Alozo. T. Jones
Објавени во продолженија во списанието „Review and Herald“
2.3 Лекции за верата (трети дел) – 3 јануари 1899.
Вера е очекување дека Божјиот збор ќе го направи тоа што го кажува и потпирање на тој збор дека ќе го направи тоа што го кажува.
Кога тоа е јасно разбрано, совршено е лесно да се види како „верата е тврда увереност во она на кое се надеваме и убедување за нештата, што не се гледаат.“ (Евреите 11:1)
Бидејќи Божјиот збор е проткаен со создавачка сила, затоа е во состојба да го произведе она што истиот тој збор го кажува, и бидејќи верата е очекување дека самиот збор ќе го направи тоа што го кажува и потпирање на „само збор“ дека ќе го направи тоа што го кажува; јасно е дека верата е тврда увереност во она на што се надеваме.
Бидејќи Божјиот збор е создавачки сам по себе и затоа е во состојба да произведе и направи да се појави она што инаку никогаш не би постоело ниту би се видело; и бидејќи верата е очекување дека само Божјиот збор ќе го направи токму тоа и потпирање дека „само збор“ ќе го направи тоа, од ова е доволно дека верата е „убедување за нештата, што не се гледаат.“
Затоа „преку верата разбираме дека вековите се создадени со Божји збор и дека од невидливото произлегло видливото.“ (Евреите 11:3)
Оној кој покажува вера знае дека Божјиот збор е создавачки и дека е во состојба да го произведе она што е изговорено. Заради тоа тој разбира (сфаќа), а не да погодува, дека световите настанале, почнале да постојат преку Божјиот збор.
Оној кој покажува вера може да разбере дека пред да бил изговорен Божјиот збор, ништо од она што денес гледаме не било, па дури ни материјата од која се составени работите, едноставно затоа што сето тоа не ни постоело. Но, кога зборот бил изговорен, настанале световите, едноставно затоа што самиот збор предизвикал нивно настанување.
Во тоа е разликата помеѓу Божјите и човечките зборови. Човек може да говори, но во неговите зборови нема сила да се оствари она за што зборува. Ако треба да се оствари она за што проговорил, човекот мора да направи (уште) нешто освен изговарање на зборови – мора да го оствари својот збор.
Но, тоа не е случај со Божјиот збор.
Кога Бог зборува, работата настанува. И тоа се случило едноставно затоа што Тој проговорил. Се остварува тоа што сакал да го каже. На Господ не му е потребно, како што на човекот му е потребно, покрај зборот што го изговорил да мора уште нешто да направи за да би се остварил (тој збор). Бог не мора да го остварува својот збор; тој е остварен. Бог кажува само збор и тоа што треба се остварува.
Затоа е и запишано: „ И затоа и ние Му благодариме на Бога постојано зашто, примајќи го Божјото слово, што сте го чуле од нас, го примивте не како човечко слово, туку како Божјо слово – какво е навистина – кое и дејствува во вас, кои верувате.“ (1-во Солунјаните 2:13)
Ова е причина зошто „не е можно Бог да излаже“ (Евреите 6:18). За Бог е невозможно да лаже не само затоа што Тој тоа не го сака, туку затоа што Тој тоа не го може. Тој не лаже едноставно затоа што не може. Тоа е невозможно за него. Невозможно е, бидејќи кога тој прозборува, во изговорениот збор е создавачка сила, така што самиот збор прави нешто да се случи.
Човек може да изговори збор, но ништо не се случува. Затоа човек може да лаже, бидејќи изговарајќи го она што не е, значи дека лаже. Човек може да лаже, може да каже она што не е така, затоа што во неговиот збор нема сила да предизвика појавување на нешто. Кај Бог тоа е невозможно; Тој неможе да излаже, бидејќи „Тој рече и се стори“; Тој зборува и така и бива.
Исто така, кога Божјиот збор е изговорен за некое одредено идно време, како на пример во пророштвата и тоа стотина години порано, кога тоа време ќе дојде, тој збор се исполнува. Притоа, се остварува не бидејќи, независно од (изговорениот) збор Бог прави нешто да го исполни, туку бидејќи зборот кој бил изговорен за тоа време, а во него е создавачка сила која предизвикува зборот во тоа време да го создаде она што било изговорено.
Значи, дури и децата да не извикувале „Осана синот Давидов“, камењата веднаш би почнале да викаат. Така било и кога дошол третиот ден (воскресението), било „невозможно“ смртта да го задржи Исус.
О, зборот Божји е боженствен! Во него е создавачка сила. Таа е „жива и делотворна“ (Евреите 4:12). Божјиот збор е само-исполнувачки; верувајќи и потпирајќи се на него, тоа е покажување вера.
Имате ли вера?
(продолжува)