „да се довериме“ бидејќи ја содржи мислата дека контролата над својот живот ја препуштаме (доверуваме) на Бога.“ [Morris Venden, 95 Theses on Righteousness by Faith]
Од овде ја препознаваме причината дека основниот грев, после кој следуваат сите други гревови, се огледува во тоа дека не сме се довериле во потпоплност на Исуса и дека не живееме во целосна предаденост Нему.
Спасен и праведен преку вера
Светиот Дух исто така ни ги отвара очите за Христовата праведност. Кога Исус се вознел на небесата, Неговата жртва е прифатена од небесниот Татко. Со тоа невозможното станало возможно – Бог да покаже љубов и истовремено да биде праведен. Светиот Дух сака да ни ги отвори очите за најдрагоцената размена: Исус ја превзема целокупната вина од сите оние кои во потполност Му се довериле и им ја подарува Својата праведност. Тоа е главната наука на Светото Писмо (Библијата), оправдание со вера.
Светиот Дух ни ја покажува Божјата алтернатива
Светиот Дух исто така ни ги отвара очите дека кнезот на овој свет е веќе осуден. Сатана е исфрлен од небото, а конечниот крај допрва му претстои. Затоа ако сме во Христа, тој не ни може ништо, освен ако Бог му даде ограничено одобрение. Ако Бог и го направи тоа, тогаш тоа е за наше добро и не ги надминува нашите можности (сили) на поднесување (издржливост). („Но знаеме дека сите работи содејствуваат за добро на оние, кои Го љубат Бога, кои се повикани по Неговата намера.“ – Римјаните 8:28; „Никакво искушение не ве постигна, освен човечкото. А Бог е верен и не ќе дозволи да бидете искушувани над вашите сили, туку заедно со искушението ќе ви даде и излез, за да можете да го издржите.“ – 1-во Коринтјаните 10:13; Библија)
Божјата реч во 1-во Јованово 5:18 ни кажува: „Знаеме дека ниеден, кој е роден од Бога, не греши, туку родениот од Бога се пази себеси и лукавиот не се допира до него.“ Исус сака да нè заштити од гревот и од сатанските напади. [Оваа тема е многу добро објаснета во книгата „40 Дена молитва“ од Dennis Smith]
Од друга страна, Светиот Дух сака да ги отвори очите на сите луѓе за тоа дека доаѓа (следува) суд. Никој не може да го избегне тој суд. Секако дека не е Божја намера, укажувањето на судот да ги уплаши луѓето и со тоа да ги доведува во вера. Сепак, сознанието за доаѓањето на судот, на многу луѓе ќе им даде имплус кој ќе ги поткрене (поттикне) на промена. Бог не би бил праведен кога не би ни покажал, отворено и чесно, за алтернативата која ни стои на располагање. Тој сака да ни помогне да ја донесеме вистинската одлука.
Подарува разбирање на вистината
Светиот Дух ќе нè води низ целата вистина бидејќи Тој сака да нè ослободи од сите погрешни сфаќања, заблуди и измами. Тој и преку нас самите делува и води до вистината, за преку Божјата помош, каде тоа е неопходно, да извршиме потребна промена на правецот.
Го отвара разумот за разбирање на иднината
Светиот Дух има задача да нè запознае со она што ќе се случи во иднината. А како што можеме да прочитаме во Матеј 24-та глава од Библијата, сам Исус јасно зборувал за иднината. Но, Светиот Дух има задача да ни даде уште поголема светлина (знаење) за иднината. Ако му дадеме простор, Тој веднаш може да ни ги отвори и пророштвата. Зарем не е восхитувачки што сите седум посланија од книгата Откровение 2-ра и 3-та глава завршуваат со истиот Исусов повик: „Кој има уво, нека чуе, што им говори Духот на црквите.“ (Откровение 2:7; Библија) Така и нам, црквата во последните времиња, Исус ни го упатува овој повик, да бидеме послушни на Духот Свети. Дали навистина тоа и го правиме?
Го прави Исус величенствен за нас
Светиот Дух ќе Го прослави Исуса. Ако сме исполнети со Светиот Дух, Исус за нас постепено ќе станува сè подрагоцен и сè повеличенствен. Така во нас ќе настане ново и сè поголемо почитување кон Исуса.
Сила преку Светиот Дух
Ова укажување на службата на Светиот Дух, Исус ја кажал во Својот проштален говор. А при самата разделба го додал и уште ова: „Туку ќе примите сила кога Светиот Дух ќе слезе на вас и ќе Ми бидете сведоци како во Ерусалим, така и во цела Јудеја, и во Самарија, и сè до крајот на земјата.“ (Дела Ап. 1:8; Библија) Уште една понатамошна задача на Светиот Дух се огледува во тоа дека ни дава сила воопшто и да можеме да водиме живот на Исусови сведоци.
Силата исто така ни е потребна за, во нашето време, премногу неопходната промена во начинот на живот. Дон Макинтош (Macintosh) водач на програмата Нов почеток (Newstart Programms) во Веимар (Weimar) во САД, напишал: „Она што ни е потребно, информацијата за здравјето е поврзана со силата да го спроведиме тоа во пракса. Се работи за сила која може да нè менува.“ [David Fiedler, D ‘Sozo (Remnant Publications) Foreword] Овде се работи за силата на Евангелието, или уште подиректно – за силата на Светиот Дух.
Би можеле да нагласиме и многу други драгоцени благослови на Светиот Дух, но во овој момент тоа би било премногу, единствено е важно дека нè очекува богат Божји благослов.
Четирикратно дело на Светиот Дух
Накратко кажано: Преку Божјата Реч можеме да разликуваме четири главни подрачја на службата на Светиот Дух. Првото и второто подрачје – спознавање на гревот и спознавање на Исуса, спознавање дека ни е потребен Спасител и дека мораме во потполност да Му се предадеме – го опишуваат Неговото делување на сите луѓе. Трето и четврто подрачје – плодови на Духот и дарови на Духот – го покажуваат Неговото делување на посветените Исусови следбеници.
Елементите на пробудување спроведени на дело
Веќе долго време се молиме за пробудување, но не се работи за тоа само да се молиме за пробудување, туку, како што напишал Марк Финли (Mark Finley), елементите на пробудување да ги спроведиме на дело. [Марк Финли, „Разбуди нè повторно“]
Пробудувањето на црквата зависи од пробудувањето на секој поединец во неа. Може ли крајно сериозно да ве повикам да тргнете со чекори кон лично пробудување? Тоа многумина ќе ги води кон силен и исполнет живот.
Исус и „неразумните девојки“
Исус на неразумните девојки им рекол: „Не ве познавам.“ Поради тоа не ги пуштил да влезат на свадбата т.е. во царството Божјо, а причината била – недостаток на масло. Тоа е симбол за недостаток на Светиот Дух во нивниот живот. Е.Г.Вајт на тоа напишала: „Етикетата ‘неразумни девојки’ всушност го опишува карактерот на оние луѓе кои не доживеале вистинска промена на срцето со силата на Светиот Дух.“ [Ellen G. White, Review and Herald, 19.8.1890] Сите ние имаме грешна природа и поради тоа сме, помалку или повеќе, себични, но факт е дека и страдаме поради таа себичност. Затоа што себичните нема да влезат во царството Божјо, неопходна е промена на карактерот. Божјата Реч ни покажува дека секој може да дојде кај Исуса онаков каков што е, но исто така сознаваме дека никој не смее и да остане таков каков што е. Да наведеме само еден пример: Кога еден крадец ќе се обрати, тој не може и нема да продолжи понатаму со своето крадење.
Обратете внимание на тоа дека „петте неразумни девојки“ не Го познавале Бога поради тоа што својот живот не го довериле на делувањето на Светиот Дух.
„Нашето спасение не зависи од тоа, колку знаеме, туку од тоа кого го познаваме. („А ова е вечен живот: да Те познаат Тебе, Единствениот вистински Бог, и Исуса Христа, Кого си Го испратил; Јас се молам за нив; не се молам за светот, туку за оние, кои Ми ги даде, зашто се Твои“ – Јован 17:3.9; Библија) Она што го знаеме е важно, но без нашиот личен спасоносен однос кон Исуса, ќе бидеме заведени и на крајот изгубени. Знаењето за Бога кое е само на ниво на разумот, не е исто што и длабоката внатрешна доверба која произлегува од срцето.“ [Денис Смит, „40 Дена молитва“] Блискиот спасоносен однос со Исуса нè доведува до тоа да бидеме сè послични Нему. Тој нè води кон позитивна промена на карактерот, кон живот во полнота („Јас дојдов за да имаат живот и да го имаат изобилно.“ – Јован 10:10; Ефесјаните 3:17; Колосјаните 2:10; Библија) и кон живот во радост („Ова ви го реков за да биде Мојата радост во вас, и вашата радост да биде полна“ – Јован 15:11; Библија).
Тоа за Исуса сигурно била важна причина да ни упати толку интезивен повик на постојан карактер, постојано да се молиме за Светиот Дух.
Во делот што следува Исус ни ги покажува битните аспекти за тоа како силата на Светиот Дух го менува нашиот карактер.
Исус за Светиот Дух во параболата за квасецот
Во оваа парабола Исус ни ја покажува силата на Светиот Дух која може човекот да го препороди. Кога оваа парабола се чита, најпрво, воопшто и не се помислува дека овде би можело да се работи за Светиот Дух. Оваа парабола во Библијата е запишана во евангелието по Лука 13:20.21: „И пак рече: ‘Со што да го споредам Божјото Царство? Тоа е слично на квасот, што го зема жена и го замесува во три мери брашно, додека скисне сето.’“
Квасецот се користи при подготвување и печење на различни видови на леб. Ако квасецот се додаде во брашното, тоа предизвикува процес на ферментација, а ферментацијата предизвикува тестото да биде помеко. Со тоа се прави лебот да биде пријатен за нашиот вкус.
Исус со оваа слика сака да ни објасни одредени принципи на Божјото царство. Суштината е во величенствениот процес кој започнува како мал, но потоа води кон еден воодушевувачки крај бидејќи на крајот пишува: додека скисне сето. Исус сака наместо себичноста во нас да го вгради Својот живот на несебична љубов.
Е.Г. Вајт пишува: „Вистинскиот доказ дека Бог во нашата средина прави вистинско пробудување ќе биде промената која ќе се случи во нашите животи.“ [Ellen G. White, Das bessere Leben]
Мислам дека овде Исус, од една страна, сака да го покаже влијанието на Евангелието на светот, кое започнало како мало дело, но на крајот ќе продре во целиот свет.
Од друга страна, ни покажува, како Боженствената сила на Светиот Дух делува во нашиот живот, бидејќи во Лука 17:20.21 Тој ни кажува: „…’Божјото Царство не доаѓа така, за да може да се види; ниту ќе се рече: ‘Еве го тука, или онаму!’ – зашто, ете, Божјото Царство е во вашата средина.’“
Божјото царство тогаш било помеѓу нив во личноста на Исуса Христа. Исус го персонификува (олицетворува) Божјото царство, а сатаната царството на злото. Царството Божјо започнува во нас, прифакајќи Го Исуса за наш Господ и спасител („А на сите кои Го примија, им даде власт да станат Божји деца, на оние кои веруваат во Неговото име.“ – Јован 1:12; „Еве, стојам на вратата и чукам; ако некој го чуе Мојот глас и ја отвори вратата, ќе влезам при него и ќе вечерам со него, и тој со Мене.“ – Откровение 3:20; Библија) Ако останеме во Него и Тој во нас, тогаш со Неговото доаѓање за нас започнува видливо Божје царство. Сепак, во овој момент ќе го разгледуваме развојот на Божјото царство во нас преку Исусвото престојување во нас. А Исус може да престојува во нас само преку Светиот Дух. Постои и друг важен факт во оваа парабола.
Силата која менува делува тивко
Квасецот е: „Слика на преобразувачката сила на Божјата милост која препородува… Оваа обновувачка сила мора да дојде од Бога; само Светиот Дух може да постигне таква промена.“ [Елена Вајт, „Христовите параболи“]
Овде се работи за една внатрешна сила која продира низ сè и може целосно да препороди. На тој начин Бог сака позитивно да го промени нашиот карактер. Оваа промена на карактерот е многу важен сигнал. Да повторам: „Првиот доказ дека Бог во нашата средина прави вистинско пробудување ќе биде промената која ќе се случи во нашите животи.“ [Ellen G. White, Das bessere Leben]
Светото Писмо (Библијата) ни покажува дека првото примање на Светиот Дух понекогаш било пропратено со видливи или чујни манифестации.
„Квасецот е слика на преобразувачката сила на Божјата милост која препородува… Оваа обновувачка сила мора да дојде од Бога; само Светиот Дух може да постигне таква промена.“
Но промената на нашиот карактер, под услов да сме исполнети со Светиот Дух, се случува потполно тивко сè додека еднаш не сфатиме дека кај нас се променило нешто во позитивна смисла.
„Квасецот, кој е невидливо прикриен во брашното, продира и скиснува сè. Исто така незабележливо, тивко и континуирано, Светиот Дух сака да делува во нашиот живот. Под Неговото влијание природните склоности се ублажуваат и победуваат. Освен тоа, се всадуваат нови мисли, нови чувства и нови побуди, а нашата духовна сила се насочува на нови патишта. Совеста се буди, на нашиот карактер му се даруваат нови сили, кои нè оспособуваат да служиме на Бога на правилен начин и потполно верно.“ [Елена Вајт, „Христовите параболи“]
Зошто нашиот Бог нè менува така тивко, така незабележително, сè додека не го забележиме резултатот? Дали за промена е потребно време на тишина, како и за повторното оживување на природата после зимата? Силните дрвја, како на пример, дабот, по правило растат полека. Дали Бог на тој начин, исто така проверува, дали навистина копнееме за Светиот Дух? Дали Бог на тој начин ја испитува нашата вера?
Силата која го менува нашиот карактер мора да дојде однадвор.
Таа не се наоѓа во нас самите.
Прво мораме да сфатиме: „Човекот не може сам од себе да се промени и покрај големите напори на волјата бидејќи неговата сила едноставно не е доволна за тоа. Пред брашното да се промени во својата внатрешност, мора да му се додаде квасец т.е. нешто што доаѓа сосема однадвор.“ [Елена Вајт, „Христовите параболи“] Ова е сосема одлучувачка точка бидејќи овде Исус ни укажува дека за промена на карактерот ни е неопходна сила која доаѓа однадвор. Зарем при такви одлучувачки нешта не помислуваме на Исусовите зборови: „Зашто без Мене не можете да направите ништо.“ (Јован 15:5; Библија)
Ова Исусово важно предупредување се наоѓа во директна спротивност со најголемиот дел од она што денес се учи. Сеедно, дали во хуманизмот, езотеријата, човечката филозофија, или во некои подрачја на педагогијата, секогаш одново се нагласува дека силата за нашиот развој се наоѓа во нас самите, само е потребно на овој или оној начин да ја пробудиме. Овде повторно ја гледаме заблудата на последното време. Да размислиме малку за поимот „самореализација“. Апостол Павле пишува за себе, а тоа важи и за сите нас: „Зашто јас знам дека никакво добро не живее во мене…“ (Римјаните 7:18; Библија) Каков резултат на „самореализација“ би можело да биде под вакви околности? Тоа можеме да го прочитаме во Второто послание до Тимотеј 3:1-8: „…во последните денови ќе настанат тешки времиња.“ (Библијата) Себичноста владее. Кај нас не станува збор за „самореализација“ туку за Христова реализација. Се работи за тоа дека Христос преку Светиот Дух живее во нас и нè менува на позитивен начин.
Една сестра, после читањето на брошурата „Чекори“ напиша: „Тоа е едноставно величествено. Мојот личен став кон Исуса стана многу појасен, во Него ја најдов својата вистинска вредност.“
Ние во себе не ја поседуваме неопходната сила за промена на карактерот, таа мора да дојде однадвор. Поради таа причина Исус така јасно го насочува нашето внимание во евангелието по Лука 11:9-13, на тоа да се молиме за Светиот Дух, всушност, континуирано да се молиме за Него. Исус во Својот земски живот секојдневно примал Свети Дух, затоа за нас тоа е уште понеопходно.
Кога размислувам за тоа што ни дарува Бог преку Светиот Дух секојдневно, тогаш помислувам дека тој наш прекрасен Бог секое утро сака да нè прегрне.
Е.Г. Вајт во врска со оваа парабола го пишува следново: „Целокупното воспитување и образование коешто светот може да го понуди не може едно паднато дете во гревот да го промени во дете за небото. Преобразувачката сила мора да дојде од Бога; само Светиот Дух може да постигне таква промена. Секој кој сака да биде спасен, сеедно дали е на висока или ниска позиција, дали е богат или сиромашен, мора да се покори на делувањето на оваа сила.“ [Елена Вајт, „Христовите параболи“]
Ова сознание има важно практично делување. Може ли жената да го промени карактерот на својот маж или обратно? Сигурно дека не. Но сега многу подобро ги разбирам Божјите упатства запишани за брачните парови: „Така и вие, жените, бидете им покорни на своите мажи, та ако некои не му се покоруваат на словото, да бидат придобиени без слово, со однесувањето на своите жени, кога ќе го видат вашето поведение во страв и чистота.“ (1-во Петрово 3:1.2; Библија) Во стих 4 се зборува за „срцето на скриениот човек, во постојаност и тих дух, што е драгоцено пред Бога.“ (1-во Петрово 3:4; Библија)
Под одредени околности мораме да се запрашаме: Какво влијание имале досега моите зборови? Ако живееме во „љубезно и добро срце“ (стих 4) и се молиме преку Светиот Дух за сопруга (сопруг, дете), тогаш можеме да гаеме и големи очекувања. Од нас се бара да се молиме на Бога во Духот Свети. („А вие, возљубени, изградувајте се себеси врз вашата пресвета вера, и молете се во Светиот Дух.“ – Јуда 1:20; Библија) Некој целиот среќен пред кратко време напишал: „Кога потполно се прададов на Исуса, Бог мојот живот го промени целосно за само месец дена.“
Зарем тогаш не би требло ова сознание многу повеќе да се земеме во обзир во процесот на воспитување? Е.Г. Вајт напишала: „Учете ги своите деца дека за нив е голема предност секој ден да примаат крштевање (исполнување) со Светиот Дух.“ [Ellen G. White, Child Guidance, 68.4] Зарем да не ги учиме и малите деца да се молат: „Татко небесен, помогни ми денес да те следам во сè и дај ми го Духот Твој Свети.“
Винстон Черчил (Winston Churchill), премиер на Велика Британија, за време на Втората светска војна, наводно еднаш рекол: „Ги совладавме сите нешта освен еден исклучок, а тоа е човекот.“ Да, тоа е така. Човек не може да се промени од основата само со едноставно влијание однадвор. Затоа е неопходно потребна сила одозгора. Се работи за Божјата сила, која само преку Светиот Дух може да биде делотворна во нас.
Според тоа, да утврдиме: „Преобразувачката сила која го менува нашиот карактер мора да се прифати однадвор. Освен тоа, Божјата Реч – Библијата ни укажува дека внатрешниот човек се обновува од ден во ден („Затоа не се истоштуваме, па и ако се распаѓа нашиот надворешен човек, внатрешниот се обновува од ден на ден.“ – 2-ро Коринтјаните 4:16; Библија). Тоа е толку одлучувачки така што е потребно секојдневно, веднаш наутро, да се молиме во вера за да би Го примиле Светиот Дух.
Светиот Дух го започнува своето делување во нашето срце и потоа делува надвор
Уште една исклучиво важна поука, која Исус ја кажал за Светиот Дух во параболата за квасецот е следнава: „Кога квасецот е помешан со тестото, тој делува одвнатре кон надвор. Исто така милоста Божја го менува нашиот животен пат, обновувајќи го нашето срце. Само надворешната промена не е доволна за некој да би се помирил со Бога. Многумина се обидуваат да се променат откажувајќи се од некоја лоша навика надевајќи се дека така ќе станат христијани, што е погрешен почеток. Ние мораме да започнеме со промена на срцето.
Само да се исповеда наука или да се прими вистината во срцето се две сосема различни работи. Само чистото познавање на науката не е доволно, ние можеме да го поседуваме тоа познавање, а насоката на нашите мисли да не се менува. Срцето мора да се обрати и да се посвети. Кој се обидува да ги држи заповедите од чувство на одговорност, бидејќи од него тоа се бара или очекува, никогаш нема да доживее радост, која ја донесува послушноста. Тој, всушност, и не е послушен. Додека Божјите заповеди ги сметаме како товар, бидејќи тие се спротивни на нашите човечки склоности, дотогаш ние воопшто не водиме христијански живот. Вистинската послушност доаѓа одвнатре.“ [Елена Вајт, „Христовите параболи“]
Ралф Лутер (Ralph Luther) за тоа пишува: „Исус со одлучни зборови отфрлува да го признае за верност чистото надворешно религиозно држење, кое не го менува практичниот живот од корен.“ [Ralf Luther, S.71.f, O.S. von Bibra. Der Name Jesus (Wuppertal, 1964) 98]
Во книгата „Копнежот на вековите“ читаме: „Светиот Дух е здив на духовниот живот во душата. Давање на Духот е давање на Христовиот живот. Тој го исполнува примателот со Христови особини. Само оние кои се така поучени од Бога, во кои делува Светиот Дух и во чиишто живот се изразува Христовиот живот, треба да стојат како претставници на луѓето и да служат за доброто на црквата.“ [Елена Вајт, „Копнежот на вековите“]
Од овие драгоцени Христови поуки за Светиот Дух можеме да го заклучиме следново:
- Силата која менува делува преку Светиот Дух сосема незабележително, често забележиме дури од резултатот на тоа делување.
- Силата која го менува животот мора да дојде во нашиот живот однадвор.
- Силата која менува своето делување го започнува во нашето срце, а оттаму делува кон надвор.
Топло ја препорачувам книгата „Христовите параболи“. Оваа книга ми помогна многу.
Исусова последна порака: „Слушајте Го Светиот Дух“
Дали знаеме која е Исусовата последна порака која ја изрекол на Својата Црква во последното време од Својата небесна слава?
„Кој има уво, нека чуе, што им зборува Духот на црквите!“ (Откровение 3:22; Библија) Исус го повикува секого од нас да бидеме послушни на Светиот Дух, а ние тоа сакаме и да бидеме.
Промени ме мене!?
Дали Исус може и мене така да ме промени? Ќе земеме за пример една прекрасна уметничка слика. Нејзината вредност не доаѓа пред сè од составот на употребениот материјал. Само малку боја, која можеби е и со мал квалитет, може во рацете на добриот мајстор да формира скапоцена слика. Ние поседуваме грешна природа, но важно е и тој „материјал“ да се обработи во рацете на големиот Уметник.
Исус има и желба и можност тоа да го направи. Тој може од тебе и од мене да направи нешто за слава на Себе. Предавајте се доброволно во Неговите раце секојдневно, со целосна приврзаност, и молете се во вера за Светиот Дух. Ќе бидете воодушевени, што сè Тој може да направи за вас и преку вас.
Еве со тоа и уште една илустрација… Еден стар човек просејќи свирел на својата виолина на лондонскиот мост. Во неговиот стар шешир се наоѓале само неколку железни пари кога поминал некој човек, кој одеднаш се вратил и му рекол: „Дајте ми ја малку вашата виолина.“ На истата виолина засвирил толку убаво така што сите луѓе застанале и слушале. На тој начин предизвикал вистински хаос во сообраќајот. Поминувачот се викал Николо Паганини, најголемиот виолинист за своето време. И вие имате избор, или сами во својот живот „ќе свирите на виолината“ или ќе ја дадете во рацете на големиот Мајстор.
Молитва: „Татко Небесен, Ти благодарам за искрениот Исусов повик да се молам за Светиот Дух. Жал ми е за губитокот кој настанал поради недостаток на Светиот Дух. Потребна ми е Неговата божествена подршка за Исус да биде поголем во мојот живот. Не постои ниту едно подрачје во мојот живот во кое Неговата помош не ми е потребна. Ти благодарам што Светиот Дух може да го промени мојот карактер и така да ме направи соодветен за небесното Царство. Се предавам на Тебе со сè што сум и што имам. Ти благодарам што ме прифаќаш и благословуваш. Те молам помогни ми да растам во спознавањето на Светиот Дух. Амин!“