„А плодот на Духот е: љубов, радост, мир, долготрпеливост, благост, добрина, верност, кротост, воздржливост. Против такви нема закон. Оние, пак, кои се Христови, го распнаа телото свое со страстите свои и похотите. Ако живееме со Дух, по Духот сме должни и да постапуваме. Да не бараме лажна слава, еден друг да не се предизвикуваме, еден на друг да не си завидуваме.“
Ние имаме видено само нешто од сите зла и измами на телесните дела. Но, благодарение на Господ, постои подобра слика.
Духот Божји, којшто, во Неговата полнота, сака работи противни на телото, слободно му се дава на секој верник, така што во оној што е воден од Божјиот Дух, телото не може да ги прави работите што би сакало да ги прави. Во таквиот, Божјиот Дух владее и во животот предизвикува да се појави „плодот на Духот“, наместо „делата на телото“.
И покрај тоа што е вистина „дека оние што го прават тоа“ како такви како што се опишани во списокот на делата на телото, „нема да го наследат царството Божјо“, сепак во дарот на Светиот Дух, преку благодатта Христова, Бог направил целосна одредба со која секоја душа, и покрај сите страсти, похоти, желби и склоности на телото, да може „да го наследи царството Божјо“.
Во Христа, битката се водела во секоја точка, а победата е завршена. Тој самиот бил создаден од тело – истото тело и крв како оние за кои Тој дојде да ги откупи. Тој беше направен како сите овие нешта; Тој „беше искушуван во сè, како и ние“. (ДП) Ако во било што тој не бил „како и ние“, тогаш, во тоа Тој не би можел да биде искушуван „како и ние“.
Тој „сочувствува со нашите слабости, бидејќи Тој „беше искушуван во сè, како и ние“. Кога бил искушуван, ги почувствувал желбите и склоностите на телото, токму како што ги чувствуваме кога сме во искушение. Зашто, „секого го искушува неговата сласт која го влече [сопствените желби и склоности на телото] и мами.“ Јаков 1,14. Сето ова Исус можел да го искуси без грев, затоа што не е грев да се биде искушуван. Само „откако ќе зачне“, кога желбата е негувана, кога склоноста ќе се одобри – само тогаш „раѓа грев“. И Исус никогаш, дури и во мислата не негувал желба или одобрување на телесната склоност. Така, во такво тело како нашето, Тој беше искушуван во сите работи како што сме и ние искушувани, а сепак бил без дамка на гревот.
И така, преку божествената сила што се добива преку верата во Бога, Тој, во нашето тело, го гаснел целосно секој импулс на тоа тело и ефективно ја убивал секоја желба на телото во својот корен, и така „Тој го осуди гревот во телото“. И со тоа, Тој донел целосна победа и божествена моќ за секоја душа во светот да го одржи тоа. Сето ова Тој го направи „за да се исполни заповедта на Законот во нас, кои живееме не по телото, туку по Духот.“
Оваа победа во својата полнота е бесплатна за секоја душа во Христа Исуса. Тоа се прима преку вера во Исус. Тоа е постигнато и одржувано преку „верата во Исус“, која Тој ја изврши совршено и ја даде на секој верник во Него. Зашто „ова е победата што го победи светот – верата наша.“
Тој „со телото Свое го уништи непријателството“ кое го одделувало човештвото од Бога. Ефесјаните 2,15. За да го направи тоа, Тој го зел телото и морал да го земе телото во кое постоело непријателството. И „со телото Свое го уништи непријателството“, „за да создаде“ – за да може да се создаде – „во Себе од двата“ – Бог и отуѓениот човек – „еден нов човек, воспоставувајќи мир.“
Тој „со телото Свое го уништи непријателството“ со цел „и обата“ – и Евреите и незнабошците (целото човештво кое е потчинето на непријателството) – во едно тело да ги помири со Бога преку крстот, откако го уништи непријателството во себе.“ Ефесјаните 2,16. Со тоа што бил во „телото Свое“, „Непријателството“ било во Него. И таму во „своето тело“ Тој Го уби и го укина. И Тој можел да го стори тоа само преку вистинско пребивање во телото Свое“.
Така, Исус го зеде врз Себе проклетството во сета своја полнота, токму како што проклетството е над човештвото. Ова го стори со тоа што „поради нас стана проклетство“ но „проклетството, без причина, не се исполнува“ и никогаш и не би дошло. Причината за проклетството е гревот. Поради нашите гревови, Тој за нас бил проклетство. И да се сретне со проклетството како што е на нас, Тој морал да го сретне гревот како што е во нас. „Зашто Оној, Кој не знаеше грев, Бог за нас Го направи грев, та преку Него да станеме праведност Божја.“ 2. Коринтјаните 5,21.
И покрај тоа што Тој се поставил себеси во целосно истиот голем хендикеп како и целото човештво – направен во сите нешта како нас и така „беше искушуван во сè, како и ние“ – но сепак ниту една тенденција или склоност на телото не била дозволена ни со најмало признавање, дури ни во мислата; но секој од нив ефективно бил убиен во коренот со Божјата сила, која, преку божествената вера ја донел до човештвото.
И така, „бидејќи децата се учесници во телото и крвта, така и Тој зеде еднакво учество во тоа, та преку смртта да го победи оној што ја има власта над смртта, односно ѓаволот; па да ги ослободи оние што од страв пред смртта преку целиот живот беа подложени на ропство. Зашто јасно е дека Тој не дојде да им помогне на ангелите, туку на Авраамовите потомци; затоа Тој мораше во сè да личи на браќата, па да биде милостив и верен првосвештеник пред Бога, за да ги очисти гревовите на народот. Зашто во она, што Сам претрпе, откако беше искушан, во тоа ќе може и на искушуваните да им помогне.“ Евреите 2,14-18.
И оваа победа што Христос ја изврши во човечко тело е донесена од Светиот Дух за спасување на секого кој денес е во човечко тело и верува во Исус. Зашто, преку Светиот Дух, самото присуство на Христос доаѓа до верникот, бидејќи Неговата постојана желба е „да ви даде, по богатството на Својата слава, сила да се утврдите преку Неговиот Дух во внатрешниот човек, и преку верата Христос да се всели во срцата ваши, та вкоренети и утврдени во љубовта да можете да разбирате со сите светии што е ширина и должина, што е длабочина и височина, и да ја осознаете Христовата љубов што го надминува секое знаење, за да се исполните со сета полнота Божја.“ Ефесјаните 3,16-19.
Така, избавувањето од вината за гревот и од силата на гревот која триумфално го држи верникот во сите похоти, тенденциии и склоности на неговото грешно тело, е преку силата на Божјиот Дух – ова е денес направено од страна на личното присуство на Исус Христос во човечкото тело на верникот, токму како што било направено во личното присуство на Христос во човечко тело пред илјада осумстотини и седумдесет години.
Христос е истиот секогаш – „Тој е истиот и вчера и утре и во вечноста.“ Евангелието на Христос е исто секогаш – исто и вчера и утре и во вечноста. Евангелието на Христос денес е исто како што било пред илјада осумстотини и седумдесет години. Тогаш „Бог, Кој се јави во тело“ а денес тоа е исто – Бог се јавува во истото тело, телото на грешниот човек, грешното тело, каква што е и неговата природа.
Тоа Евангелие е „дека Христос живее во вас“, – Христос во вас какви што сте, грешни, полни со грев и сè друго; зашто Тој се даде Себеси за нашите гревови и за нашата грешност. И вие, такви какви што сте, Христос ве откупи и Бог ве прифати во Него. Тој те прими каков што си, и Евангелието „Христос во вас, надеж на славата“, те носи под владеењето на Божјата благодат и преку Духот Божји те прави подложен на силата Христова и Божја, за да „плодот на Духот“ се појави во тебе, наместо „делата на телото“.
И плодот на Духот е –
ЉУБОВТА – љубовта кон Бога, која е пролеана во срцето преку Духот Божји. И наместо да дозволиме омраза, или било кој од нејзините приврзаници, дури и во мисла, никој никогаш нема да може да ви направи нешто, со што може да предизвика нешто друго освен да го љубите. Зашто оваа љубов, љубовта кон Бога, е иста „вчера, и денес, и во вечни векови“ и не сака да биде наградена, едноставно само заради љубовта; таа љуби едноставно затоа што е љубов, и поради тоа што е само љубов, таа и не може ништо друго да прави.
СРЕЌА е „пламената среќа што произлегува од сегашното или очекуваното добро“. (Studies in the Book of Galatians – Страна 181). Но, во овој случај, алтернативата „или“ е исклучена, зашто оваа радост е пламената среќа што произлегува од сегашното и очекуваното добро. Според тоа, таа е вечно присутна и вечно се очекува. И затоа тоа е „радосно задоволство“.
МИР – совршен мир кој владее во срцето – „мирот Божји, што (го) надвишува секој ум“, и кој „ќе ги запази вашите срца и вашите мисли“ на оној што го има.
ДОЛГОТРПЕЛИВОСТ, БЛАГОСТ, ДОБРИНА, ВЕРНОСТ – Оваа верност – на грчки – „pistis“, значи „цврста убеденост; убедување кое се темели на доверба, НЕ на знаење [верата на „срцето“ не на главата; на Христос, а не на кредо/догма], цврста потпирлива доверба негувана преку убеденост и давање на отпор кон спротивставените контрадикции.“ Така, Божјиот Дух го ослободува човекот од потчинетоста на неговите страсти, похоти и навики, и го прави слободен човек, господар на себе.
„Против такви нема закон.“ Божјиот закон е против гревот и ништо друго. Во човечкиот живот Божјиот закон е против сè што не е плод на Божјиот Дух. Затоа, очигледно е дека се во човечкиот живот што не е плод на Божјиот Дух е грев. И ова, кажано на друг начин, е вечната вистина дека „сè што не е според верата, грев е.“
Затоа, „Ако живееме со Дух, по Духот сме должни и да постапуваме.“ И бидејќи живееме со Дух и одиме во Духот, „Да не бараме лажна слава, еден со друг да не се предизвикуваме, еден на друг да не си завидуваме.“ Тоа не смееме и не можеме да го правиме.
A. T. Jones
Advent Review and Sabbath Herald, Oct. 2, 1900